Поезија: Портрет

Автор: Пеперутка

Портрет

Сакам да те насликам,
а не знам да сликам.
А толку многу сакам да знам.
Сакам да си ги бојам
чувствата и мислите,
сликите и зборовите.
Сакам многу бои.
Неправилни форми,
апстракции со конкретна моќ
со силина и душа
како чувствата во мене.
Не знам како правилно да те насликам
ама имам право да сакам.
И не сакам правила,
затоа ти ќе бидеш мое платно.
Четки не користам.
Мислиш дека ќе се снајдам
само со она што го имам?
Светлозелен поглед потонат
во сатенската црнина на твоите очи.
Снежно бели мали стапки
што водат кон твоите чекори.
Розови воздишки од треперења
штом застанам пред тебе.
Небесно сина насмевка
без ниедно облаче,
нескриена,
искрена,
со восклик
за тебе.
Млада месечина
се огледува во твоите очи.
Нежни праска допири.
Само мала срамежлива нијанса.
Танц на жолти прегратки
околу целото твое тело.
Пеперуткасти виолетови бакнежи
по твоето лице.
Моите омилени бои.
Со нив сакам да бојам
долго, долго, долго…
Колку си прекрасен!
Но не сум завршила.
И нема да завршам.
Вака можам да сликам бесконечно.
Додека мотивот е љубовна искра што тлее,
скокотлива радост, растреперен пулс, немирно срце,
додека ти си моето платно,
јас сум најдобрата сликарка.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

  1. Eci Reply

    Sovrseno :) Bravo!

  2. Dznda Reply

    ubavo nacrtano :)

Остави коментар