6 причини за оптимизам во 2020 година

6 причини за оптимизам во 2020 година

Крајот на годината е период кога се објавуваат мрачни предвидувања за најголемите глобални опасности што ќе се закануваат во следната година. Секако, и годинава има многу такви: од Иран до Северна Кореја и од изборите во САД до глобалното затоплување чии ефекти се чувствуваат сè повеќе секоја година. Но, оваа година аналитичарот Фредерик Кемп решил да направи еден поинаков список – список со 6 причини за оптимизам во 2020 година.

6 причини за оптимизам во 2020 година

1. Глобалниот просперитет расте

Првата причина на овој список е поради тоа што на човештвото никогаш не му било подобро. На глобално ниво, просперитетот го достигна највисокото ниво забележано досега, барем според индексот за просперитет на Британскиот институт „Легатум“.

Секоја година се мери просперитетот во 167 земји во светот, заснован на дури 300 индикатори, а оваа година бележи напредок во 148 и пад само во 19 од овие 167 земји. Најголем напредок е постигнат во здравството, во образованието и во финансиската стабилност. Во последните 10 години, просперитетот бележи благ, но стабилен пораст.

Исто така, повеќе од една милијарда луѓе се спасиле од екстремна сиромаштија од 1990 година до денес. Само 10 % од светското население живее во екстремна сиромаштија што е најмал процент забележан досега.

2. Некои од најлошите места во светот се подобруваат

Британски весник „Економист“ секоја година избира земја на годината, а оваа година Узбекистан е избрана како земја со најголем напредок. Откако диктаторот Ислам Каримов почина во 2016 година, реформите на премиерот Шавкат Мирзиов почнаа да даваат резултати.

Сè додека не умре Каримов, Узбекистан беше „затворено општество водено од посебна бруталност и неспособност“, а режимот принудил многу мажи, жени и деца да работат на полињата за памук. Но, оттогаш па наваму, Узбекистан ја прекина принудната работа, го затвори најозлогласениот затвор и ја отвори земјата за странските новинари.

Сите овие работи им се познати и на жителите на многу други авторитарни држави ширум светот. Втора земја на списокот на „Економист“ е Судан, чиј диктатор Омар Ал-Башир, „еден од најопасните тирани во светот“, не умре, но народот го протера преку масовни протести. Новиот премиер на техничката влада вети избори во наредните три месеци.

3. Средната класа никогаш не била поголема, а половина од светот живее во демократија

Иако постои оправдана загриженост за растечката нееднаквост внатре во сите земјите, не треба да се занемарува позитивниот тренд на намалување на нееднаквоста меѓу земјите.

Всушност, за првпат од Индустриската револуција, околу половина од светското население може да се смета за средна класа.

Покрај тоа, половина од светското население сега живее во демократија, за разлика од поголемиот дел од човечката историја, кога демократијата или не постоеше или беше само остров во океанот на диктатурата.

4. Насилните конфликти се во пад

Кога станува збор за војни, сликата е исто така двојна. Од една страна, продолжуваат ужасните војни во Сирија, во Јемен и во Авганистан, а од другата страна, секогаш постои страв дека големите сили, како што се Америка, Русија и Кина, би можеле да предизвикаат нова светска војна или дека Брегзит би можел да предизвика распад на Европската Унија и со тоа да се отвори можност за нов конфликт на Стариот Континент.

Но, не треба да се заборави фактот дека ниту една светска сила не сака војна, со оглед на нејзините катастрофални последици. Ако земјите сакаа само да заработат пари, во последните години имаа повеќе од доволно можности за тоа.

5. Луѓето стануваат попаметни и потолерантни

На глобално ниво, просечното ниво на интелигенција расте за околу три поени секоја деценија, а детските мозоци се развиваат сè повеќе благодарение на подобрената исхрана и на почистата животна средина. Размислете само колку симболи интерпретирате секој пат кога ќе го проверите екранот на мобилниот телефон.

Исто така, да се биде хомосексуалец пред 100 години било легално во само 20 земји во светот, а денес е легално во повеќе од 100 земји. Истражувањето на „Легатум“ покажува дека во последните 10 години, жителите од 11 земји станале потолерантни кон ЛГБТ-заедницата.

Но, „Легатум“ дојде до заклучок дека личната слобода на говор, здружувањето и собирањето се сè повеќе ограничени и тоа дури во 122 земји.

6. Технологијата може да ја спаси планетата

Многу работи поврзани со вештачката интелигенција се застрашувачки. Вештачката интелигенција би можела да ги зајакне тираните, да ги загрози работните места за добар дел од луѓето и да ги зацврсти предрасудите што веќе ги имате.

Но, историјата е полна со примери кога технолошката промена донела повеќе напредок отколку опасност. Напредната технологија може да помогне во многу области, од здравството до борбата против климатските промени.

На пример, квантните компјутери би можеле да помогнат во спречувањето на климатските промени преку симулации кои можат да откријат нови и поефикасни катализатори за „ловење јаглерод“, а оваа експериментална технологија е дизајнирана за да ја намали емисијата на штетни гасови во атмосферата.

Прочитајте и како да ги средите финансиите пред почетокот на 2020 година.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Со пишување може да постигне многу. Никогаш не се откажува од своите соништа.

Поврзани содржини

Остави коментар