6 токсични врски на работното место од кои треба да бегате како од чума

6 токсични врски на работното место од кои треба да бегате како од чума

Во одреден период од животот секој од нас имал искуство со некаква врска која станала токсична, било тоа да е на работното место или во кој било друг сегмент од нашето секојдневие. Сигурно сте почувствувале дека овие врски ја исцрпуваат енергијата, продуктивноста и среќата. Кога станува збор за работното место, токсичните врски имаат негативно влијание на вработените и на целокупната организација. Вработените повеќе се грижат за проблемите отколку што работат, помалку се посветуваат на работата, намерно поминуваат помалку време на работа и намерно го намалуваат квалитетот на нивната работа, ја истураат својата фрустрација на клиентите, па дури и ја напуштаат работата.

6 токсични врски на работното место од кои треба да бегате како од чума

Можеби не можеме да го контролираме токсичното однесување на другите луѓе, но можеме да го контролираме начинот на кој реагираме и токму во тоа лежи моќта да се промени правецот на развој на врската. За да знаеме како правилно да реагираме треба прво да можеме да препознаеме за која токсична врска се работи и како да ја избегнеме. Ова се неколкуте најчести такви врски на работното место…

Пасивно агресивни врски

Овој вид врски е застапен во различни форми на работното место. Дали менаџерот ве игнорира или колегите одеднаш не ве вклучуваат во заедничките собири без некоја особена причина? Доколку моментално се наоѓате во ваква врска, најверојатно не добивате никаков повратен одговор за вашата работа. Ова е најлошиот работен однос бидејќи во секоја работа потребно е мислењата и чувствата да се кажат отворено за да може да продолжи прогресот на организацијата.

Решение: Кога ќе забележите дека некој се однесува на овој начин со вас, треба да соберете храброст и да разговарате за проблемот. Пасивно агресивните луѓе се однесуваат на овој начин бидејќи се обидуваат да го избегнат проблемот. Ако не можете да се натерате да започнете конверзација, ќе видите како полека станувате вплеткани во тие игри на умот. Запаметете дека овие луѓе се многу чувствителни и се плашат од конфликти, па ако сакате да им спомнете нешто направете го тоа суптилно и образложено на пријателски начин.

Врски во кои недостасува доверба

Неизбежно е да правите грешки на работа. Некои луѓе толку многу се фокусираат на туѓите грешки што забораваат дека и тие самите се само луѓе и не се ни малку безгрешни. Ќе забележите дека овие луѓе држат лутина долго време и постојано се плашат некој да не им наштети. Дури може и да не ве вклучуваат во одредени проекти само поради една единствена грешка што сте ја направиле пред 5 години. Ако не внимавате, ова може да го попречи вашиот напредок во кариерата.

Решение: Она што фрустрира во овој вид врска е тоа што една грешка може да ве чини комплетно губење на довербата, додека пак, стотици совршено сработени дела само малку ќе ве доближат до враќањето на изгубената доверба. За да ја повратите довербата ќе треба да обрнете внимание на деталите и да не дозволите да ве изнервира фактот што тие постојано ќе бараат каде сте погрешиле. Ќе ви треба многу трпение за да излезете од таа субјективна дупка во која сте се закопале.

Еднострани врски

Врските на работното место подразбираат меѓусебна корист. Колку што давате, толку треба и да добивате. Но, овие врски стануваат токсични кога едното лице нема да дава онолку колку што ќе добива или ќе сака само да зема. Не е важно дали станува збор за менаџер кој треба да му го објаснува секој можен детаљ на вработениот, а тој упорно да не сработува ништо, или за колега кој секогаш ја завршува целата работа сам.

6 токсични врски на работното место од кои треба да бегате како од чума

Решение: Доколку тоа е возможно, во ваквиот случај најдобро е да престанете да давате. Во спротивно, треба искрено да разговарате со другата страна за да можете да го обновите односот.

Идеалистички врски

Ова се оние врски во кои луѓето имаат преголеми очекувања. Во моментот кога ќе помислите дека вашиот колега може да оди на вода, врската ќе стане токсична бидејќи сте ги изгубиле границите потребни за да се одржи здравиот работен однос. На пример, можеби ќе превидите некоја грешка на која сте требале да посветите внимание или ќе застанете зад нешто кое го нарушува вашиот морален компас бидејќи претпоставувате дека вашиот колега е во право.

Решение: Во овој случај вие сте станале пристрасни и субјективни и вие ја имате моќта да ја доведете врската на правиот пат. Без разлика колку сте се зближиле со некого или колку се восхитувате на нивниот начин на работа, клучно е да останете објективни. Ако вие сте тие што другите го идеализираат, треба да зборувате со нив и да им кажете да ве третираат на ист начин како што ги третираат и другите.

Врски кои се базираат на казни

Во овие врски, лицата постојано се казнуваат меѓу себе доколку однесувањето на едниот не се согласува со очекувањата на другиот. Главниот проблем тука е тоа што лицата инстинктивно решаваат да казнуваат, без прво да разговараат и да се обидат да разберат. Ова однесување доведува до конфликти и негативна енергија.

6 токсични врски на работното место од кои треба да бегате како од чума

Решение: За да преживеете ваква врска, мора внимателно да ги избирате вашите битки. Вашиот глас нема да биде чуен ако веднаш се впуштите во конфликт. Само ќе бидете обележани како некој што не може да ги контролира своите емоции.

Врски кои се засноваат на лаги

Во овие врски воопшто не се знае што е вистина а што лага. Лагите само се таложат додека не станат основа на врската. Луѓето кои не ви даваат искрени одговори, не ја заслужуваат вашата доверба.

Решение: Кога ќе ја изгубите довербата во една врска, таа воопшто не постои повеќе. Да градите врска врз основа на лаги не е ништо поразлично од тоа да градите куќа на куп песок. Најдобро е едноставно да се дистанцирате и да продолжите понатаму.

Нормално е тоа што токсичните луѓе можат да ве доведат до лудило бидејќи нивното однесување не е рационално. Немојте да се спуштате на нивно ниво. Задржете го достоинството, дистанцирајте се и не паѓајте во нивните замки. Не морате да одговорите на нивниот емотивен хаос. Доколку се најдете во една од овие ситуации најважно е да направите добра проценка и внимателно да одредите кој ќе биде вашиот следен чекор, со цел да го зачувате вашето разумно однесување и да напредувате во кариерата.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар