Многуте дефиниции на љубовта

Многуте дефиниции на љубовта

Дефинирањето на љубовта е прашање кое отсекогаш ги терало умните луѓе на размислување, тоа е така и денес, а така и ќе остане. Еве мал дел од нивните дефиниции изнесени во нивните книги и предавања.

Многуте дефиниции на љубовта

Љубовта не е вљубување

„Нашата најосновна емоционална потреба не е да се вљубиме, туку да бидеме искрено сакани од некој друг, да осознаеме љубов која расте од разумот и изборот, а не од инстинктот. Потребно ми е да бидам љубен од некого кој избрал да ме љуби и кој во мене гледа нешто вредно за љубење.

Овој вид љубов бара напор и дисциплина. Тоа е избор да ја прошириш енергијата за доброто на некој друг, знаејќи дека неговиот или нејзиниот живот ќе биде збогатен поради твојот напор, а и ти наоѓаш задоволство – задоволството искрено да љубиш некој друг. Не е потребна еуфоријата на вљубувањето, но за волја на вистината, вистинската љубов не може да се случи додека еуфоријата на вљубувањето не помине.“ – Гери Д. Чепмен во „Петте јазици на љубовта“

Љубовта не е среќа

„Ако ја земете својата среќа и ја ставите во рацете на некоја друга личност, порано или подоцна таа ќе ја скрши. Ако својата среќа ја дадете на друга личност, таа ќе замине со неа. Но ако среќата дојде само однатре од вас и е резултат на љубов, тогаш вие сте одговорни за својата среќа. Не можеме некој друг да го направиме одговорен за нашата среќа…“ – Дон Мигел Руиз во „Моќта на љубовта“

Љубовта е како вашето куче

„Знаете, лесно е да го сакате вашето куче затоа што тоа нема мислење за вас. Кучето ве сака безусловно. Тоа е важно. Ако партнерот ве сака такви какви што сте, тогаш ве сака како што ве сака кучето. Можете да бидете свои со партнерот, можете да бидете маж, можете да бидете жена, баш како што кучето со вас е куче.“ – Дон Мигел Руиз во „Моќта на љубовта“

Многуте дефиниции на љубовта

Љубовта не е баш она што мислевте дека е

„Она што го нарекуваме љубов, односно кога му требаме некому и кога некој се грижи за нас, тоа не е љубов туку себичност. Зошто е тоа така? Себичноста не се јавува затоа што не постои љубов. И двајцата тежнеат за љубов. Вкусуваат по малку љубов во сексот и стануваат зависни од него затоа што тежнеат за љубов. Но тука се сите осудувања. И стравови. И обвинувања. И сета драма.“ – Дон Мигел Руиз во „Моќта на љубовта“

Љубовта е огледало на она што сакаме да бидеме

„Саканата личност е замена за идеалното јас. Двајца луѓе кои се сакаат всушност си ги разменуваат нивните идеални јас. Тоа што се сакаат значи дека го сакаат идеалниот јас кај другиот. Би немало љубов на светот кога не би постоел овој фантом. Се вљубуваме затоа што не можеме да ја постигнеме сликата која е подобра од нас и е нашата најдобра верзија. Од овој концепт станува очигледно дека љубовта сама по себе е можна само на одредено културно ниво или после одредена фаза во развојот на една личност. Ова создавање на идеалното јас го обележува човековиот напредок. Кога луѓето се целосно задоволни од себе, љубовта е невозможна. Пренесувањето на идеалното јас на друга личност е главното обележје на љубовта.“ – Теодор Рејк во „За љубовта и страста“

Љубовта е лудост

„Вљубувањето автоматски води кон лудило. Оставено само на себе, тоа оди до крајности. Тоа го знаат ‘освојувачите’ од двата пола. Штом вниманието на една жена е фиксирано врз еден маж, тој целосно доминира со нејзините мисли. Сè што е потребно е едноставна игра топло-ладно, загриженост и презир, присуство и отсуство. Ритамот на оваа техника влијае на женското внимание како на пневматска машина и на крај завршува одвојувајќи ја од остатокот од светот. Или како што вели народот, ‘да ѝ го испие разумот’.“ – Хозе Марија и Гасет во „За љубовта: Аспекти на вечната тема“

Многуте дефиниции на љубовта

Љубовта е посилна од сексот

„Мислам дека таа (љубовта) е многу посилна од сексуалниот нагон. Знаете, ако поканите некого во кревет со вас и тој или таа ви рече ‘Не, благодарам’ вие сигурно нема да се самоубиете или да паднете во клиничка депресија. Но, затоа пак, луѓето во светот кои биле одбиени во љубовта би убиле за тоа. Луѓето живеат за да љубат. Убиваат за љубов. Умираат за љубов. Создаваат песни, поеми, новели, скулптури, слики, митови, легенди. Во преку 175 општества луѓето оставиле докази за овој силен мозочен систем. Дојдов до заклучок дека тоа е еден од најсилните мозочни системи на светот кој носи и голема радост и голема тага.“ – д-р Хелен Фишер во говор на ТЕД конференција

Љубовта е основа на нашето постоење

„Потребата за љубов лежи во самата основа на човековото постоење. Тоа резултира од длабоката меѓузависност која сите ја делиме меѓу себе. Колку и да е способна и вешта една личност, оставена сама на себе таа нема да преживее. Колку и силен и независен да се чувствува некој за време на убавите периоди од животот, кога е болен или многу млад или многу стар, тој зависи од поддршката од другите.“ – Далај Лама

Љубовта не е страст

„Можеме длабоко да ги сакаме нашите партнери, да ги идеализираме, па дури и да сме спремни да умреме за нив, но овие чувства ретко се претвораат во долготрајна страст. Истражувањата покажуваат дека во долгите врски жените почесто и побрзо го губат интересот за секс во споредба со мажите. Зошто? Затоа што женската идеја за страстен секс многу повеќе зависи од новините во споредба со онаа на мажот.“ – Соња Љубомирски, професор по психологија на Универзитетот Калифорнија


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар