Избор на кариера според видот на интелигенцијата

Според психологот Харолд Гарднер интелигенцијата има биопсихолошки потенцијал – што значи дека сите ние имаме потенцијал да вежбаме група интелектуални способности во различен период од нашиот живот. Но, сепак постојат некои области во кои сме природно подобри. Тоа е одредено од видот на интелигенција кој го поседуваме и најчесто токму тоа ни помага во изборот на нашата професионална кариера. Истражувањата покажале постоење на барем 7 интелигенции кои се релативно независни:

Избор на кариера според видот на интелигенцијата

Лингвистичка интелигенција

Оваа интелигенција е високо развиена кај писатели, поети, новинари, адвокати, политичари, преведувачи… Таа се базира на способноста да се сфати синтаксата, фонетиката и семантиката на јазикот. Доколку оваа интелигенција е на повисоко ниво, се зголемуваат способностите за јазично изразување, читање, јасно пишување, убедување.

Логичко-математичка интелигенција

Оваа интелигенција се сретнува на повисоко ниво кај математичари, научници од природните науки, сметководители, програмери, правници, доктори… Таа е интелигенција за бројки, математички операции и логичко расудување. Оние кои ја поседуваат имаат високо развиена способност за рационално расудување, поставување хипотези, утврдување каузални односи, за категоризирање и класифицирање.

Спацијална интелигенција

Овој вид интелигенција во поголема мера ја поседуваат архитекти, уметници, пилоти, фотографи, машински инженери, ловци, кореографи, декоратори… Таа подразбира развиена сензитивност за бои и форми, осетливост за визуелни поединости, имагинативна трансформација во тродимензионален простор, креирање на визуелни светови, способност за цртање, просторна ориентација.

Музичка интелигенција

Оваа интелигенција на повисоко ниво се наоѓа кај пејачи, изведувачи на музички инструменти, композитори, музички критичари… Се базира на способностите за перципирање, препознавање и продуцирање ритами и мелодии, разликување на висината на тоновите и трансформација во различни тонски скали.

Телесно-кинестетичка интелигенција

Овој вид интелигенција е високо развиена кај спортистите, скулпторите, артистите, танчарите, занаетчиите, хирурзите… Личностите кај кои е развиена оваа интелигенција се одликуваат со тактилна сензитивност, контрола на телесните движења и способност преку нив да ги изразат своите чувства и идеи. Исто така многу вешто ракуваат со предметите.

Интерперсонална интелигенција

Оваа интелигенција е високо развиена кај политичките лидери, советници, едукатори, раководители, менаџери на големи фирми, социјални работници… Таа се заснова на способноста да се разберат другите луѓе, да се препознаат нивните расположенија, намери и желби и соодветно да се реагира на нив. Лицата кои ја поседуваат оваа интелигенција се социјално одговорни, емпатични и способни да го видат светот од аспектот на другите луѓе. Тие имаат и способност лесно да влијаат врз одредена група на луѓе.

Интраперсонална интелигенција

Оваа интелигенција е на повисоко ниво кај теолози, бизнисмени, психотерапевти… Оние кои ја поседуваат се одликуваат со точно развиена слика за своите доблести и слабости, свесни се за своите расположенија, интереси и желби. Можат лесно да стигнат до своите чувства, да прават дистинкција помеѓу нив. Најчесто се интровертни, интроспективни, уживаат во медитацијата и други форми на длабинско душевно испитување. Тие се независни личности кои преферираат да работат сами.
Помалку или повеќе ние ги поседуваме сите овие видови интелигенции. Секоја од нив се јавува во одреден степен од нашето детство, го достигнува врвот во различни периоди од зрелоста и постепено опаѓа во староста. Може да се манифестира на различни начини, но најголема улога игра во изборот на нашата кариера.

Која интелигенција моментално преовладува кај вас?


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Студентка по психологија која во слободно време обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Одрекува дека е зависна од кофеин, но цврсто верува дека со помош на поголемо количество на кафе може да го освои светот. :)

Поврзани содржини

  1. Biba Reply

    Prvata, lingvistichka :D

  2. Васко Reply

    Уффф ја политичар изгледа треба да бидам.

  3. Maria Reply

    kaj mene bi rekla muzickata.

  4. Ana Reply

    telesno-kinesteticka…bar taka mislam :)

  5. Svince Reply

    А што е со нас-неинтелегентните? :D

Остави коментар