Дали знаевте дека најголем број од делфините ја користат повеќе десната страна?

Дали знаевте дека најголем број од делфините ја користат повеќе десната страна?

Околу 90 % од луѓето се деснораки, но ние не сме единствените на кои екстремитетите од едната страна на телото им се поспособни од оние од друга страна. Горилата се „десничари“, кенгурите се претежно „левораки“, па дури и мачките имаат страна која е доминантна кај нив – иако тоа најмногу зависи од нивниот пол.

Дали знаевте дека најголем број од делфините ја користат повеќе десната страна?

Студиите покажале дека обичниот клунест делфин поизразено ја користи десната страна дури и од човекот.

Дејзи Каплан, коавтор на студијата на непрофитната американска организација „Делфин – комуникациски проект“, дури и не се посомневала дека за време на истражувањето ќе наиде на ваков драстичен пример. Тенденцијата да ја користат десната страна била особено видлива за време на потрагата на делфините по храна. Оваа техника се нарекува „crater feeding“ и притоа делфинот прво плива полека по дното од океанот, а потоа одеднаш го забодува својот клун во песокот за да фати риба. Наречена е според кратерот што останува во песокот откако делфинот ја зграбува рибата. Каплан и нејзините колеги забележале дека делфините секојпат нагло и остро завртувале пред да ги забодат клуновите во песокот и да фатат плен.

Клучно во оваа приказна е дека 99 % од делфините свртиле лево. Од 709 вртења забележани меѓу 2012 и 2018 година, само четири биле десно и биле направени од истиот делфин, кој патем имал чудно обликувана десна перка. Она што го истакнуваат истражувачите е дека со свртувањето лево, десното око на делфинот и генерално, целата десна страна на телото се приближува кон океанското дно. Значи, десната страна е таа што игра клучна улога и извршува голема функција кога станува збор за овој начин на ловење кај делфините.

Тим истражувачи се обидел да го објасни овој феномен на многу различни начини. Првенствено, се сметало дека на делфините така им е полесно да го проголтаат пленот. Каналот низ кој поминува храната е поширок од десната страна, бидејќи самиот грклан им е префрлен налево. Покрај тоа, тие произведуваат звуци, т.н. „ехо-лоцирање“ преку користење на десната страна од усната шуплина.

Другото објаснување е поврзано со процесите што се одвиваат во мозокот. Како и кај луѓето, делови од телото од спротивната страна реагираат на информациите обработени од едната страна на мозокот. Студијата открила дека визуелните и аудитивните процеси претежно се одвиваат во левата хемисфера, што подразбира дека делфинот го користи десното око и десното уво.

Сепак, ова не е првпат научниците да откријат докази за почестата употреба на десната страна од телото кај морските цицачи. Сивите и грбавите китови имаат тенденција да се превртуваат надесно во потрагата по храна, додека, да речеме, кафеавите делфини кои кружат околу пленот, исто така, вртат надесно при ловот на жртвата.

Д-р Џејмс Херберт Рид, биолог од Катедрата по зоологија на Универзитетот во Кембриџ, смета дека придобивките од изразената употреба на едната страна од екстремитетите на телото, сепак треба да бидат дополнително истражени. Но, истражувањето на делфините покажало и нешто ново, а тоа е дека многу ретко се забележува конзистентна латерализација меѓу поединците во рамките на истиот вид, а тоа е моќно откритие.

Можеби сакате да ги прочитате и резултатите од истражувањето преку кое е откриено зошто мачките толку многу сакаат кутии.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Смислата на животот ја бара преку уметноста и креативноста. Пишувањето е нејзино секојдневие.

Поврзани содржини

Остави коментар