Научно докажано: Која е магичната формула за успешна љубовна врска?

Караниците се неизбежен дел од секоја врска или брак, без разлика дали станува збор за сексуалниот живот, валканите садови или трошењето премногу пари. Со цел да ја разберат разликата помеѓу среќните и несреќните парови, доктор Готман и Роберт Левенсон почнале да спроведуваат лонгитудинални истражувања на парови во 70-тите. Тие побарале од паровите да решат еден од нивните конфликти поврзани со врската за 15 минути и потоа ги набљудувале.

Научно докажано: Која е магичната формула за успешна љубовна врска?

Откако внимателно ги прегледале снимките и повторно стапиле во контакт со паровите 9 години подоцна, можеле да предвидат кои од нив ќе останат заедно, а кои ќе се разведат со точност поголема од 90%.

Нивното откритие било многу едноставно. Разликата помеѓу среќните и несреќните парови е рамнотежата помеѓу позитивните и негативните интеракции за време на конфликтот. Постои точно одреден сооднос од кого зависи траењето на љубовта.

Магичниот сооднос е 5 на 1. Тоа значи дека на секоја негативна интеракција за време на конфликтот, кај стабилните и среќните парови се случуваат 5 (или повеќе) позитивни интеракции.

„Кога експертите за брак разговараат за нешто важно, тие можеби се караат, но истовремено се смеат, се задеваат и си покажуваат знаци на љубов, затоа што оствариле емоционална поврзаност“, објаснил доктор Готман.

Од друга страна, пак, несреќните парови имаат помалку позитивни интеракции и не компензираат за нивната негативност којашто само се зголемува. Ако позитивно-негативниот сооднос за време на конфликтот е 1 на 1 или помалку, тоа не е здраво и покажува дека парот нема да издржи уште долго. Па, што се смета за негативна интеракција?

Научно докажано: Која е магичната формула за успешна љубовна врска?

Една негативна интеракција

Примерите за негативна интеракција се уште еден фактор кој може да предвиди развод. Тука спаѓаат чувствата на осаменост и изолираност. Иако гневот се смета за негативна интеракција и е природна реакција на конфликтот, нема толку штетно влијание на бракот. Гневот има негативен ефект на бракот само ако е проследен со критики, презир или навреди.

Негативните интеракции за време на конфликтот вклучуваат емоционално исклучување, критичко однесување и заземање одбранбен став. Говорот на телото, како што е превртувањето со очи, исто така може да биде моќна негативна интеракција. Важно е да се запомни дека негативноста црпи голема количина од емоционалната моќ, па затоа се потребни 5 позитивни интеракции за да се совлада една негативна интеракција. Овие негативни интеракции се случуваат и во здравите бракови, но многу брзо се поправаат и се заменуваат со емпатија и разбирање.

Пет позитивни интеракции

Паровите кои успеваат поинаку започнуваат караница за разлика од оние кои раскинуваат. Не само што експертите за брак внимателно почнуваат со конфликтот, туку и гледаат да се поправат за да ја поттикнат позитивноста во врската. Ова се интеракциите што стабилните парови ги употребуваат за да ја одржат позитивноста и блискоста…

Бидете заинтересирани. Кога вашиот партнер се жали за нешто, дали го слушате? Дали ве интересира зошто тој или таа се толку лути? Покажувањето интерес подразбира поставување отворени прашања, како и посуптилни знаци од типот кимнување со глава, гледање во очи и повремено „Да, да“, сѐ со цел да покажете колку внимателно слушате.

Покажувајте љубов. Дали се држите за раце со партнерот, се бакнувате страсно и се прегрнувате за да се поздравите на крајот од денот? Љубовните изјави може да се покажат на многу едноставни начини за време и по конфликтот. За време на конфликтот, покажувањето физичка и вербална љубов го намалува стресот. Ако имате тежок разговор и вашиот партнер ве фати за рака и ви каже „Леле, колку е тешко да се зборува за ова. Навистина те сакам и знам дека ќе можеме да го решиме проблемот“, сигурно ќе се чувствувате подобро затоа што неговата љубовна изјава ќе ви ја намали нервозата и ќе ве зближи.

Научно докажано: Која е магичната формула за успешна љубовна врска?

Покажете им дека ви значат. Малите дела што ја покажуваат вашата грижа се моќен начин на зголемување на позитивноста во бракот. Ако спомнете нешто што многу му значи на вашиот партнер, дури и кога не се согласувате, ќе му покажете дека им придавате значење на неговите интереси и дека се грижите за него. Вашето меѓусебно однесување надвор од конфликтот влијае на тоа како ќе се справите со неизбежните несогласувања.

На пример, ако вашиот партнер имал лош ден и вие застанете да земете нешто за јадење на враќање од работа, ќе му покажете дека секогаш мислите на него. Овие мали гестови се акумулираат со текот на времето и ја зголемуваат позитивноста во бракот. Па така, кога ќе влезете во конфликт, ќе ви биде полесно да ги поттикнете позитивните интеракции што можат да ги надвладеат негативните.

Покажете им дека ги цените. Вашето мислење за партнерот влијае на вашето однесување кон него. Со тоа што ќе се фокусирате на позитивните страни на вашиот брак, како што се убавите моменти од минатото или добрите особини на партнерот, ќе внесете позитивна енергија во врската. Во секој случај, негативноста ќе успее да навлезе во вашите мисли, особено за време на конфликт. Обидете се намерно да се фокусирате на позитивните работи, за да ги урамнотежите моментите кога не можете да се сетите на ништо добро поврзано со вашиот партнер. Потоа, претворете ги вашите мисли во дела. Секогаш кога ќе го искажете вашето позитивно размислување и ќе му дадете вербален комплимент на партнерот, вие го зацврстувате бракот.

Најдете можности за согласност. Кога паровите се караат, тие се фокусираат на негативните делови од конфликтот и ги пропуштаат можностите да ги откријат работите за кои се согласуваат. Кога барате можности за согласност и притоа правилно се изразувате, вие им покажувате на партнерите дека го цените нивното мислење и дека се грижите за нив. Дури и најмалото согласување за време на конфликтот може драстично да го смени начинот на кој паровите се караат.

Научно докажано: Која е магичната формула за успешна љубовна врска?

Бидете емпатични и извинете се. Емпатијата е една од најдлабоките форми на меѓучовечка поврзаност. Кога сочувствувате со вашите партнери, им покажувате дека ги разбирате и дека се чувствувате на истиот начин, дури и да им покажете емпатија невербално, преку израз на лицето или физички гест. Ако кажувате работи како „Разбирам зошто се чувствуваш така…“ ќе му помогнете на партнерот да сфати дека го поддржувате. Емпатијата е значајна вештина што сите љубовни партнери можат и требат да ја усовршат. Не постои граница за тоа колкава емпатија смеете да покажете.

Доколку вашиот партнер е вознемирен поради нешто што сте кажале или направиле, едноставно извинете се. Најдете момент за време на конфликтот и кажете „Извини што те повредив. Тешко ми е поради тоа“. На тој начин, ќе создадете позитивна и емпатична интеракција што ќе ја зацврсти вашата врска.

Почитувајте го мислењето на партнерот. Драстично ќе ги подобрите караниците ако разберете дека треба да си ги почитувате мислењата, дури и да се спротивставени. Иако можеби не се согласувате со мислењето на партнерот, дајте му до знаење дека неговото мислење е логично и покажете му дека го почитувате. Најдобро ќе го направите ова доколку го сумирате искуството на партнерот за време на конфликтот. Запомнете дека разбирањето не значи согласување, туку почит.

Шегувајте се. Добронамерното задевање, шегувањето и смеењето може да ја намали тензијата за време на жестоките караници. Повеќето парови имаат свои приватни шеги што само тие меѓу себе си ги разбираат. Тоа ја нагласува нивната одвоеност од останатиот свет. Но, бидете внимателно! Најдете начин да се шегувате така што ќе ја задржите почитта и грижата за партнерот, бидејќи така ќе успеете да се зближите уште повеќе.

Проверете го вашиот сооднос

Дали вашата врска е неурамнотежена? Обрнете внимание на тоа како комуницирате со партнерот. Дали за секоја негативна интеракција се случуваат повеќе позитивни интеракции? Ако не, обидете се да создадете повеќе позитивни интеракции во врската и забележувајте ги малите позитивни моменти што сигурно постојат моментално, но можеби ги пропуштате.

Водете дневник една недела и забележувајте ги позитивните интеракции, без разлика колку ви се чинат мали и безначајни. Како што открило истражувањето на доктор Готман, колку повеќе позитивни интеракции и чувства создавате во бракот, толку посреќен и постабилен ќе биде вашиот брачен живот.

Доколку сакате да ја зацврстите врската со вашиот партнер, прочитајте ги и следниве 7 совети за да го сочувате вашиот брак.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар