Како да се справите со тешките луѓе кои ви го претвораат животот во вистински пекол?

Меѓучовечките односи подразбираат размена на енергии. За да се чувствуваме убаво, најдобро би било да се запрашаме: Кој ни дава енергија, а кој ни ја троши? Тешките луѓе знаат да ја исцицаат сета ваша енергија, па затоа треба да знаете како да се справите со нив. Повеќето тешки луѓе немаат вистинска намера да ви наштетат, тие едноставно не се свесни за нивното лошо однесување. Ретки се тие кои имаат навистина зла душа.

Како да се справите со тешките луѓе кои ви го претвораат животот во вистински пекол?

Треба да станете свесни дека сите ние знаеме да бидеме тешки понекогаш. Немојте да ги осудувате останатите, бидејќи проблематичните луѓе најчесто имаат големи проблеми со самодовербата и чувствата. Најважно е да знаете како да ги препознаете енергетските вампири и како да реагирате на нивните непромислени постапки. Постојат 5 типа луѓе со тешки карактери, а тоа се следниве…

1. Крал/кралица на драмите

Тие се способни да направат од мува слон. Нивниот живот секогаш оди до екстремни граници, или е неверојатно добар или е неподносливо лош. Тие постојано преминуваат од криза во криза и живеат во хаос.

Како да се одбраните? Поставувањето граници ќе ја намали нивната емоционална екстраваганција. Овие вампири не се помируваат како воспоставите рамноправност. Тие ќе победат само ако успеат да ве потчинат. За да останете смирени, веднаш штом забележите дека овие поединци почнуваат да драматизираат, вдишете длабоко и задржете го фокусот. Потоа, концентрирајте се на вашето дишење. Дозволете му на вашиот здив да ве ослободи од нервозата и да ве приземји. На овој начин нема да бидете фатени во нивната пајакова мрежа од драми и екстремности.

2. Пасивно-агресивни луѓе

Овие карактерни типови ја искажуваат нивната лутина со насмевка или со претерана загриженост, но секогаш остануваат смирени. Тие се експерти за маскирање на непријателските намери. Честопати ги одложуваат обврските или го користат очигледниот изговор „Заборавив“ за да одбегнат преземање одговорност. Не даваат директни одговори. Овие луѓе се неподносливи, бидејќи изгледаат како да сакаат да ви направат услуга, но знаат точно како да ве разлутат.

Како да се одбраните? Ако нивните двосмислени пораки ве збунуваат, верувајте ѝ на вашата интуиција. Доколку се обидувате да ослабите, а тие ви се умилкуваат со тоа што ви носат десерт, слободно кажете им го следново: „Не требаше да ми донесеш сладолед кога знаеш дека држам диета.“ Ако јасно и прецизно им кажете што ви пречи, пасивно-агресивните луѓе ќе се повлечат. Немојте да мислите дека можете да ги промените. Однесувањето на пасивно-агресивните енергетски вампири потекнува од нивното детство кога не им било дозволено да го искажат нивниот гнев. Преку саботирањето на другите луѓе, тие се обидуваат да воспостават контрола.

Како да се справите со тешките луѓе кои ви го претвораат животот во вистински пекол?

3. Нарциси

Овие вампири мислат дека се центар на универзумот и копнеат по внимание. Некои од нив се многу егоцентрични, но некои се шармантни, интелигентни и големи заводници. Ако сте ранливи, тие веднаш ќе ја преземат улогата на бестрашни витези за да ве спасат. Нарцисите многу добро знаат како да ве изиграат. Најпрво ќе ве натераат да се вљубите во нив, но кога вашата восхит ќе исчезне, тие почнуваат да ви заповедуваат, да избувнуваат и да покажуваат пасивно-агресивно однесување.

Како да се одбраните? Со оглед на тоа што тие сакаат да имаат моќ и да предизвикуваат восхит, немој да мислите дека нарцисите некогаш ќе почнат навистина да се грижат за вас. Вашите очекувања мора да бидат реалистични. Вашата самопочит не смее да зависи од нив и немојте да ги споделувате вашите најдлабоки чувства, бидејќи нивната реакција секогаш ќе ве разочарува. Ако им се пожалите или налутите, нема да постигнете ништо. Наместо тоа, пумпајте го нивното его и обидете се преку нивните барања да ги остварите и вашите лични интереси.

4. Вечни жртви

Овие луѓе се како разрушени куќи на кои постојано им требаат некакви поправки. Постојат два типа жртви од кои треба да се чувате. Првиот тип жртви ќе ве претворат во нивен приватен терапевт, ќе ви се јавуваат по 100 пати на ден и ќе очекуваат од вас да им ги решите проблемите. Вие ќе сакате да им помогнете во име на вашето пријателство, но нивните барања немаат крај и ќе ви ја исцрпат сета енергија. Вториот тип жртви се луѓе кои ги гледате како проекти. Овие вампири се многу привлечни, бидејќи ќе ви дозволат да ги поправате и ќе ги прифаќаат сите ваши предлози, иако во реалноста не се навистина заинтересирани да се променат.

Како да се одбраните? Ако постојано сте опкружени со луѓе кои изигруваат жртви, обидете се да разберете што е тоа што толку ве привлекува кај нив. Запрашајте се: „Дали ме поттикнува потребата од тоа да им се допаднам? Да ме сакаат? Да воспоставам контрола? Дали имам грижа на совест? Дали не знам да кажам ’не’?“. Кога ќе налетате на жртва, поставете основни правила околу тоа каков ќе биде вашиот однос и понудете емоционална поддршка само тогаш кога нема да има ниту еден друг излез. Ако си стоите на зборот, многумина ќе се повлечат, а некои ќе почнат повеќе да ѝ веруваат на нивната внатрешна мудрост или ќе побараат стручна помош.

Како да се справите со тешките луѓе кои ви го претвораат животот во вистински пекол?

5. Набивачи на грижа на совест

Овој тип луѓе се светски обвинители, маченици и драматизатори. Тие многу добро знаат како да ја разбудат вашата грижа на совест со тоа што ја поттикнуваат вашата несигурност.

Како да се одбраните? За да се справите со тешките луѓе кои постојано ви набиваат грижа на совест, ослободете се од идејата дека мора да бидете совршени. Сите прават грешки. Ако навистина се чувствувате виновни, повлечете се на сигурно место и добро исплачете се. Можете и да им се обратите со позитивни зборови, како на пример „Го разбирам твоето гледиште, но ме повредуваш кога го кажуваш тоа. Би ми значело доколку не го повторуваш постојано“.

Овие енергетски вампири се неминовен дел од секојдневието и со сигурност ќе налетате на барем неколкумина од нив во текот на животот. Колку и да сакате, нема да можете да ги одбегнете, па затоа најдобро е да научите како да се справите со нив. Сведете ја комуникацијата со нив на минимум и не им дозволувајте да ви ја трошат енергијата. Останете доследни на себе и не им дозволувајте да манипулираат со вас. Не заборавајте дека ќе бидете среќни и расположени само доколку внимателно ги одберете луѓето кои ве опкружуваат.

Погледнете ги и овие 6 токсични врски на работното место од кои треба да бегате како од чума.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар