Како да престанете претерано да реагирате?

Дали понекогаш избувнувате без некоја посебна причина? Дали ве обвиниле дека постојано бурно и несоодветно реагирате на одредени ситуации? Кога емоционалната интензивност на вашето однесување не се совпаѓа со ситуацијата во која се наоѓате, тогаш станува збор за претерана реакција.

Како да престанете претерано да реагирате?

Постојат два вида претерана реакција: надворешна и внатрешна. Надворешната се манифестира преку видливи aкции кои луѓето околку вас можат да ги забележат (на пример, нервозно викање или фрлање на рацете во воздух и брзо заминување од ситуацијата.) Внатрешната претерана реакција се однесува на постојано повторување на одредена ситуација во вашата глава, притоа запрашувајќи се дали сте ја кажале вистинската работа, како и прекумерна анализа на коментарите од пријателите или од партнерот.

Во својата книга „Stop Overreacting: Effective Strategies for Calming Your Emotions“, д-р Џудит П. Сигл предложува да си ги поставите на себе наредниве неколку прашања за да откриете дали имате проблем со претерани реакции. Дали често:

  • жалите за оние нешта кои сте ги кажале во афект?
  • се „истурате“ на саканите?
  • постојано треба да им се извинувате на другите за вашите дела или зборови?
  • се чувствувате изненадено од вашите наизглед неконтролирани реакции?
  • го претпоставувате најлошото за луѓето или ситуациите?
  • се повлекувате кога работите ќе ви станат емоционално неиздржливи?

Доколку одговоривте со „да“ на овие прашања, тогаш можеби се борите со претерани реакции. Погледнете ги наредниве 5 совети кои можат да ви помогнат со овој проблем:

1. Не игнорирајте ги основните човечки потреби. Недостатокот од сон, долгиот период поминат без храна и вода, како и недостатокот од рекреација и забава можат да го направат вашето тело и ум поподложно на претерани реакции. За многумина од нас, полесно е да ги занемариме сопствените неопходни потреби, за на сметка на тоа грижата за другите да ни стане примарна цел. Иронично, во овој случај токму најблиските се оние кои ќе треба да ги трпат вашите емоционални претерани реакции. Доколку се ставите себеси на прво место, тогаш со сигурност ќе ги намалите вашите претерани реакции и ќе им бидете од поголема помош на најблиските.

2. Откријте и именувајте ги чувствата. Укочен врат, болка во стомакот, забрзано срцебиење и згрчени мускули може да се знаци дека сте во опасност од претерано реагирање или дека сте под влијание на интензивни емоции. Добар начин да преземете контрола врз вашите реакции е да станете посвесни за она што вашето тело однапред пробува да ви го каже. Откривањето и именувањето на чувствата ги активира и двете страни од вашиот мозок и ви овозможува да реагирате соодветно на ситуациите во кои се наоѓате.

3. Гледајте малку и од позитивната страна. Откако ќе ги идентификувате и откриете чувствата кои ви ги сигнализира вашето тело, можете да интервенирате и во вашите мисли. Кога поминуваме низ интензивни емоции, многу е лесно веднаш да ги бараме најлошите сценарија како објаснување за ситуацијата во која моментално се наоѓаме.

Внимавајте на појавата на зборовите како „секогаш“ и „никогаш“ бидејќи токму тие и ќе ве насочат кон најлошото можно сценарио. Никогаш не заборавајте дека ако некој ве навреди, тоа не мора да значи дека е лично кон вас. Секој има свои секојдневни проблеми и можеби токму тогаш сте се нашле во погрешно време на погрешно место.

4. Дишете пред да одговорите. Во моментите кога ќе се почувствувате како да ќе изгубите контрола, земете длабоко воздух. Длабокото дишење ќе ја намали вашата бурна реакција, ќе ви овозможи да го смирите нервниот систем и ќе ви даде доволно време да смислите внимателен и продуктивен одговор. Доколку сите би реагирале на овој начин, тогаш со сигурност светот би бил помирно место за живеење.

5. Идентификувајте ги и решете ги вашите емоционални „недостатоци“. Пробајте да забележите некаква шема во вашите претерани реакции. Доколку дојдете до заклучок дека постојано ги повторувате истите интензивни и бихејвиорални реакции, тогаш големи се шансите дека постои историска компонента на која мора да ѝ се обрне внимание. Обидете се да се вратите назад во минатото и да дознаете од кога и зошто започнале овие конкретни реакции. Или пак, доколку не можете сами, обидете се со терапија. Ќе се изненадите колку брзо ќе можете на тој начин да го решите овој проблем.

Но сепак запомнете, не сите интензивни реакции се претерани. Во некои ситуации, брзиот и екстремен одговор е неопходен за наша заштита или за заштита на најблиските.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар