9 стравови кои треба да ги прифатите за да излезете од вашата зона на удобност

9 стравови кои треба да ги прифатите за да излезете од вашата зона на удобност

Во текот на нашето животно патешествие постојано се соочуваме со одредени стравови. Страв од почеток на нова кариера. Страв од тоа да живееме сами без нашите родители. Страв од тоа да почнеме да учиме во друга земја. Страв од започнување нова сериозна врска по болното раскинување… Стравот е нормален сегмент од нашиот живот и за да го пребродиме треба да го прифатиме како таков, затоа што во спротивно може да пропуштиме многу можности за среќа и личен развој. Може да пропуштиме да ја работиме нашата професија од соништата, да станеме посилни и независни, да го запознаеме нашиот нов најдобар пријател и да ја пронајдеме нашата сродна душа. Сите овие работи вклучуваат некаква промена во животот, а секој човек се плаши од промени затоа што тие подразбираат излез од зоната на удобност. За да излезете од таа фатална комфорна зона, најпрво треба да си ги признаете вашите стравови и да се соочите со нив…

9 стравови кои треба да ги прифатите за да излезете од вашата зона на удобност

1. Страв од извршување рутински обврски

Во овие рутински обврски спаѓаат закажување преглед на доктор, прашување непознати лица за некои упатства, барање исплата за работата што сте ја завршиле и слично. Овој страв најчесто се јавува како последица од помислата дека ќе бидете исмеани поради вашето незнаење, понижени или едноставно ќе станете жртва на нечие лошо однесување. Веројатно си смислувате цело сценарио во глава пред да извршите некој рутински повик за да знаете точно што ќе кажете. Немојте поради овој страв да ги избегнувате овие повици или, пак, да се воздржувате да прашате нешто затоа што се плашите дека ќе испаднете глупави. Напротив, што е можно повеќе изложувајте се на вакви ситуации и со тек на време стравот целосно ќе исчезне.

2. Страв од неизвесноста што ја носи иднината

Ова најчесто се однесува на тоа дали сè уште ќе имате работа по неколку месеци или дали ќе заработувате доволно за живот. Можеби имате сопствен бизнис и се плашите дека сè ќе тргне наопаку и ништо нема да заработите. Можеби сè уште не сте сигурни што сакате да работите, па имате страв дека никогаш нема да се пронајдете. Ако размислувате на овој начин, голема е веројатноста дека нема ништо да преземете само затоа што се плашите од неуспех. Но, работите нема да ви паднат од небо, така што соочете се со овој страв што е можно побргу и не плашете се да пробате повеќе работи додека не ја пронајдете онаа што најмногу ги задоволува вашите духовни и материјални потреби.

9 стравови кои треба да ги прифатите за да излезете од вашата зона на удобност

3. Страв од тоа дека не можете го контролирате вашиот живот

Нормално е дека нема да можете да воспоставите контрола врз секој сегмент од вашиот живот. И тоа е сосема во ред. Не можете да очекувате дека секој човек од вашиот живот ќе се однесува токму онака како што вие сте замислиле. Некогаш ќе мора и да се прилагодите на одредена ситуација. На крајот од краиштата, сè зависи од вашата перцепција на работите. Ако не оди сè по планот, свртете го тоа во ваша корист и извлечете го најдоброто од целата ситуација. Бидете пофлексибилни и тоа значително ќе го намали стресот и притисокот што секојдневно самите си го наметнувате.

4. Страв од тоа да патувате сами

Патувањето сами е голем чекор за некои луѓе, но уште поголема можност за личен развој и запознавање на самите себеси. Соберете храброст и не плашете се да разговарате со непознати луѓе. Истражувајте и учете. На тој начин ќе ги проширите вашите видици и ќе станете поотворени кон промени.

9 стравови кои треба да ги прифатите за да излезете од вашата зона на удобност

5. Страв да не се изгубите

Ако конечно решите да патувате сами, голема е веројатноста дека барем еднаш ќе ви се случи да се изгубите во некоја непозната земја. Помислата на тоа да талкате сами со часови по тесни улички исполнети со луѓе кои не ги познавате и не го зборуваат вашиот јазик е навистина застрашувачка. Но, верувајте дека во тој момент вашиот инстинкт ќе проработи и вие без размислување ќе излезете од вашата зона на удобност со тоа што ќе почнете да го прашувате за насоки секој човек што ќе го видите. Кога конечно ќе стигнете на вашата посакувана дестинација ќе се чувствувате како непобедлив херој којшто штотуку го освоил светот. Ќе останете вчудовидени кога ќе сфатите дека пријателска насмевка и малку гестикулации е сè што ви било потребно.

6. Страв од јавен настап

Во текот на вашиот живот сигурно ќе се најдете во ситуација кога ќе треба да говорите јавно пред повеќе луѓе. Се плашите дека сè ќе тргне наопаку и сите ќе ви се смеат? Имате трема и станувате толку нервозни што во последен момент помислувате да се откажете и да побегнете? Не сте единствени! Многу луѓе се соочуваат со овој страв. Сè што треба да направите е да се уверите дека вие сте неверојатна личност и дека сите овие луѓе дошле да ве чујат вас затоа што вие навистина имате што да кажете. Вашата улога не е да го кажете совршениот говор, туку да ги инспирирате луѓето со тоа што ќе зборувате искрено и од срце.

9 стравови кои треба да ги прифатите за да излезете од вашата зона на удобност

7. Страв од тоа дека ќе ги изгубите луѓето што ви значат

Самата помисла на тоа ве прави тажни. Но, смртта е неизбежен дел од животниот циклус. Колку и да е тешко треба да ја прифатите како нешто нормално. Болеста и смртта се природни феномени, но стравот е избор. Треба да живеете во моментот, а не да мислите на тоа што ќе ви донесе иднината. Сакајте ги вашите блиски и уживајте во секој поминат момент со нив.

8. Страв од тоа да ги искажете вашите емоции

Сосема е нормално да се плашите да ги искажете вашите емоции, бидејќи во тој момент вие сте ранливи и целото ваше битие е ставено на тацна пред светот или пред одредена личност. Со тоа што вие отворено кажувате како се чувствувате, сами се изложувате на ризикот да бидете повредени и искористени. Добро е да се штитите самите себеси, но треба да процените во кои ситуации мора да бидете целосно отворени и искрени. Ако постојано сте затворени и ладни, голема е веројатноста дека ќе оттурнете многу луѓе од себе, а со тоа ќе пропуштите голем број можности да создадете круг на поединци кои секогаш ќе бидат тука за вас и ќе ви пружат искрена љубов и поддршка. А секое човечко суштество има потреба од љубов и грижа.

9 стравови кои треба да ги прифатите за да излезете од вашата зона на удобност

9. Страв од љубов

Штотуку сте излегле од долга и мачна врска, проследена со многу драми и бура на емоции. Нормално е дека ви е потребно време да го сварите сето тоа што ви се случило пред да бидете подготвени да почнете нешто ново што би можело да заврши на истиот начин. А кој би сакал одново да го преживува истиот хорор? Се чувствувате исцрпени и неспособни повторно да сакате на истиот начин. Но, тоа е далеку од вистината. Вие сте сосема способни за љубов, само што се плашите да се поврзете со некого на подлабоко ниво затоа што сè уште ве прогонуваат духовите од минатото. Наместо да започнувате нова врска и да повредите некого со тоа што ќе побегнете при првото остварување на позначајна духовна конекција, дајте си време. Соочете се со овој страв и фокусирајте се на вашите сопствени потреби и желби. Самите ќе забележите кога ќе бидете повторно подготвени за љубов. Потребно е што побргу да си го признаете овој страв, бидејќи во спротивно голема е веројатноста дека ќе пропуштите многу можности за искрена љубов и среќа.

Чувството на страв не е баш најпријатно, но тоа е она што прави да се чувствуваме живи. На сите ни е потребна сигурност и неизвесност во животот за да можеме да одиме напред. Стравот ни помага да учиме. Нè поттикнува да се развиваме во силни и независни луѓе способни да се грижат за самите себеси, да љубат и да бидат инспирација за останатите. Храброста не е отсуство на страв, туку победа над стравот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар