Книга: „Неподнослива леснотија на постоењето“ - Милан Кундера

Книга: „Неподносливата леснотија на постоењето“ – Милан Кундера

Кога ќе почнете да читате некоја книга се чувствувате обврзани и да ја прочитате докрај. Англискиот филозоф, државник, и есeист Френсис Бекон има изјавено „Некои книги се пробуваат, некои се проголтуваат, а многу малку се џвакаат и се варат, односно некои книги треба да се читаат само делумно, но не со љубопитност, а многу малку треба да се прочитаат целосно, со трудољубивост и внимание“. Секое дело треба да оствари лична релација со читателот, размена на енергија, да предизвика возбуда, глад за повеќе страници, и тоа е нешто што секој индивидуално треба да го доживее.

kniga-nepodnosliva-lesnotija-na-postoenjeto-milan-kundera-kafepauza.mk

А токму делото „Неподносливата леснотија на постоењето“ од култниот чешки писател Милан Кундера, кај авторот на овој текст предизвика возбуда, желба да се напише нешто за оваа книга.

„Неподносливата леснотија на постоењето“ се случува во 1968 година, периодот кога Црвената армија ќе влезе во Чешка. Оваа книга го опишува животот на интелектуалците кои ќе се осмелат да му се спротивстават на режимот кој го наметнува Советскиот сојуз. Тоа е книга и за љубовта, болката и страста.

Приказната е раскажана преку неколку ликови: Томаш, Тереза, Сабина и Франц. Нивните животни приказни се меѓусебно поврзани, секој раскажувајќи го својот аспект, на тој начин редејќи ги камчињата во мозаикот од случки со цел да се добие целиот контекст на периодот во кој живеат.

Преку главниот лик Томаш најсурово е прикажан односот на режимските послушници кон интелектуалците. Тој е лекар, врвен специјалист, кој поради јавно искажан став, ќе биде отпуштен од работа.

Кундера уште на почетокот на книгата се осврнува на идејата на Ниче за вечното враќање како најтежок товар:

„Апсолутното отсуство на товар го прави човека полесен од воздух, го воздигнува високо, го оддалечува од земјата и од овоземското постоење, го прави дури половина реален, а неговите движења безначајни толку колку што се слободни.“

Поставувајќи ја дилемата за општествената одговорност тој прашува: „Што да избереме, тежина или леснотија?“

Ликот на Сабина отвора друг аспект, а тоа е владеењето на кичот како естетски идеал на сите политичари и на сите политички партии и движења. Таа е згрозена од кичот што постои во уметноста особено во наивните филмски приказни кои го прикажуваат комунистичкиот идеал.

„Таму каде што едно единствено политичко движење ја има сета моќ, веднаш ќе се најдеме во царството на тоталниот кич“, ќе забележи таа.

„Неподносливата леснотија на постоењето“, можеби не е најдоброто дело на Кундера, но сигурно е најпознатото. Брилијантно дело кое го препорачуваме за секој љубител на добрата книга.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар