5 трикови за паметење на вашите соништа

Сонувањето претставува серија од слики, идеи, емоции и впечатоци кои се случуваат во потсвесниот дел од мозокот, во текот на одредени фази од спиењето. Кога спиеме, се одмораме и се ослободуваме од нашата будна реалност. Така, соништата се начин на релаксирање и оставање на нашите умови да „заталкаат“ во некои далечни, недостижни светови, каде можеме во нефизичка смисла да разговараме со живи и неживи луѓе, да бидеме на реални и непостоечки места, да правиме работи, кои никогаш не би ни паднале на ум во реалниот живот.

5 трикови за паметење на вашите соништа

Зигмунд Фројд, таткото на психоанализата верувал дека анализата на соништата е силно средство за откривање на несвесните желби и мисли на луѓето, особено сексуалните пориви и скриените стравови. Тој верувал дека нашите свесни умови се гадат од нашите скриени желби и ги потиснуваат тие пориви, затоа што се срамиме или се плашиме од тоа што би го помислиле или рекле другите луѓе. Фројд тврдел дека целта на она што го сонуваме е начин луѓето да ги задоволат во фантазиите, инстинктивните пориви, кои општеството ги смета за неприфатливи.

5 трикови за паметење на вашите соништа

Фројд создал метод наречен „слободна асоцијација“ со кој пациентот ги опишува мислите и чувствата како што му доаѓаат во умот. На пример, ако терапевтот рече „сино“, сонувачот би требало да го каже првиот збор кој му доаѓа на ум. Методот бил користен за да се открие вистинската заднина на соништата. Според Фројд, постои потиснат сексуален мотив зад повеќето соништа. Сонувањето чаша за вино, ракавица, пештера или тунел ги претставуваат женските гениталии, додека соништата со змија, молив или птица ги претставуваат машките гениталии. Па така, соништата со паѓање, летање, качување или симнување по скали, сите тие претставуваат секс.

Карл Јунг, друг прочуен теоретичар на сонот, тврдел дека причината поради која сонуваме е да ги компензираме оние делови на психата, кои се недоволно развиени во будниот живот, за да се чувствуваме поцелосно.

Други теоретичари на сонот велат дека целта на соништата е да понудат некакво решение на проблемите кои не можеме да ги решиме во будниот живот.

Соништата се интересна работа и секој од нас понекогаш размислува или го бара низ соновниците значењето на симболите. Но, соништата се забораваат. Всушност повеќето ги забораваме одошто ги паметиме. Колку пати само ви се случило да сонувате нешто толку јасно, со чисти, дефинирани слики, звуци и емоции, така што не сте сигурни дали сте будни или сонувате и одненадеж: пип, пип, пип, се будите изненадено од вашиот аларм и сфаќате дека е време за започнување нов ден. Додека сте отишле до кујна да си направите кафе, веќе сте го изумиле вашиот интересен сон. Еве неколку трикови како да ги запаметите соништата:

1. Запаметете ја положбата во која сте сонувале

Д-р Патриша Гарфилд смета дека позицијата на вашето тело додека сонувате е клучно за паметење на соништата. На пример, доколку најчесто спиете на десна страна, но се разбудите на лева и не можете да се сетите на сонот, свртете го телото на десно и полежете малку. Со оваа техника сонот обично почнува постепено да се враќа во вашите мисли и ќе можете да се присетите на настаните и деталите во него.

5 трикови за паметење на вашите соништа

2. Спокоен старт на денот

За повеќето луѓе, паметењето на сонот е многу поедноставно доколку будењето е на природен начин, без звукот од будилникот. Природното будење им овозможува на соништата да се задржат во свесниот дел од мозокот, додека полека излегувате од фазата на спиење РЕМ (брзо движење на окото), во која соништата обично се паметат по будењето.

Оние од вас кои не можат да живеат без будилник, а сакаат да ги запаметат соништата, треба да ги користат викендите за кратки дремки, кога може да се максимизираат шансите за будење на природен начин. Во дремките кои траат подолго од 20 минути, мозокот оди во состојбата на спиење РЕМ. Ако успеете да се разбудите без никакво надворешно влијание, ќе можете да се концентрирате и да се сетите на сонот.

5 трикови за паметење на вашите соништа

3. Моќта на автосугестијата

Друг ефикасен начин е да си сугерирате дека можете да ги меморирате вашите соништа. Употребувајте кратка, позитивна фраза во сегашно време како на пример: „ Јас лесно ги паметам моите соништа“ и повторувајте си ја секојдневно по неколку пати. Ставете си потсетник на вашиот мобилен или залепете бележник со кој ќе се присетувате дека треба да ја кажете фразата на глас или во себе.

4.  Опишете го на лист хартија вашето секојдневие

Одберете некој дел од вашето секојдневие во кој особено уживате и преправајте се дека тоа сте го сонувале. На пример, можете да ги запишете деталите од вашиот работен ден или за тоа како сте си поминале за време на паузата за ручек. Започнете со одговарањето на ваков тип прашања:

  • Во колку часот пристигнувам, а кога си одам дома?
  • Каква облека носам?
  • Какви се временските услови?
  • Кој ден од седмицата е?
  • Како сум расположен/а?
  • Со кого разговарам?
  • Како се чувствувам по пат до саканата дестинација?
  • Дали сум сам/а?

Можете да го проширите овој тренинг на вашиот мозок колку сакате, а тој  ќе ви помогне преку потсетување на деталите од вашиот буден живот, да ги запаметите и деталите во вашите соништа, кои е многу битно да ги запишувате, водејќи дневник за соништа.

5. Погледот низ вашиот прозорец

Значењето на вашите соништа лежи во најситните детали, кои постојат во вашето секојдневие, но ретко кој ги забележува. За таа цел, гледајте 5 минути низ прозорец и концентрирајте се на тоа што го гледате.

5 трикови за паметење на вашите соништа

Да речеме дека прозорецот има поглед кон парк. Погледнете во различните бои на небото и различните видови дрвја, тревници, цвеќиња итн. Проучувајте ги клупите, спомениците, корпите за отпадоци. Каков облик имаат? Дали се чисти? Каква боја се? Забележете дали има животинчиња, птици, пеперутки низ паркот. Дали има возрасни луѓе? Пешачат или седат, џогираат или туркаат колички со бебиња? Со што си играат дечињата?

Откако ќе ја проучите целата сцена, земете еден тефтер и запишете сè што сте успеале да забележите. Оваа интересна вежба на мозокот, е ефективен начин да ги забележувате деталите во вашиот буден живот и во вашите соништа.

Можеби ќе ве интересира да прочитате и за петте нешта кои најчесто ги сонуваме.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Љубопитна новинарка со истражувачки дух, во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, без испеана песна и без малку возбуда не треба да ѝ помине ниту еден ден. Се релаксира со фина музика, длабок филм или прошетка во природа во добро друштво. Верува дека добриот совет и астрологијата ѝ помагаат да се разбере себеси и светот околу неа. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

Остави коментар