Викенд книга: „Ние бевме лажговци“ - Е. Локхарт

Викенд книга: „Ние бевме лажговци“ – Е. Локхарт

„Добредојдовте во прекрасното семејство Синклер.“
Наша оцена: 9/10
Ваша оцена: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (13 гласа, просек: 8,31 од 10)
Loading...

(1) Викенд книга: „Ние бевме лажговци“ - Е. Локхарт

Ова е една од оние рецензии кога сум убедена дека е подобро да не напишам ништо отколку да ви откријам премногу. И да, од изминативе неколку часа кои ги поминав пред лаптопот, ова е најдобрата воведна реченица која успеав да ја смислам. Истиот проблем го имав и со „Во потрага по Алјаска“, избегнувајќи каков било знак за тоа каков пресврт ве очекува а сепак, некако да прикажам зошто книгата вреди да се прочита. Па, да расчистиме од сега, сè што ќе прочитате тука не е ни приближно толку важно како она што ве очекува кога ќе стигнете до крајот на книгата. А предупредувањето стои на корицата, доколку некој ве праша што се случува на крајот – излажете. Затоа апсолутно ништо не откривам, бидејќи не сакам да ви го украдам важниот момент. Ќе ви кажам само дека има совршен, среќен крај. Исто како и семејството Синклер.

Каденс секое лето го поминува на приватен остров заедно со своето семејство, привилегираните Синклер – богати, убави, совршени. Таа е најстарата од седум внуци, кои живеат во трите куќи изградени од нејзините баба и дедо, со намена нивните три ќерки да живеат убав и комфорен живот со своите семејства. „Лажговците“ како што се нарекуваат самите, се одличен тим – Каденс, која е наратор на приказната, нејзината братучетка Мирен која ја опишува како „шеќер, љубопитност и дожд“, Џони кој е „елан, живост и неспокојство“ и секако Гет, аутсајдерот кој е „ентузијазам, амбиција и силно кафе“. Гет не е во роднинска врска со Каденс, тој е внук на новиот маж на една од нејзините тетки, но набрзо станува дел од семејството и го поминува секое лето со нив на островот. Сите четворица се многу поврзани, но поврзаноста е најсилна за време на летото пред секој од нив да се врати во својот град и училиште, за потоа, наредното лето повторно да дојдат на магичниот остров и да уживаат заедно. Каденс и Гет креираат посебна врска, која со текот на годините преминува во вистинска љубов.

Семејството Синклер немаат проблеми. Немаат тогаш кога татко ѝ на Каденс решава да си замине, да ги остави и да започне нов живот со друга жена. Уште помалку кога и другите две тетки ќе се разведат и ќе почнат да се соочуваат со финансиски проблеми. Сите го игнорираат фактот дека трите сестри се борат за наследството на нездрав начин и дека постојано пијат. Во семејството Синклер не се разговара за изгубени луѓе, за болка, за осаменост… не се разговара дури ни за мртвите. „Биди нормална. Немој да правиш сцена“ – тоа е решението за секоја горчлива ситуација и проблем кој се игнорира додека не се убедат сите дека е заборавен.

Токму поради ова не е изненадувачки фактот што после несреќата на Каденс, никој скоро две години не ѝ открива што се случило таа трагична ноќ. Каденс не може да разбере зошто била сама на малата плажа, зошто немала облека со неа, како ја удрила главата во карпите и зошто е толку проколната па мора да живее со амнезија и мигрена поради која некогаш не може да стане од кревет со денови. Топлите летни денови се завршени, а Каденс е далеку од островот на среќата прашувајќи се зошто, дури две години никој од „лажговците“ не ја побара. Особено не Гет. После две години се враќа на островот, каде времето изгледа дека застанало и парче по парче ја склопува приказната која ќе ѝ го измени животот.

Книгата е одлична драма, која слој по слој ги открива проблемите на нефункционалните семејства, сите горчливи моменти кои го трујат секојдневието, без разлика дали станува збор за живот во колиба или палата. Истовремено претставува топла приказна за младешка љубов, романса сместена на прекрасен остров која ќе ве потсети на возбудливи моменти кои може да ги донесе само првата љубов. Но најважно, ова е мистерија која ве вовлекува во темни случки без да бидете воопшто спремни што ве очекува, за на крајот да ве остави со незаборавна завршница – дека никогаш, ништо нема да биде исто.

Изданијата на Сакам Книги можете да ги набавите од сите поголеми книжарници.

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдСакамКниги и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до недела, 19 јули 2015.

Добитниците ќе бидат објавени на профилите на Кафе пауза на Фејсбук, на Твитер и на Пинтерест, а наградите ќе бидат доставени по пошта.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

  1. Adrijana Mladenovska Djurkovska Reply

    #СакамКнигаОдСакамКниги

Напиши одговор на Adrijana Mladenovska Djurkovska Откажи одговор