Меланхоличниот лик на Хамлет – убиство, одмазда, трагична љубов

„Хамлет“ е најдолгата Шекспирова драма и една од најмоќните трагедии некогаш напишани. Базирана врз легендата за Амлет, оваа драма е најпопуларно дело на англискиот поет и драматург Вилијам Шекспир. Кога зборуваме за „Хамлет“, мислиме на врвно достигнување во литературата. Хамлет со векови ги фасцинира публиката и читателите.

Ликот на Хамлет е најпознатиот и најанализираниот лик од Шекспировите драми. Познат како екстремно разочаран и меланхоличен, Хамлет е полн со омраза кон неговиот чичко Клавдиј. На ваквата негова состојба влијаат многу емоционални фактори, како смртта на неговиот татко и бракот кој неговата мајка го склопува со Клавдиј. Хамлет станува опседнат со идејата за смрт и одмазда, но неговата меланхолична состојба придонесува тој постојано да одложува преземање акција. Неговото познато „да се биде или не“, е само дел од неговите меланхолични говори, во кој е опседнат со идејата за самоубиство. Иако сака да му стави крај на своето страдање, тој нема да посегне по својот живот, плашејќи се дека доколку го направи тоа, ќе биде проколнат на вечно страдање во пеколот.Меланхоличниот лик на Хамлет – убиство, одмазда, трагична љубовОвој лик е толку комплексен, што речиси секој кој ја чита драмата ќе си оформи своја верзија за Хамлет. Можеби тоа е резултат на тоа што оваа драма е напишана во период од Шекспировиот живот кога тој е многу зрел писател со силно познавање на човековата природа. Врз оформувањето на ликот на Хамлет, влијае култот на меланхолијата, кој се издигнува во Англија во раниот 17-ти век. Имено, тогаш се верувало дека доколку се наруши балансот на телесните течности во човековото тело, тоа ќе резултира со болест од емоционална природа. Во тој период и други писатели се осврнале кон креирање меланхолични ликови, како Џон Вебстер во драмата „Војвотката од Малфи“.

Една од познатите теории за ликот на Хамлет, е дека тој имал Едипов комплекс, односно дека кон својата мајка не чувствувал само љубов и почит, туку и сексуална желба. Многу постапки на овој лик нè тераат да веруваме дека Хамлет чувствува сексуална привлечност кон мајка си, и ја гледа повеќе како жена отколку како своја мајка. Некои литературни критичари го објаснуваат ова тврдење, изнесувајќи аргументи дека Хамлетовата опседнатост со смртта на Клавдиј, не е само поради одмазда на смртта на стариот крал Хамлет, туку и поради спасување на кралицата Гертруда од тој срамен брак.Меланхоличниот лик на Хамлет – убиство, одмазда, трагична љубовХамлет чувствува дека Клавдиј го презема неговото место до Гертруда. Тој сака да биде единствениот кон кого неговата мајка ќе чувствува љубов. Бракот меѓу Клавдиј и Гертруда, Хамлет го гледа како одвратна игра, го смета за инцест и за акт со кој се понижува кралството. Хамлет го мрази чичко си толку многу, што одбива да го убие за време на молитва, верувајќи дека на тој начин Клавдиј би одел во рајот.

Хамлетовите извртени зборови придонесуваат ликот никогаш да не е потполно јасен за своите чувства, а токму тоа му дава слобода на секој читател да оформи своја теорија за емоционалната состојба на Хамлет и причината за неговото однесување. Комплексноста на овој лик е што од една страна толку ја вреднува мајка си, а од друга страна во многу наврати со неговите зборови остава впечаток дека не ги почитува жените. Исто така, Хамлет постојано го одлага своето дејствување и премногу размислува за секоја своја постапка, но во еден момент без да размислува го следи својот инстинкт и го убива Полониј.Меланхоличниот лик на Хамлет – убиство, одмазда, трагична љубовЈасно е дека Хамлет го режира своето лудило, шетајќи и зборувајќи сам со себе, но која е неговата вистинска цел? Неговото божемско лудило е мотив за неговата љубена Офелија навистина да го загуби разумот, посегнувајќи по својот живот, што меѓу другото, ја прави оваа драма и љубовна трагедија.

Оваа Шекспирова трагедија е вистински сплет на убиство, одмазда и сексуална желба. Како и другите дела на Шекспир, и оваа драма е одраз на тогашната состојба во Англија, само што Шекспир секогаш поставува други земји како место на случување (во случајов се работи за Данска). Со „Хамлет“, Шекспир дава одраз на негативностите во општеството, како братоубиството, лицемерието и желбата за власт.

Сте ја прочитале ли трагедијата за Хамлет? Како вие го разбирате ликот на Хамлет?


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Jelena Reply

    Клаудиј е брат на таткото на Хамлет, па би му бил чичко…да му е вујко ќе испадне дека ја оженил сопствената сестра. Некој го помешал Шекспир со Game of Thrones :)

    • Ели Радеска Reply

      Во право сте, го поправивме. Претпоставувам такво е влијанието од англискиот јазик. Ви благодарам на забелешката. :)

  2. Jelena Reply

    :) Инаку, преубав приказ на Хамлет, убаво е да се види некој дека уште ги чита класиците и им ги претставува на сите со вака издржан текст.

Остави коментар