Замената (The Change-Up)
Филм за тоа колку често посакуваме да живееме нечиј друг живот, а притоа не сме ни свесни дека и покрај сите плусови и минуси, најубаво ни е во сопствената кожа
Режија: Дејвид Добкин
Улоги: Џејсон Бејтман, Рајан Рејнолдс, Лесли Ханд, Оливија Вајлд
Времетраење: 112 минути
Јазик: англиски
Премиера: 5 август 2011
Жанр: комедија
Наша оценка: 5/10
Ваша оценка:
————————————————————————————————————————————————-
Дојден е крајот на една филмска ера и тоа сигурно многу одамна ама не сме ни забележале. Зборувам за времето кога гледавме „Монти Пајтон“, комедии од Вуди Ален или пак во нашите екс-ЈУ простори, „Топ листа надреалиста“ и мислевме дека тој интелигентен, критички хумор е нешто сосема вообичаено.
Иако логично е да се претпостави дека работите со тек на времето треба да одат напред наместо наназад, реалната ситуација зборува нешто поинакво. Сега имаме илјадници комедии кои се базираат на неуспешен секс, голема и мала нужда, срамни влакна и што ли уште не.
Искрено не знам зошто токму комедијата „Замената“ го заслужи мојот гнев, но сторијата досега преџвакана многу пати и не многу инвентивните шеги, сигурно си го направија своето. Не сакам да звучам песимистички, уште утре може да нè изненади нешто тотално оригинално и тоа не мора да биде ново уметничко ремек дело. Дадете ни барем некои нови „Ејс Вентура“ или „Глупав и поглупав“.
Минатата недела беше еден од трите викенд-предлози. Овој пат, навлегуваме во деталите…
————————————————————————————————————————————————-
Ако ви звучи познато – да, има огромен број филмови со оваа тематика, но мене последен што ми текнува со речиси идентична содржина е „Откачениот петок“ со Џејми Ли Кертис и Линдзи Лохан. Како што може да се очекува, остатокот од филмот е трка да се разреши ситуацијата што е можно побрзо, доаѓање до чудни сознанија за себе, како и за туѓиот живот и слични, повеќе или помалку, предвидливи моменти.
Главните актери во филмов, Бејтман и Рејнолдс добро си ја тераат нивната работа и доволно нè забавуваат нас гледачите, но не оставаат особен впечаток со нивните улоги. За тоа се можеби виновни сценаристите Џон Лукас и Скот Мур, кои стојат и зад „Мамурлак“, која пак, слободно можеме да кажеме дека е една од (ретките) попристојни комедии во последниве неколку години. Во споредба со овој филм, „Замената“ не е нешто особено смешен и нема некоја креативна замисла, но е доволно забавен за да ви ја разведри оваа петочна вечер.
Кога и како да го гледате: Во зависност од вашиот карактер и ставот околу елементите кои редовно се употребуваат во современите комедии за да го направат еден филм смешен, оваа може да ви биде прилично интересна и комична или да ве остави тотално разочарани, поради „веќе виденото“ сценарио. Останува на вас да го изгледате вечерва и потоа да го споделите со нас вашето мислење.
Исто така, не заборавајте да појдете и на фестивалот на европски филм „Синедејс“ (PDF) и да погледнете некое добро филмче

———————————————————————————————————————————————————————
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук



(37 гласа, просек: 8,70 од 10)




























Го гледав пред недела дена, одлична комедија која ќе ве научи на повеќе работи. Топло ви ја препорачувам. 🙂