Што ќе се случи ако сите луѓе на планетата станат вегетаријанци до 2050 година?

Исфрлувањето на месото од исхраната може да донесе многу придобивки за целокупното здравје на планетата, а исто така може да влијае и на животите на милиони луѓе. Одредени личности одлучуваат да станат вегетаријанци поради различни причини. Некои сакаат да ги заштитат животните, а други пак затоа што сакаат да се хранат поздраво. Но, што би се случило доколку сите луѓе во светот, без разлика на причините, станат вегетаријанци? Верувале или не, последиците би ги почувствувале милиони, па можеби дури и милијарди луѓе.

Што ќе се случи ако сите луѓе на планетата станат вегетаријанци до 2050 година?

„Во развиените земји, вегетаријанството би донело различни придобивки, како за животната средина, така и за здравјето на луѓето. Во земјите во развој би се почувствувал негативен ефект, односно сиромаштија“, вели Ендрју Џарвис од Интернационалниот центар за тропска агрикултура од Калифорнија.

Џарвис и неговиот тим истражувале што би се случило кога месото би било отфрлено од менито на сите луѓе во светот.

Влијание на климатските промени

Најпрво тие истражувале како ова би влијаело на климатските промени. Всушност, производството на храна е одговорно за една четвртина до една третина од емисиите на сите гасови кои влијаат врз ефектот на стаклена градина создаден од страна на луѓето. И покрај овие податоци, честопати се занемарува како исхраната влијае на животната средина. Во САД на пример, едно четиричлено семејство емитува повеќе штетни гасови со тоа што јаде месо, отколку да вози два автомобила.

„Повеќето луѓе не размислуваат за влијанието кое производството на храна го има на климатските промени. Кога сега би јаделе помалку месо, би ја направиле планетата подобра за нашите деца и внуци“, вели Тим Брентон, експерт за храна на Универзитетот во Лидс.

Неговиот колега, Марко Спрингмен, истражувач во областа на иднината на храната при Оксфорд, се обидел да го пресмета точното влијание. Всушност, Спрингмен и неговиот тим направиле програма која може да предвиди што би се случило доколку сите луѓе на светот до 2050 година би станале вегетаријанци. Резултатите покажале дека емисијата на штетни гасови која се поврзува со производството на храна би се намалила за 60%, најмногу поради отфрлање на црвеното месо. Храната, а особено производството на месо, зафаќа многу простор на планетата, што за последица има и создавање штетни гасови, но исто така и уништување на шумите со цел да се изнајде повеќе простор. Моментално во светот дури 68% од земјиштето припаѓа на место каде што се произведува месо. Доколку би се откажале од месото, тој простор би можел да се пошуми.

Што ќе се случи ако сите луѓе на планетата станат вегетаријанци до 2050 година?

Што ако месната индустрија стане минато?

Доколку воопшто не постои месната индустрија, на луѓето кои се вработени таму би им била потребна помош да најдат ново вработување во друга гранка на производство, без разлика дали станува збор за земјоделството, пошумувањето и слично. Во почетокот би морале да се соочиме со голема невработеност поради губењето работни места, посебно во руралните средини. Сепак, ниту вработувањето во алтернативни индустрии не би можело да ја надомести оваа голема загуба на работни места.

Дали е потребно да се откажеме од месото за да ја спасиме планетата?

За среќа, не мора сите луѓе во светот да бидат вегетаријанци или вегани за да се почувствуваат придобивките и да се намали опасноста. Клучната работа е да се промени количеството месо кое се внесува, како и неговата зачестеност.

„Малите промени во исхраната се нешто што луѓето не би ги ни забележале, на пример, да консумираат помало парче месо. Изборот не мора да биде помеѓу живот со и живот без месо“, вели Џарвис.

Одредени промени во системот на исхрана исто така би ни помогнале да направиме поздрави и еколошки прифатливи одлуки кога е во прашање исхраната, вели Спригмен. На пример, повисока цена на месо, а поевтино овошје и зеленчук. Исто така би требало поодговорно да се однесуваме кон храната, особено кога е во прашање нејзиното фрлање. Помалку од 50% од калориите кои се произведуваат на годишно ниво во светот се употребуваат за она што не им е намена.

„Постои начин и да се воспостават системи кои ќе произведуваат помалку загадување и кои се добри за животните и за животната околина, но и би биле профитабилни, затоа што би произведувале помалку месо, а не за дневно консумирање. Фармерите би добивале исто, само што би ги одгледувале животните на поинаков начин“, објаснува Брентон.

Веќе постојат решенија за намалување на загадувањето и ефектот на стаклена градина предизвикани од производството на храна, но она што недостига е желба за тие да се спроведат.


За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар