Што велат 5 познати духовни учители за болеста осаменост?

Осаменоста е болеста на модерното време. Дури и медицинските истражувања предупредуваат дека осаменоста може да претставува поголем ризик од пушењето и дебелината. Таа е духовна болест којашто претставува недостаток од многу важен вид комуникација, нешто што технологијата не може да ви го овозможи. Кога ќе ги разгледате размислувањата на некои од најпознатите духовни водичи за овој проблем, ќе ви стане појасно што ја предизвикува осаменоста, но и како да се ослободите од неа.

Што велат 5 познати духовни учители за болеста осаменост?

1. Пауло Коелјо

Коелјо, авторот најпознат по неговата книга „Алхемичарот“ (The Alchemist) е човек што искусил многу осаменост во својот живот. Па, затоа и осаменоста е често главна тема на неговите книги. Тoj зборува за нејзината динамика и парадоксот дека понекогаш сме сами и не го сакаме тоа, а понекогаш имаме потреба да бидеме сами. Овој извадок од неговата книга „Прељуба“ (Adultery) дава приказ за неговата перспектива.

„Тоа е осаменост. Иако сум опкружен од сакани кои се грижат за мене и кои ми го мислат само најдоброто, можно е да се обидуваат да ми помогнат бидејќи и тие го чувствуваат истото – осаменост.

Иако мозокот вели дека сè е во ред, душата е изгубена, збунета, не знае зошто животот е нефер кон неа. Но сè уште се будиме наутро и се грижиме за нашите деца, за нашиот сопруг, за нашиот љубовник, за нашиот шеф, за нашите вработени, за нашите ученици, за оние луѓе кои го оживуваат обичниот ден.

И често имаме насмевка на нашето лице и охрабрувачки збор, бидејќи никој не може да му ја објасни осаменоста на друг, особено кога сме постојано во добро друштво.

Но осаменоста постои и ги јаде најдобрите делови од нас бидејќи мораме да ја користиме целата енергија за да изгледаме среќно, иако никогаш нема да можеме да се излажеме себеси.

Но инсистираме секое утро да ја покажеме само ружата што цвета и го чува трнливото стебло кое нè повредува. Дури и кога знаеме дека сите во некој момент се почувствувале целосно осамени, срамно е да кажете: ‘Осамен сум, ми треба друштво.’“

Пауло Коелјо истакнува дека осаменоста има неколку функции во животот и ни служи како предупредување и како одмор.

2. Екарт Тол

Екарт Тол, авторот на познатата книга „Моќта на сегашниот миг“ (The Power of Now) има зборувано многу за феноменот осаменост. Тој ја нуди својата перспектива за тоа зошто денес осаменоста е толку распространета.

„Никогаш немало поосамени луѓе од сега. Осаменоста е можеби релативно нов феномен за човештвото. Во минатото идентитетот на некого бил племенски и ако ве избркале од племето би умреле. Не само физички, би умреле и психички.

И подоцна кога веќе немало племиња туку социјални групи, оние осамени аутсајдери често биле луѓето од кои потекнувале откритијата бидејќи биле присилени да одат подлабоко. Оние кои не се совпаѓале поради која било причина, оние кои биле толку осамени што биле присилени да се нурнат во вертикалната димензија наместо да бараат некое решение на хоризонталната, повеќе врски, или што било. Па, има голема можност во осаменоста.

И преку прифаќањето можете да кажете дека осаменоста се претвора во самотија. Самотијата значи да бидете сами, а може да биде навистина убаво да бидете сами.“

3. Муџи

Духовниот лидер роден во Јамајка поставил многу важно прашање: „Можете ли да бидете сами?“ За да ја разберете и промените вашата врска со осаменоста, тој ве охрабрува прво да бидете целосно сами за да почувствувате што се случува во вашата душа.

„Заборавете на обидите да бидете едно со што било. Прво бидете целосно сами. Одете по спротивниот пат, бидете целосно сами. Не барајте поддршка од ништо само на момент. Само на момент видете како е да сте сами со себе. Не поврзувајте се со ништо. Дојдете на ова место за да бидете потполно сами и да видите дали сте во парализирана состојба. Прво дојдете на ова место.“

4. Тич Нат Хан

Будистичкиот свештеник од Виетнам е автор на неколку дела, вклучувајќи го и „Вие сте овде: Откривање на магијата на сегашниот момент“ (You Are Here: Discovering the Magic of the Present Moment). Ова дело можеби најдобро ги претставува корењата на осаменоста. Тој разговара за идејата дека мораме да се вратиме кај себе за да најдеме мир и среќа.

„Штом сме дома, повеќе не се чувствуваме осамено. Дома е местото каде што осаменоста е среќа. Но каде е дома? Тоа е внатре во себе, тоа е остров, место во нас каде што мораме да се вратиме за да бидеме среќни. Многу од нас заборавиле како да го понесат ова место во секојдневниот живот, а поради ова се оддалечуваме со секоја комуникација.“

Покрај тоа, тој нуди објаснување за тоа зошто технолошката поврзаност и припадноста на некоја група не секогаш го намалуваат чувството на осаменост. Не сме поврзани со себе.

„Осаменоста е болеста на нашето време. Се чувствуваме многу осамено, дури и ако сме опкружени со многу луѓе. Осамени сме заедно. И во нас има вакуум со кој не се чувствуваме удобно, па се обидуваме да го исполниме поврзувајќи се со други луѓе. Веруваме дека кога ќе се поврземе со други чувството на осаменост ќе исчезне. Технологијата ни дава многу направи за поврзување. Секогаш сме поврзани, но продолжуваме да се чувствуваме осамено.

Ја употребуваме технологијата обидувајќи се да го отстраниме чувството на осаменост, но неуспешно.

Во секојдневниот живот не сме поврзани со себе. Одиме, но не знаеме дека одиме. Таму сме, но не знаме дека сме таму. Живи сме, но не знаеме дека сме живи. Се губиме, не сме ние.

Како ќе се поврзете со друга личност кога не можете да се поврзете со себеси?“

5. Дипак Чопра

Авторот го споделил своето мислење за оваа тема и дал предлози за лекување.

„Лекувањето на осаменоста бара многу повеќе од друштво. Како што најверојатно имате искусено, можете да се чувствувате осамено сред толпа, на забава или со група пријатели. Коренот на осаменоста не е отсуство на други луѓе, туку внатрешно отсуство – немате центрирана свесност за вашето вистинско јас.

Вашето вистинско јас е вашиот дух кој е бесконечен и вечен. Неговите квалитети се љубов, сочувство, радост, креативност, интуиција. Кога ќе бидете свесни за вашето вистинско јас, ќе се чувствувате сакано и поврзано без разлика дали сте на полн стадион или дома сами. На најосновно ниво, друштвото во кое уживате најмногу сте вие. Осаменоста од друга страна, е негативно чувство за вашето друштво, па барате од другите да го исполнат тој недостаток.

Чувствувањето внатрешен недостиг е речиси универзално. Тоа е резултат на ограничена свест која не гледа подалеку од границите. Колку повеќе ги браните овие граници, толку повеќе ви е страв и се намалува вашата сигурност. Осаменоста е само еден симптом. Кога вашата свест е ограничена, навистина е лесно да се изгубите во драмата на егото. Во погрешен обид да се чувствува безбедно, егото се потпира на другите луѓе не сфаќајќи дека љубовта е нашата неопходна природа. Оваа битка е причина за осаменост и болка.“

Овие едноставни совети ќе ви помогнат да се справите со духовната осаменост.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

  1. Zoki Reply

    Интересен пост, но не се слагам со констатацијата дека Осаменоста е болест, ниту пак со повекето “совети” од горенаведените “Гуру-а”. Поготово со Пауло Куељо.
    Прво, ако човек е сам, не значи дека е осамен.
    Второ, душата не е никогаш збунета, напротив, во секој момент знае што прави што сака и што ке се случи, само ние не сме доволно духовно развиени да тоа го почувствуваме.
    Трето, душата е највесела и во свој елемент, кога е исполнета со тишина, а тоа не се постигнува во друштво. И за сега последно
    Четврто, сите големи мислители, филозофи, духовни учители поголемиот дел од времето го поминувале “сами” според постов “болни”, а сепак многу мудри.

Остави коментар