Убијци кои го користат Фејсбук за да го реализираат своето „совршено“ убиство

Разгледајте ги вашите пријатели на Фејсбук и размислете, дали е можно да се крие убиец низ некои од лицата кои се смеат на нивната профилна фотографија?

6 видови Фејсбук убијци

Истражувачи од Универзитетот Бирмингем Сити ја објавиле првата студија која покажува како социјалните мрежи можат да водат кон криминално однесување. Со помош на оваа студија тие откриле дека 26 од 48-те таканаречени „Фејсбук убијци“ ширум светот се наоѓаат во Велика Британија. Овие луѓе пред да го направат криминалното дело, ги користат социјалните мрежи за да го демнат нивниот плен или пак, да ги споделуваат своите фантазии.

Професорот Дејвид Вилсон и д-р Елизабет Јардли од центарот за применета криминологија на Универзитетот Бирмингем Сити го објавиле нивниот извештај откако проучувале случаи со Фејсбук убиства од 2008 до 2013 година. По долго истражување, тие успеале да идентификуваат 6 видови Фејсбук убијци:

Реактор (27,1% од сите убијци на Фејсбук)

Реакторот одговара на содржина која била објавена на Фејсбук со напаѓање во живо. Пример за оваа категорија е случајот со Вејн Форестер кој во 2004 година ја претепал неговата жена до смрт откако дознал дека го сменила својот статус во „слободна“. Еден ден пред убиството, 43-годишниот маж им се јавил на своите родители да им се пожали за делото на жена му, кое според него направило таа да изгледа глупаво. Извештајот ни открива дека сексуалната интимност, љубомората и желбата за одмазда се клучните карактеристики на овој вид убијци.

Информатор (22% од сите убијци на Фејсбук)

Информаторот преку Фејсбук објавува дека тој планира да убие некоја личност или пак, дека веќе ја убил. Професорот Вилсон вели дека Вил Корник, кој би осуден за грозоморното убиство на неговата наставничка по шпански јазик, Ен Мегуаер, спаѓа во оваа категорија. Тој 4 месеци пред да го спроведе убиството им ги објаснувал своите фантазии за бруталното убиство на неговите Фејсбук пријатели. „Корник спаѓа во онаа категорија на луѓе кои сакаат да им ги кажат своите намери на сите“, вели професорот Вилсон.

Антагонист (16,7% од сите убијци на Фејсбук)

Овие луѓе се вклучуваат во непријателски онлајн дебати кои многу брзо ескалираат во насилство надвор од социјалните мрежи. Токму затоа, со самото знаење дека треба да се случи борба, криминалците најчесто доаѓаат наоружани. Во 2010 година, 18-годишниот Салум Комбо бил прободен до смрт од страна на негов поранешен пријател. 15-годишниот убиец, чиј идентитет е заштитен од судот, го нападнал Комбо веднаш по низа навреди на Фејсбук.

Фантазер (12,5% од сите убијци на Фејсбук)

Фантазерите, според оваа студија, се оние луѓе чија линија помеѓу фантазијата и реалноста е малку замаглена. Убиството настанува кога тие се обидуваат да ја одржуваат својата фантазија во живот или пак, со цел да спречат другите да ја дознаат вистината. Марк Твичел, кој убил еден човек во „соба за убиства“ која била инспирирана од една сцена од ТВ серијата „Декстер“ поседувал профил на Фејсбук во кој се преправал дека е ликот. Со помош на овој профил тој ги бирал своите жртви и се подготвувал за голем број убиства.

Предатор (12,5% од сите убијци на Фејсбук)

Предаторите креираат лажен профил на Фејсбук со цел да ги запознаат своите жртви во реалниот свет. Во 2010 година, Пјер Чапман бил осуден на 35 години во затвор откако креирал лажен профил на Фејсбук во кој се претставувал како симпатичен тинејџер со цел да лови и убива 17-годишни девојчиња. Во реалноста тој бил 33-годишен осуден силувач кој живеел во својот автомобил. Според студијата, предаторите често ги демнат слабите страни на нивните жртви со цел да постават добра основа за развивање на стабилна врска.

Натрапник (8,3% од сите убијци на Фејсбук)

Најчесто поврзани со домашните криминални дела, натрапниците пишуваат статуси на профилот на нивните жртви со цел да креираат илузија дека тие сè уште се живи. Во 2010 година, Ендру Линдо ја убил својата партнерка, Мери Стјуарт и потоа си праќал пораки од нејзиниот Фејсбук профил тврдејќи дека го напуштила и отишла да живее на Канарските острови.


За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар