10 причини зошто не напредувате во кариерата

Автор: Елена Тарчуговска

Верувате дека успешно ја работите својата работа, но вашиот шеф никако да го согледа тоа и да ве награди со унапредување. Зошто тој упорно ве става на листата на чекање и кои грешки вие ги правите на работното место? Преиспитајте се себеси и дознајте како да ја постигнете целта.10 причини зошто не напредувате во кариерата

1. Непочитување на договореното

Доцнењето е неприфатливо. Доколку сте работник кој постојано доцни со некаков изговор, шефот не само што нема да ве унапреди, туку и веќе сигурно почнал да размислува да ви даде отказ. Договорот има суштинско значење на работното место. Тука спаѓаат и вашите работни активности. Најлошо е доколку сте се нафатиле да завршите некоја задача во одреден временски период, а не сте успеале. Не заборавајте дека вашиот шефот не го интересираат изговори, туку дела!

2. Прекумерно фалење

Самодовербата е пожелна карактеристика, но бидете внимателни да не претерате бидејќи никој не сака егоцентрични луѓе.  Заборавете ги изјавите како „Да ми ја дaдеше мене таа работа немаше да се случи ова“ или „Јас сум најдобриот работник во оваа компанија, а вие тоа не го цените“.

3. Обвинување други за сопствените грешки

Понекогаш е многу незгодно да се признае сопствената грешка, но многу е подобро тоа да го направите веднаш, отколку подоцна да се извинувате. Најлошата работа која можете да ја направите во таква ситуација е да обвините некој друг за вашите пропусти.

4. Ширење гласини

Избегнувајте ги гласините. Па дури и ако нешто сте слушнале во таа смисла немојте истото да го ширите натаму. Држете се настрана и во таквите ситуации ставете се во улога на дипломат. Тоа значи да не застанувате на ниту една страна, туку  да се обидете да најдете решение за ситуацијата. Доколку пак некој вам ви наштетил со нешто и не е во право, кажете му го тоа нему, на само. Верувајте дека така ќе уживате многу поголема почит и ќе бидете една од оние личности на кои може да им се верува.

5. Приватни телефонски разговори

Избегнувајте долготрајни приватни телефонски разговори, „седење“ на Фејсбук, користење на работното време за пишување сопствени пораки, симнување филмови, играње забавни игри, сурфање на интернет и слично. Колку и да ви изгледа далеку канцеларијата на шефот верувајте дека тој ги следи вашите активности, а не сакате да се доведете во ситуација да ве искритикува или да ве нарече неработник.

6. Стимулирање болест

Доколку повремено земате по еден ден одмор за своето ментално здравје и воопшто за себе, тоа и не е некаков проблем, освен ако не ви се случува често. Зачестеното јавување на работа дека сте болни е неодговорно и не е чесно во однос на колегите кои ве заменуваат.

7. Ги преминувате границите

Верувате во вашите способности и со цел да се истакнете започнувате да го советувате шефот како тој треба да изреагира во одредена ситуација или пак го критикувате дека направил погрешен избор во врска со новиот проект. Очигледно сте ги преминале границите. Не заборавајте дека вие сте негов подреден и колку и да мразите хиерархија морате да имате на ум, дека ќе предизвикате одбивност доколку постојано му се мешате во работата. Дури може и да си помисли дека целите кон неговата работна позиција, а со таков став верувајте дека никогаш нема да ве унапреди.

8. Несоодветен стил на облекување

Работата си бара влог во вашиот надворешен изглед. Многубројни истражувања докажале дека работодавците обрнуваат големо внимание на тоа како се облекуваат нивните вработени. Според истражувањата, шансите за покачување на платата или унапредување се многу поголеми кај оние кои негуваат соодветен работен стил. Не заборавајте дека облеката чини чуда во работниот свет, а истовремено влијае и врз зголемување на вашата самодоверба и посветеност.

9. Романса со надредениот

Ако сте се решиле да се впуштите во такво нешто, имајте предвид дека тоа лесно може да се дознае, по што ќе се искомплицираат работите. Затоа е подобро да ги избегнувате таквите врски. Побарајте ја љубовта на некое друго место.

10. Не сте трпеливи

Најбитно е да сфатите дека за најдобрите работи во животот е потребно долго време, затоа вооружајте се со трпение. Работете си ја својата работа, бидете насмеани, позитивни и полни со енергија која ќе зрачи оддалеку. Постојано пробувајте нови методи за постигнување успех и уживајте во работата која ја работите. Понатаму унапредувањето кое следува ќе го сфатите како награда која што дополнително ќе ве стимулира.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар