12 алармантни знаци дека сте во лоша љубовна врска

Сфаќањето дека сте во лоша љубовна врска која ви штети, може да биде тешко. Можеби ќе ви биде полесно доколку претходно сте биле во добра љубовна врска, но доколку оваа врска го претставува целото или макар поголемиот дел од вашето искуство во љубовта, тогаш би ви било тешко да разберете колку односот кој го имате со вашиот партнер негативно ви влијае вам. Ова се 12 предупредувачки знаци дека сте во лоша и нездрава љубовна врска која ви нанесува штета.

12 алармантни знаци дека сте во лоша љубовна врска

1. Не се вреднувате доволно

Дали тој се однесува како да е незаменлив? Можеби не ве вреднува доволно и мисли дека што и да направи вие сепак ќе бидете покрај него? Или обратно, можеби вие не го вреднувате доволно вашиот партнер? Потценувањето е еден од најголемите непријатели на врската, а однос во кој се чувствувате дека не вредите доволно, значително ќе ја намали вашата самодоверба и никогаш нема да мислите дека сте доволно добри.

2. Недостаток на доверба

Дали во врската чувствувате постојана несигурност кога станува збор за верноста на вашиот партнер? Дали вашиот партнер мисли дека не е правилно да излегувате со друштво без тој да биде присутен? Врска која се базира на љубомора и недоверба во никој случај не е здрава и цврста љубовна врска.

12 алармантни знаци дека сте во лоша љубовна врска

3. Постојани навреди

Дали си дофрлате погрдни зборови на дневна база? Чувствувате дека постојано треба да се браните себеси и своите ставови? Вашиот партнер треба да прави да се чувствувате сакано и слободно во своја кожа. Доколку од обете или од една страна постојано произлегуваат навреди тоа може да биде знак дека сте во емоционално насилна врска на која треба да ѝ ставите крај еднаш за секогаш. Караници секогаш ќе има, но едно е несогласување на некоја тема, а сосем различно е дофрлањето навреди.

4. Секојдневни кавги

Многумина нема да обрнат внимание на ова мислејќи дека никоја врска не е совршена. Тоа е точно. Врската си има свои падови. Но кога ќе ја погледнете како целина, добрите моменти треба да се побројни од лошите а не обратно.

12 алармантни знаци дека сте во лоша љубовна врска

5. Изолација од светот

Вашиот партнер е значаен дел од вашиот живот, но не единствен. Доколку постепено ги отфрлате вашите пријатели или се оддалечувате од семејството, по своја или негова волја, тогаш внимавајте. Црвената предупредувачка сирена веќе е вклучена.

6. Префрлање на вината

Дали за секој лош момент ве обвинува вам? Дали кај вас ја бара кривицата за сè што тргнало наопаку дури и тогаш кога не сте директно инволвирани во настанот? Или обратно, дали вие секогаш го обвинувате вашиот партнер за сè што ви се случува? Во тој случај вие не градите врска базирана на љубов туку на вина.

7. Прескокнување на вистината

Доколку имате потреба да го лажете вашиот партнер и да криете работи од него тоа во никој случај не е добар знак. Или можеби тој/таа ве лаже вам и за најбанални работи? Не залажувајте се себеси, криење на вистината е всушност лажење, не постојат други облици. Врска во која не можете да бидете отворени и искрени кон себе и кон партнерот не е здрава љубовна врска.

12 алармантни знаци дека сте во лоша љубовна врска

8. Без комуникација

Влегувате во соба, го вклучувате телевизорот и поминувате часови без да си речете ништо еден на друг? Да, некогаш тишината е пријатна, но не секогаш и не постојано. Комуникацијата е одличен начин да се зближите меѓу себе и доколку не сте во можност да зборувате дури и за навидум небитни теми треба да се запрашате каде точно води вашата врска.

9. Контрола

Во ред е да побарате совет од вашиот партнер, но сосема друго е обидот да се контролира нечиј живот, начин на облекување, места за излегување, да се става контрола врз она што го работите и начинот на кој си ја вршите работата дури и начинот на кон комуницирате со вашите блиски.

10. Сè е поврзано со секс

Сексот е начин телесно и емоционално да се поврзете со партнерот, но не претставува сè во врската. Доколку сè се сведува на секс, седнете и добро размислете за вашата врска. А од друга страна, доколку чувствувате дека сè уште сте млади и неподготвени на овој чекор, а вашиот партнер упорно инсистира, тогаш не сте во врска во која вашите желби и чувства се ценат и не треба да продолжите да се изложувате себеси на тој притисок.

12 алармантни знаци дека сте во лоша љубовна врска

11. Нема компромис

Секогаш се слуша само едната страна без да се почитуваат туѓите желби. Тоа не звучи како здрава врска. Врската се базира на компромис бидејќи никој и ништо не е идеално и често ќе наидете на работи кои не ѝ се по ќеф на едната страна. Дали знаете да попуштите и да направите компромис? Дали тој компромис е еднаков од двете страни? Ако одговорот е да, тогаш е во ред, но доколку е не, тогаш сте во врска каде доминираат желбите и интересите само на едната страна.

12. Заљубени сте во врската, а не во личноста

Во врска сте бидејќи ви се допаѓа личноста, начинот на кој оди, зборува, неговите/нејзините сфаќања за животот и сл. Но доколку сте во врска само за да не бидете сами и само затоа што „така треба“, тогаш ставете си прст на чело. Статусот „дабл“ не е нешто што мора да бидете туку нешто што сакате да бидете.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар