Книга: „Бруклински будалаштини“ – Пол Остер

Книга: „Бруклински будалаштини“ - Пол ОстерНе е лесно да си од оној тип страсни читатели кои после секоја добра книга се желни со часови да зборуваат за неа, особено ако не наидат на соодветна публика за своите излагања, а уште помалку ако не добијат повратно мислење. Среќа, секогаш наоѓам „жртва“ (освен вие, секако) расположена барем за слушање,па овој пат кафе-сеансата со другарка ми за кратко се претвори во „book club“, а тема на денот беше кој друг ако не легендарниот Пол Остер. Од тоа колку бил згоден на времето до тоа колку воодушевуваат неговите залагања за слобода на говорот за на крајот да се осврнеме на најважниот момент – неговиот неоспорен талент за пишување, факт поткрепен со моето последно четиво „Бруклински будалаштини“.


Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


И така, на сред моето кратко излагање по повод ова дело, другарка ми гордо изјави дека книгата наместо „Бруклински будалаштини“ требало да се вика „Бруклински трагични животни приказни“ (не е многу креативно, признавам). Но, сфатив дека можеби е во право и дека без живото, комично па на моменти и сатирично раскажување на Остер приказната би претставувала едноставно трагично живуркање на неколку напатени ликови без некоја крајна поента или порака. Далеку од тоа, Пол Остер има неверојатна способност ваквите животни приказни да ги поврзе и да ги испреплетка со милион мали случајности за на крајот да открие една гола вистина – и најмалата одлука може да влијае и да ни го обликува животниот пат.

Главниот лик е педесет и девет годишниот Нејтан Глас, кој после лошиот брак и уште полошиот развод, од периферијата се сели во Бруклин, барајќи „мирно катче за умирање“. Нејтан е пензиониран продавач на полиси за животно осигурување, кој преживеал рак на бели дробови и е во лоши или во никакви односи со членовите на своето семејство. Инспириран од секојдневните „будалаштини“ кои го наоѓаат од смешни до трагични (Нејтан е магнет за такви случки), како и од оние кои ги изнаслушал додека продавал полиси, се решава да пишува книга во која ќе бидат сместени сите негови и туѓи животни приказни. Случките се множат откако успева да ги обнови односите со неговиот омилен внук Том, кој од постдипломец на студии за американска книжевност станал таксист и продавач разочаран од животот.Книга: „Бруклински будалаштини“ - Пол ОстерБидејќи Пол Остер обожува случајности, Нејтан и Том ги спојува нивната заедничка љубов – книгите. Се среќаваат случајно во локалната книжарница каде што Том работи, а Нејтан сака да купува книги и оттогаш стануваат најдобри пријатели. Нивното друштво го надополнува екстравагантниот сопственик на книжарницата – Хери кој со своите екстремни погледи и контроверзно животно искуство совршено ја надополнува малата боемска дружина. Но, нивните долги интелектуални разговори залиени со неколку флаши вино и ручеците во омилениот ресторан се нарушени откако на Том му се појавува на врата неочекуван гостин – малечката Луси, ќерката на неговата проблематична сестра Аурора. Додека се обидуваат да откријат што се случувало со Луси и Аурора во изминатите години, што е уште повеќе отежнато од фактот дека девојчето одбива да зборува, Нејтан и Том неизбежно мора да го променат нивниот начин на живот. Решени да ја остават Луси кај далечна роднина во друг град, тројцата тргаат на пат кој засекогаш ќе им ги измени животите.

Како едно погрешно свртување, едно ѓаволесто девојче и еден напуштен хотел можат да им ги изменат животите? Неповратно.

Почетокот на книгата е малку бавен но никогаш здодевен, кон средината веќе насетувате феноменална приказна, а последната страна ќе ве натера никогаш да не ја заборавите. Ликовите, иако скршени, деструктивни и изгубени, на моменти неизбежно ќе ви прираснат за срце со својата човечност, а Нејтан Глас со својата проникливост и интелигенција има огромен потенцијал да ви стане омилениот дедо во книжевната литература.

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до вторник, 12 неомври 2013.

Добитниците ќе бидат објавени на профилите на Кафе пауза на Фејсбук, на Твитер и на Пинтерест, а наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар