Неколку грешки на менаџерите поради коишто добрите вработени си заминуваат

Иако кај нас не е толку вообичаено, сепак понекогаш можете да ги слушнете менаџерите како се жалат дека нивните најдобри вработени имаат намера да си заминат. Всушност, цената што овие работници си заминуваат, компанијата ја плаќа премногу скапо. Многумина од менаџерите имаат тенденција да ги обвинуваат останатите за сите проблеми коишто се случуваат, па крајниот резултат е дека луѓето не ги напуштаат работните места туку тие ги напуштаат нивните менаџери. Ова би било лесно да се избегне, само е потребна нова перспектива и дополнителни напори од страна на менаџерот.

Погледнете кои се најлошите нешта што ги прават менаџерите, а коишто влијаат на заминувањето на добрите вработени.

1. Бараат често прекувремено работење

Една од најлошите работи коишто им се случуваат на вработените е нивното прекувремено работење. Прекувремената работа ги демотивира вработените. Тоа прави тие на некој начин да се чувствуваат казнети.

Исто така, прекувремената работа честопати е контрапродуктивна. Едно истражување од Стенфорд покажува дека продуктивноста во час се намалува кога во неделата има повеќе од 50 работни часа, а таа значително опаѓа кога има повеќе од 55 работни часа, при што со прекувремената работа не се добива никаква поголема корист. Ако морате да ја зголемите работата на вашите талентирани работници, тогаш подобро е да го зголемите нивниот статус. Така тие ќе преземат поголем обем на работа, но сепак нема да останат доколку работата ги гуши.

Унапредувањето и промената на нивниот статус се прифатливи начини за да им го зголемите обемот на работа на талентираните вработени. Но, ако едноставно им се зголеми обемот на работа поради тоа што тие се успешни, без притоа да се смени нешто, тогаш тие ќе бараат друга работа којашто ќе им го пружи она што тие го заслужуваат.

2. Не го признаваат придонесот и не наградуваат

Сите посакуваат слава, но најмногу оние коишто работат напорно и го даваат својот максимум. Менаџерите треба да комуницираат со своите вработени за да дознаат што е она што прави тие да се чувствуваат добро (за некои тоа е зголемувањето на платата, за други тоа е јавното признание), а потоа да ги наградат за добро завршената работа.

3. Не се грижат за своите вработени

Повеќе од половина од луѓето коишто ја напуштаат својата работа го прават тоа поради нивната врска со претпоставените. Добрите компании настојуваат да се осигурат дека нивните менаџери умеат да го балансираат нивниот професионализам и нивната човечност. Овие луѓе го слават успехот на вработените, сочувствуваат со оние коишто поминуваат низ тешки времиња и сл. Невозможно е да се работи за некој повеќе од 8 часа дневно, ако тој не се поврзе со вработените и на лично ниво и се грижи само за продуктивноста во компанијата.

4. Не ги исполнуваат своите обврски

Давањето одредени ветувања ги става менаџерите на линија којашто се протега помеѓу она што ги прави вработените среќни и нивното напуштање на работното место. Кога се придржуваат на она што го ветиле, менаџерите во очите на своите вработени создаваат слика на чесен и сигурен човек. Но, кога не ги почитуваат своите ветувања и кога се однесуваат незаинтересирано, тогаш не може да се очекува добар резултат. Всушност, ако претпоставените не ги почитуваат своите обврски, тогаш зошто би требало тоа да го прават сите други?

5. Вработуваат и унапредуваат погрешни луѓе

Добрите и вредни работници сакаат да работат со нивни истомисленици. Кога менаџерите не вработуваат такви луѓе, тогаш тоа е доста демотивирачко за оние коишто работат со нив. Унапредувањето на погрешните луѓе дури има и полош ефект. Кога работите напорно, а унапредувањето ќе го добие некој друг, тогаш тоа е голема навреда. Па, не е ни чудно што вредните луѓе го напуштаат своето работно место.

6. Не им дозволуваат на вработените да ги следат своите желби

Талентираните вработени се страсни. Обезбедувањето можности за тие да ги следат своите желби ја зголемува нивната продуктивност и задоволство од работата. Но, многумина менаџери сакаат нивните вработени да работат во некакви ограничени рамки. Овие менаџери се плашат дека ќе опадне продуктивноста на вработените доколку им се дозволи тие да го прошират својот фокус и да ги следат своите желби. Овој страв е неоснован. Истражувањата покажуваат дека луѓето коишто се способни да ги следат своите желби во текот на работата, се пет пати повеќе продуктивни отколку вообичаено.

7. Не ги развиваат вештините на вработените

Добрите менаџери управуваат без разлика на тоа колку вработените се талентирани. Тие внимаваат, постојано слушаат и даваат повратни информации. Кога имате талентирани вработени, ваше е да најдете област во којашто тие ќе може да се докажуваат и да ги изразуваат своите вештини и знаења. За разлика од помалку талентираните, најталентираните вработени сакаат фидбек, а работата на менаџерите е да им го обезбедат тоа. Ако не го направите тоа, на вработените ќе им стане досадно и ќе станат незаинтересирани.

8. Не успеваат да се вклучат во нивната креативност

Најдобрите вработени настојуваат да подобрат сè што ќе допрат. Ако ја оттргнете нивната способност да ги менуваат работите само затоа што вам ви е удобно нештата да не бидат променети, тогаш тоа прави вработените да ги мразат своите работни места.

9. Не ги предизвикуваат вработените на интелектуален план

Добрите претпоставени ги предизвикуваат нивните вработени да го постигнат она што во прв план ним им се чини незамисливо. Наместо да поставуваат поедноставни цели, тие треба да постават повисоки цели коишто ќе им обезбедат на вработените да излезат од зоната на нивната удобност. Тогаш, добрите менаџери треба да направат сè што е во нивна моќ за тие да може да успеат. Кога талентираните и интелигентни луѓе ја сметаат својата работа за премногу здодевна, тие бараат нешто друго што ќе ги поттикне нивните интелекти.

Доколку сакате вашите најдобри вработени да останат, размислете за тоа како ќе се однесувате кон нив. Ваше е да направите тие да сакаат да работат за вас.

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар