Жената во црно (The Woman in Black)
Филм за жената која му се одмаздува на целиот свет поради големата загуба која ја претрпела…
Режија: Џејмс Воткинс
Улоги: Даниел Редклиф, Џенет МекТир, Киаран Хајндс, Лиз Вајт
Времетраење: 95 минути
Јазик: англиски
Премиера: 3 февруари 2012
Жанр: хорор, трилер, мистерија, драма
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Ако ви кажат дека ова е хорор филм во кој главниот лик треба да надитри дух кој што опседнал една стара куќа, веднаш ќе помислите дека веќе сте виделе сè што има тој да ви понуди. Сепак, по неколку години ова е првиот холивудски производ кој може да ви втера страв во коски, да ве полазат морници по телото и да направи срцето да ви бие како да сте виделе дух…
Даниел Редклиф го глуми главниот лик, адвокат кој од својот шеф ќе добие задача да ги среди документите за продажба на една куќа во која веќе не живее никој. Тој ќе мора да влезе во неа, незнаејќи дека е опседната од жената во црно. Нејзе ù било одземено единственото дете од страна на сестра ù, кое потоа починало како резултат на недоволна грижа. Тогаш таа за заколнала дека никогаш нема да им го прости тоа. Ќе тргне во одмазда во која ќе го истури сиот свој гнев со силна решителност, предизвикана од нереализираниот мајчински инстинкт и болката поради загубеното дете.

Кога Артур ќе пристигне во малото неименувано гратче нема да биде топло пречекан. Ќе има проблем да најде сместување, но за среќа ќе ги сретне Семјуел Дејли (Киаран Хајндс) и неговата сопруга Елизабет (Џенет МекТир) кои ќе го примат во својот дом. Потоа ќе оди да се сретне со својот колега г-дин Џером, но од него нема да добие помош. Тој ќе се обиде веднаш да го прати назад во Лондон со неколку документи, но Артур ќе се спротистави затоа што знае дека во куќата има уште многу од нив кои треба да ги разгледа.

Тој ќе отиде во куќата, ќе ги најде документите, но нема да може да ги разгледа на мира. Од целата куќа се слушаат разни звуци, шумови, чекорење… и најпосле се појавува и една жена во црно која по кратко време исчезнува. Артур се сомнева дека има некој во куќата и ќе оди во полиција за да пријави. Таму ќе пристигнат три деца барајќи помош за едно од нив, кое испило нешто од кое ќе умре во неговите раце.
Веќе следниот ден Артур ќе се врати во куќата за да ја доврпи работата за која е дојден, иако месното население му се спротиставува по вчерашниот настан. Таму, во големиот куп од хартија ќе налета и на писмата од Алис Драблоу, неодамна починатата сопственичка на куќата која се продава, и нејзината ментално болна сестра Џенет Хемфри. Од тој момент работите почнуваат да се отплеткуваат.
Кинематографија: Дејствието е сместено во едвардијанската ера, а кадрите се поделени помеѓу опседнатата куќа и малото заспано гратче. Сцените се темни и целосно ги доловуваат самотијата која владее во куќата, како и амбиентот во гратчето каде што во фокусот се ставени неколку семејства кои изгубиле дете.
Звучни ефекти: Звучните ефекти се брилијантни. Играат значајна улога во пренесувањето на атмосферата од филмот. Веројатно тие се најзаслужни што ќе ве полазат морници по телото кога ќе ги слушнете мистериозните чекори и непредвидливите шумови.
Кога и како да го гледате: Ако сте фан на жанрот хорор, гледајте го филмот сами навечер, во сосема темна просторија и со слушалки на ушите. Така ќе се почувствувате како да сте во опседнатата куќа од филмот.Ако, пак, тешко ги поднесувате страшните филмски сцени, најпрепорачливо е филмот да го гледате во друштво.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


(31 гласа, просек: 9,26 од 10)




























Interesna tematika i dejstvie iako malku nalikuva na monolog koj si go vodi samiot Redklif, vredi da se pogledne iako ima i podobri horori od ovoj 🙂