Како да ја преживеете испитната сесија?

Како да ја преживеете испитната сесија?

На крајот на семестарот, многу студенти го жртвуваат нивното здравје за да успеат да ги завршат сите проекти на време и добро да се подготват за испитите кои следуваат. Во овој период од учебната година, спиењето е најчесто првата активност од која секој студент би се откажал, за да ги заврши сите обврски. И покрај тоа што многу студенти веруваат дека ќе го надополнат изгубениот сон кога ќе пројде сесијата, честите непреспани ноќи може да доведат до хронична несоница. Симптомите на хроничната несоница вклучуваат забавено реагирање за време на предавањата, проблеми со концентрација и зголемено ниво на нервоза.

За да го спречите тоа, еве неколку идеи кои ќе ви помогнат да се вратите назад на нормалниот начин на живот, после непреспаните студентски ноќи.

Како да ја „преживеете“ испитната сесија?

1. Останете будни цела вечер за да учите, само кога е тоа неопходно

Голем број студенти во Македонија имаат тенденција да живеат како „ноќни птици“. Си легнуваат да спијат во раните утрински часови, а стануваат некаде околу 15 часот или подоцна. Ова особено е случај во текот на испитните сесии, кога сметаат дека ноќта е подобро време за учење во однос на денот бидејќи сите членови на семејството спијат, тивко е и мирно надвор, па во таквата атмосфера ќе можат подобро да се сконцентрираат. Но претворањето на ноќта во ден и обратно, дефинитивно не е здрава и нормална навика.

На човечкото тело му е потребна секојдневна средба со сонцето за да може правилно да функционира, па доколку се разбудите во 15 часот или подоцна, не би било воопшто необично да се чувствувате изморени, мрзливи, нефункционални и да имате вртоглавици или главоболки. Учењето не е лесна задача и на голем број студенти природно им доаѓа да си ги одлагаат обврските за подоцнежните часови од ноќта, тешејќи се дека тогаш поубаво се учи, но реално човекот е најпродуктивен и најдобро меморира наутро, после здрав појадок и утринско кафе.

Како да ја „преживеете“ испитната сесија?

2. Внесувајте помалку кофеин, пијте многу вода и јадете повеќе овошје и зеленчук

И покрај тоа што многу луѓе се потпираат на кофеинот кога сакаат да останат будни цела вечер, сепак не е најдобро решение да испиете многу шолји кафе доколку сте многу изморени, бидејќи тоа ќе ве одржува само физички будни, а умствено нема добро да функционирате. Пиењето неколку чаши студена вода може исто така да ве одржува будни и хидратирани, а поголемата консумација на овошје и зеленчук, ќе ви ја зголеми енергијата, која многу ви е потребна во овие напорни предиспитни денови.

Како да ја „преживеете“ испитната сесија?

3. Малку спиење е подобро од ич

Доколку ви преостануваат уште неколку часа пред започнувањето на испитот, искористете ги за да поспиете и да го освежите мозокот. Малку сон е во секој случај подобра варијанта отколку воопшто да не склопите око, бидејќи ќе имате повеќе елан, концентрацијата ќе ви биде поголема, а и резултатите од испитот ќе бидат многу подобри, се разбира доколку претходно добро сте го совладале материјалот.

Како да ја „преживеете“ испитната сесија?

4. Обидете се да се вратите во колосек наредниот ден

И покрај тоа што може да ви изгледа предизвикувачка вашата новооткриена способност да останувате будни цела ноќ без мака, верувајте дека ваквото спиење е лоша навика, а последиците по здравјето ќе ги почувствувате после извесен период. Никогаш не заборавајте дека денот е создаден за работа, а ноќта за одмор, па доколку доволно го цените вашето здравје, внимавајте кога си легнувате, а кога станувате. Испитните сесии неизбежно создаваат неред во вашето секојдневие, но само доколку си дозволите, тој привремен неред ќе се претвори во една лоша навика.

За да не се случи тоа, обидете се кога ќе се вратите дома од испит, да не си легнувате веднаш, туку да издржите да останете будни до часот кога најчесто одите во кревет во нормални околности, а наредното утро обидете се да станете во приближно исто време како и вообичаено. Колку побрзо го вратите назад вашиот здрав начин на живот, толку подобро за вас.

Ако имате дилеми околу тоа кој е вашиот најдобар начин за спремање испити, можеби ќе сакате да ги разгледате неколкуте техники за поефективно учење.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Љубопитна новинарка и маркетерка со истражувачки дух, која е во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, испеана песна и барем малку возбуда, не треба да ѝ помине ниту еден ден. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

  1. Димитар Reply

    ех да беше така лесно.. 🙂

Напиши одговор на Димитар Откажи одговор