Работи поради кои сами сте виновни што не им се допаѓате на луѓето

Работи поради кои сами сте виновни што не им се допаѓате на луѓето

Дали некогаш сте запознале некоја личност која едноставно не ви се допаднала и тоа без некоја посебна причина? Веројатноста е да, а причината постои, иако не ви е очигледна. Одредено однесување на луѓето, колку и да е во ред во целосна смисла на зборот, може да има и негативен ефект врз вас, без да сте свесни за точната причина поради која ви побудува таква реакција. Логиката позади ова стои во објаснувањето дека луѓето често одат во крајности, а следниве неколку работи се добар пример за тоа.

(4)-raboti-poradi-koi-sami-ste-vinovni-shto-ne-im-se-dopagjate-na-lugjeto-kafepauza.mk

Споделување премногу фотографии на Фејсбук

Споделувањето премногу фотографии на Фејсбук може да делува сосема спротивно од намената која ја има. Наместо да им се допаднете на луѓето, веројатноста е дека ќе почнете да ги нервирате. Не само што никој не сака кога „шетајќи“ низ Фејсбук постојано налетува на фотографии од само една личност, туку и факт е дека различни луѓе многу различно ќе ги перципираат тие фотографии.

Споделување премногу лични информации со личност која штотуку сте ја запознале

Скоро сите истражувања направени на оваа тема покажуваат дека споделувањето лични работи е тоа што обичното познанство го претвора во пријателство. Кога некој ќе сподели нешто лично и интимно со вас, вие веднаш се чувствувате поблизок со таа личност. Но, споделувањето премногу лични работи додека сè уште сте во процес на подобро запознавање со таа личност е лоша идеја. Наместо позитивен ефект, ова може да направи да делувате несигурни во себе, а тоа е секогаш голем минус.

Прашување без и самите да споделите нешто за себе

Еден од подобрите начини да запознаете некого и да му покажете дека сакате да бидете пријатели е да се заинтересирате за таа личност и нејзиниот живот. Но, сè што е претерано не чини, па така и преголемиот интерес за некого, притоа целосно заборавајќи да споделите нешто за себе, со сигурност ќе делува наметливо и невкусно. Иако целта ви е да покажете дека сакате да се спријателите со таа личност, на овој начин само ќе предизвикате воопшто да не ѝ се допаднете.

(1)-raboti-poradi-koi-sami-ste-vinovni-shto-ne-im-se-dopagjate-na-lugjeto-kafepauza.mk

Ги криете емоциите

Ранливоста може да биде многу позитивна карактеристика доколку ѝ дозволите. Луѓето сакаат да видат дека си имаат работа со човечко суштество, а не со некој робот кој воопшто не покажува никакви емоции. Секако, и другата крајност на преголема чувствителност не е во ред, но нема ништо лошо во искажување на своите чувства и покажување дека и вие сте човек. Луѓето почитуваат други луѓе кои не се плашат да ги покажат своите емоции.

Кога сте премногу фини

Никој не е природно премногу фин. Секогаш позади маската на совршено фина личност се крие нешто друго, па иако можеби не знаат што точно, луѓето можат да го почувствуваат тоа. А верувајте, никој не сака премногу добри луѓе, колку и да звучи иронично. Зошто? Бидејќи таа личност делува лажно, како да има некој скриен мотив, а и истовремено прави сите останати да изгледаат лошо. Луѓето почитуваат и сакаат некој кој знае да се спротивстави и знае да каже кога нешто не му се допаѓа.

Се фалите преку самокритикување

Ги знаете ли оние ситуации кога зборувате за некоја своја особина која ја претставувате како лоша, па се самокритикувате пред останатите за неа? На пример, како тоа сте премногу вредни или грижливи и слично? Епа, факт е дека тоа не се лоши карактеристики, а кога се обидувате истите да ги претставите како такви, веројатноста е дека иако имате добри намери, луѓето нема да добијат таков впечаток. Можно е да делувате неприродни, неискрени, како фалбаџии, дури и неблагодарни. А никому не му се допаѓаат вакви луѓе.

(3)-raboti-poradi-koi-sami-ste-vinovni-shto-ne-im-se-dopagjate-na-lugjeto-kafepauza.mk

Премногу се нервирате

Кој сака да биде во присуство на личност која постојано се нервира? Одговорот е никој. Ова е негативна особина поради која луѓето делуваат несигурни, неспособни и како да не може да им се верува. Уште повеќе, луѓето кои се постојано нервозни шират негативна енергија која прави и останатите да не се чувствуваат убаво, а на луѓето без сомнение не им се допаѓа тоа.

Немате смисла за хумор

Луѓето обожаваат други луѓе кои имаат смисла за хумор. Тие се забавни и опуштени, лесни за разговор и полни со позитивна енергија која неминовно се шири околу нив. Ваквите луѓе се магнет за пријателства и добар однос со сите, уште повеќе кога знаат да се пошегуваат и на своја сметка. Може да сте добра личност, со силен морален карактер, но факт е дека на луѓето ќе им се допаднете многу повеќе доколку покажете дека имате смисла за хумор.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар