Татковците имаат поголемо влијание врз развојот на детето од мајките во овие пет работи

Научниците откриле дека татковците имаат голем и одлучувачки придонес во развојот на своите деца. Приказните на тато за добра ноќ, забавните игри и извршувањето на домашните обврски може да влијаат на здравјето и благосостојбата на децата на многу начини, велат научниците. Иако знаеме колку се важни татковците во животот на нивните деца, новите истражувања откриле неколку интересни работи што ќе ве натераат да ги цените уште повеќе.

Таткото влијае врз кариерата на детето

Едно истражување покажало дека татковците што извршуваат различни домашни обврски имаат амбициозни ќерки, кои посакуваат кариера вон стереотипните женски професии.

Најсилниот индикатор за кариерните цели на децата и нивните ставови кон традиционалните родови улоги зависел од тоа дали татковците биле вклучени во домашните обврски или не.

Авторот на истражувањето, Алиса Крофт, од Универзитетот Британска Колумбија, тврди дека таквите татковци ги научиле своите деца да размислуваат надвор од стереотипите.

„Важно е не само да зборувате за родова еднаквост, туку и да го покажете тоа, затоа што вашите деца гледаат и учат од вас“ – вели д-р Крофт.

Татините приказни за добра ноќ се заслужни за успехот на децата

Татковците се познати по своите приказни за добра ноќ. Студијата објавена во Списанието за применета и развојна психологија открила дека овие приказни може да играат важна улога во одгледувањето на успешни деца.

Во експериментите од истражувањето, родителите им „читале“ сликовници без текст на своите деца, така што научниците можеле да го анализираат изразот на секој родител. Откриле дека сите родители кои ги раскажувале приказните со повисоко ниво на изразување имаат деца со побогат речник и подобри резултати на тестот што го подготвиле истражувачите.

„Резултатите го потенцираат уникатниот придонес на таткото во раните училишни достигнувања на децата“, пренел авторот Клер Бејкер, психолог на државниот универзитет во Северна Каролина.

Улогата на гените

Студијата објавена во списанието Nature Genetics открила дека децата биле повеќе генетски слични на нивните татковци. Ние наследуваме ДНК (скоро) подеднакво од секој родител, но всушност „користиме“ повеќе гени од таткото, покажала студијата.

Истражувачите мереле како биле изразени гените. За секој ген, тимот потоа анализирал колкав дел од клеточниот процес е изведен од секој родител, а резултатите покажале дека изразените гени биле многу послични со тие на татковците.

Исто така, студијата им помогнала на научниците да откријат како се развиваат разни болести како што се дијабетес или срцеви заболувања, а со тоа, да помогнат и во нивното лекување.

Играњето со таткото помага во подобрувањето на животните вештини на децата

Многу студии покажале колку возбудливото, активното и малку погрубото играње со татковците им помага на децата да проценуваат ризици, да решаваат проблеми, да ги научат нивните граници, да ја контролираат возбудата и агресијата и да ги читаат емотивните знаци на другите додека ги пренесуваат своите, секако во безбедно опкружување каде никој нема да биде повреден.

„Тоа е навистина фантастично комплексна констелација од емоции и саморегулација, што сега ја разбираме, а е клучен елемент во развојот на децата“, вели Ричард Флечер, кој учествувал во истражувањето.

Исхраната на таткото влијае на здравјето на детето

Познато е дека бремените жени треба да се грижат за тоа што јадат, но истражувањето открило изненадувачки резултати дека и исхраната на таткото влијае на идното здравје на децата.

„Нашето истражување укажува на тоа дека татковците треба да водат сметка за тоа што јадат и што пијат“, рекла Сара Киминс од универзитетот МекГил, истакнувајќи дека родителите треба да запомнат дека тие се носители на идните генерации.

Можеби сакате да прочитате и за 11-те необични карактеристики што децата ги наследуваат од татковците.



САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Смислата на животот ја бара преку уметноста и креативноста. Пишувањето е нејзино секојдневие.

Поврзани содржини

Остави коментар