Како да им помогнете на уличните животни да преживеат за време на снежните денови?

Вашите домови се топли, вие облекувате подебела облека, јадете здрава храна за да го зајакнете својот имунитет и не излегувате од дома без некоја голема потреба во текот на студените денови. Гледајќи преку прозорецот уживате во прекрасната снежна идила која ве потсетува на сцени од приказните. Сепак, еден дел од бајките е заборавен – како да им помогнете на оние кои се принудени зимските денови да ги поминат на отворено.

Помогнете им на вашите четириножни пријатели: 5 лесни начини да им бидете од корист во студените денови

Во овој момент на улиците постојат многу напуштени животни кои немаат каде да се скријат, немаат што да јадат, ниту со што да се покријат. Додека вие го читате ова, нивните стомаци се празни, телата им треперат на студот и можеби нема да го преживеат денешниот ден. Сето ова не се случува некаде далеку, во друг град или друга земја, туку токму во вашето место на живеење, под вашиот прозорец! А вие можете да направите нешто за да им помогнете на овие суштества. Погледнете неколку начини на кои можете да ги заштитите кутрите и напуштени животни…

1. Отворете ја вратата на влезот од зградата

Со тоа што ќе им дозволите на кучето или мачето да влезат во зградата, тие нема да ве изедат, да ви пренесат каква било болест или да ви го извалкаат влезот. Ставете им мал картон каде што ќе може да легнат и тоа ништо нема да ве чини. Всушност, замислете дека сте сами и токму во овие студени денови го имате заборавено клучот од станот, па морате да чекате со саати пред влезот…

2. Правењето снешко со децата е забавно, но изградбата на мала куќичка за напуштените животни е и забавно и хумано!

Организирајте се со вашите пријатели или членовите на семејството, па од стари дрва, стиропор, крпи, ќебиња, слама и друг материјал којшто не ви е потребен, направете засолниште за напуштените животни во вашето место. Ако немате време да се посветите на правење куќичка, доволно ќе биде да поставите и картонска кутија на местата каде што нема снег. Животните ќе ви бидат благодарни, вашите деца ќе научат да им помагаат на другите и самите себеси ќе се гледаат со други очи, а ако сето ова го фотографирате и го споделите на социјалните мрежи, многумина ќе ве поддржуваат во вашите постапки.

Помогнете им на вашите четириножни пријатели: 5 лесни начини да им бидете од корист во студените денови

3. Малку храна и чинија топла вода може да ги спасат животните во последен момент

Од празничните трпези сигурно ви останува многу храна, па погледнете во фрижидерот и издвојте го сѐ она што нема да го јадете. Земете две пластични чинии и ставете топла вода и храна наменети за напуштените животни во вашето место на живеење. Ако можете да си дозволите и ако не се брзате, можете да купите и конзервирана храна за кучиња и мачки и да ја оставите на местата каде што не врне дожд или снег.

4. Не се загрозени само кучињата и мачињата, туку зимата е тешка и за птиците

Поставете куќичка за птици, а доколку немате време за тоа, наполнете една чинија со зрна и ставете ја на вашиот прозорец или тераса.

5. Вдомете животно

Ако сте љубители на животните и отсекогаш сте сакале да вдомите некое, ова е одлично време да го направите тоа! Од една страна вие ќе се чувствувате исполнети и посреќни, а од друга страна ќе спасите еден живот.

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар