Тоа што сте невработени може да биде најдобрата работа што некогаш ви се случила

Тоа што сте невработени може да биде најдобрата работа што некогаш ви се случила

Скоро сте биле отпуштени од работа, самите сте го напуштиле вашето работно место или едноставно не можете да ја најдете посакуваната работа? Без оглед на вашата лична ситуација, сето ова што е наведено значи дека сте невработени. По некое време, почнувате да станувате фрустрирани, уморни и несигурни. Тоа е разбирливо. Сите некогаш сме биле во таа ситуација, барем на некој начин. Барањето работа и самата невработеност едноставно уморува.

Но, да бидете невработени може да биде и најдобрата работа што некогаш ви се случила. Кога сте невработени, најважното нешто не е фактот што немате работа, туку можностите што ги имате тогаш. Можеби звучи малку чудно, но ако продолжите да читате, ќе ви докажеме зошто е тоа така.

Невработеноста ви дава време

Колку сте зафатени во вашиот секојдневен живот? Од работата и професионалните обврски до желбата да пробате да поминете одреден период правејќи забавни работи, шансите дека сте преморени на крајот од денот се големи. Оваа неочекувана „пауза“ од работа ви дава нешто коешто можеби сте го немале претходно – време!

Што може времето да направи за вас, се прашувате? Тоа ви дава шанса да се пронајдете себеси. Ви дава шанса да дишете и да ги дознаете вашите силни страни, слабости, преференции и да ги примените во градење на живот каков што сакате. Сите ние живееме во брз свет, а оваа „пауза“ од работа треба да се искористи за поубаво да ги разберете вашите тенденции и да си поставите нови цели – со одредени насоки кои ќе ве одведат до нив.

Враќање на вашата самодоверба

Да кажеме дека за време на вашата пауза од работење одлучивте дека сакате да бидете архитект. Одлично! Што ќе направите во врска со тоа?

Многу луѓе си ги поставуваат овие големи животни цели. Но, што прават за да ги остварат? Кога еднаш ќе сфатите како би можела да изгледа вашата иднина, ќе мора да ја зголемите вашата самодоверба за да можете да стигнете до таму. Можеби егото ви е скршено поради вашата невработеност. И доколку сте невработени подолго време тоа навистина нема да помогне. Како и да е, мора да се придвижите и да продолжите понатаму. Тоа не може никој да го направи за вас освен самите вие. Дефинирајте ги вашите цели. Вратете го вашиот живот назад. На тој начин вашата самодоверба ќе почне да расте.

Помислете на самодовербата како на некој зачин кој ви е потребен за да го погодите рецептот – тој мал „додаток“ ќе ве одведе на следното ниво. Всушност, тоа значи дека ги отстранувате вашите стравови и несигурности за да разберете зошто претходно не сте правеле ништо за остварување на вашите соништа.

Раздвижете се

Кога луѓето се невработени како да обожаваат да чекаат да им се укаже некоја прилика. Вашиот кауч можеби ви е премногу удобен, па тешко ви е да го напуштите. Како и да е, тој нема да ви најде работа. Вие мора да ја искористите вашата храброст која ја стекнавте и да продолжите кон вашите авантуристички цели. Ако сакате да бидете архитект, мора да почнете да се однесувате така.

Да бидете архитект (или што било друго значајно за вас), значи дека треба да ги направите потребните пребарувања, обуки и слично. Очигледно е дека тоа одзема време, но погодете што? Токму тоа ќе ви го промени статусот „невработен“ и ќе станете тоа што сте посакувале да бидете. И кога ќе почнете да се трансформирате во личноста која сте сакале да бидете, најверојатно е дека ќе бидете посреќни, поефикасни и подобри затоа што го правите тоа што го сакате.

Доколку правилно го искористите вашето слободно време за да се запознаете себеси, ќе ја стекнете смелоста што ви е потребна за да имате моќ и желбата да станете и да се раздвижите. Под раздвижување се подразбира правење чекори кои ќе ве одведат до вистинската работа. А, тие чекори вклучуваат пронаоѓање ново хоби, поминување квалитетно време кое ќе го посветите само на себе, дефинирање на вашите интереси и стремежи, поставување цели и откривање на она што навистина ве прави среќни.

Зграпчете ја шансата! Сигурно постојат уште причини поради кои е добро да сте невработени (на краток период), но тие што ги наведовме се сосема доволни за да почнете поинаку да гледате на вашата моментална ситуација.

Прочитајте и која карактеристика од детството може да го предвиди успехот во вашата кариера.

Автор: Наталија Наумовска


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар