Поврзаноста меѓу осаменоста и социјалните мрежи

Поврзаноста меѓу осаменоста и социјалните мрежи

Шери Таркл е доктор на науки по социологија и психологија на личноста, работи како професор на Универзитетот Масачусетс, а нејзините истражувања се поврзани со психоанализата и односите помеѓу луѓето и технологијата. Во својата книга „Заедно сами“ таа доаѓа до заклучок дека технологијата има огромно влијание врз денешната генерација, правејќи луѓето сè почесто директните средби лице в лице да ги заменуваат со текстуални пораки.

Инспириран од ова нејзино дело, Шими Коен, апсолвент на Факултетот за инженерство и дизајн Шенкар во Тел Авив, за својот завршен проект изработил видео кое на јасен и сликовит начин го толкува она за кое говори Шери Таркл.

Поврзаноста меѓу осаменоста и социјалните мрежи

Тргнува од фактот дека човекот е социјално суштество кое не може да истрае да биде само, но и покрај тоа, модерното општество ја игнорира сериозната дупка во системот на вредности кој богато ја наградува индивидуалноста за сметка на заедништвото. Кариерата, богатството, личниот имиџ и можноста да се троши се симболи да индивидуалноста и репер за секој кој се стреми кон самоактуализација. Луѓето кои се стремат кон постигнување на овие вредности постепено ги губат врските со семејството, пријателите и останатите луѓе, па затоа осаменоста е најголемата болест на модерниот свет.

Таркл смета дека една од најверојатните причини за постоењето на оваа болест се социјалните мрежи. Заклучува дека во време во кое од поединецот се бара сè повеќе и повеќе успех, ниту социјалниот живот не е исклучок. Секој има проблем да одржува врски со што е можно повеќе луѓе поради потрагата по симболите на индивидуалноста, а социјалните мрежи експресно го решаваат тој проблем. Нивните платформи овозможуваат навидум поедноставно и поефективно управување со социјалниот живот отколку во реалноста, така што никој не се колеба дали средбите во живо да ги замени со четување или постирање фотографии.

Поврзаноста меѓу осаменоста и социјалните мрежи

Со тоа се редефинира поимот на пријателството. Не се бара квалитет во самиот однос со другиот, туку постигнување на некаков успех преку создавање на колекција од огромен број пријатели. Ако во реалноста пријателството се мери по тоа колку често и на кои теми можеш да разговараш со другиот, со помош на технологијата сега сè се сведува на проста онлајн-поврзаност. На крајот на краиштата, не мора ни да има комуникација меѓу виртуелните пријатели. Така неизбежно се стигнува до парадоксална ситуација во која некој има многу пријатели, а е осамен.

Таркл понатаму ги бара причините зошто луѓето и понатаму ја преферираат онлајн-комуникацијата пред онаа во живо. Смета дека луѓето одбираат да се скријат зад компјутерите затоа што разговорот во живо е потежок и човек треба да внимава што ќе каже и како ќе се претстави. Така нема можност за исправка на кажаното. За разлика од тоа, онлајн-комуникацијата е излезена од рајот. Има доволно време за размислување да се напише совршениот микс на зборови кои сочинуваат статус, коментар или порака, да се одбере совршената слика за профилот, односно дава шанса човек да се претстави во своето најдобро светло или пак во лажно светло. Тоа е идеална можност за постигнување совршена лична презентација.

Поврзаноста меѓу осаменоста и социјалните мрежи

А, луѓето се опседнати со усовршување на својата лична презентација на социјалните мрежи. Минуваат часови во уредување на својот профил, одбирање на сликата на која изгледаат најдобро, одбирање на совршениот статус… само за да се претворат во сликата во која замислуваат дека се најдобри. Ова доаѓа оттаму што технологијата и социјалните мрежи даваат многу повеќе од реалноста. Тие го сменија начинот на кој ги правиме работите, но и претставата за тоа кои сме, затоа што „удираат“ таму каде што сме најранливи – осаменоста.

Според Таркл, од социјалните мрежи добиваме три прекрасни илузии: дека можеме да бидеме какви што ќе посакаме, дека нашиот глас секогаш ќе биде слушнат и дека никогаш не сме сами. Отсега, мислата на Рене Декарт „Мислам, значи постојам“, може да се замени со онаа на Шери Таркл: „Споделувам, значи постојам“. Не е битно какви мисли ни поминуваат низ глава или какви настани се случуваат во нашиот живот, важно е само во моментите на осаменост да се сподели нешто за да се почувствува постоењето на овој свет.

Честа практика е симулирањето на искуства од типот на фотографии од луди журки на кои во „најлудиот момент“ сите дисциплинирано позираат со истрениран израз на лицето, со што се претставуваме онакви какви што посакуваме да бидеме. Читаме големи или плитки мудрости смислени од некој друг кои наводно баш во тој момент поминале низ главата на постирачот, а тој е задоволен затоа што е слушнат неговиот глас, кога можеби нема никој покрај него да го слушне. Не е битно што, треба само да се сподели нешто за да се почувствува прекрасната живост од поврзаноста со други луѓе. Сè е полесно со социјалните мрежи.

Поврзаноста меѓу осаменоста и социјалните мрежи

На крај заклучува дека социјалните мрежи ни даваат чувство дека не сме сами, но проблемот е во тоа што на тој начин ние нема да се научиме да бидеме сами, но неизбежно ќе стигнеме до фаза во која ќе бидеме осамени.

Во продолжение следува прекрасното видео на Шими Коен кое преку анимација ги објаснува овие видувања.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар