Прекрасни и успешни: Како им поминува денот на најубавите манекенки во Македонија?

Прекрасни и успешни: Како им поминува денот на најубавите манекенки во Македонија?

Медиумите изобилуваат со нивните прекрасни фотографии! Секојдневно ги гледаме на насловните страници на списанијата, на модните ревии и на социјалните мрежи. Тие секогаш изгледаат беспрекорно! Долги и сјајни коси, чиста и негувана кожа, затегнато тело… Македонските манекенки и моделки се навистина прекрасни! Момците воздивнуваат по нив, а девојките им се восхитуваат, па дури и им завидуваат. Не можеме а да не се запрашаме каков е нивниот начин на живот? Кои се нивните животни навики? Како им поминува денот? Ние решивме да ѕирнеме во секојдневието на дел од најубавите манекенки во Македонија и да ја дознаеме тајната на нивната надворешна, но и внатрешна убавина…

Јована Нешова

Прекрасни и успешни: Како им поминува денот на најубавите манекенки во Македонија?

Запознајте се со оваа вистинска барбика! Јована е една од најуспешните моделки од модната агенција Моделс Ин која полека, но сигурно почнува да гради интернационална кариера. Нејзината ретка убавина и харизма го освоија азискиот пазар, а ние веруваме дека наскоро ќе го освојат и целиот свет. Јована може да се пофали со бројни кампањи и ангажмани за престижни светски брендови, благодарение на нејзината упорност и решителност. Нејзиниот живот на прв поглед делува гламурозно, но тоа не значи дека не е исполнет со голем број обврски. Иако секој ден на еден модел изгледа различно, утринските ритуали секогаш остануваат исти.

„Станување, туширање, пиење кафе, појадок, спремање и излегување. Доколку предвидениот ден ми е само за кастинзи, станувам во 8.00 часот, целиот ден го поминувам надвор во трчање од еден на друг кастинг, а доколку се работи за сликање едиторијал, каталог, списание или ревија денот започнува многу порано, бидејќи клиентите односно дизајнерите претпочитаат работата да започне во раните утрински часови. Доколку патувам во друг град за работа, станувам и во 4.00-5.00 часот сабајле поради тоа што летам со авион, а се враќам околу 20.00 часот, но некогаш и подоцна во зависност од тоа колку време трае работата што ја работам“, опишува Јована.

Прекрасни и успешни: Како им поминува денот на најубавите манекенки во Македонија?

Можете да си замислите да станувате во 4 часот наутро? За моделите тоа е секојдневие! Сепак, и покрај пренатрупаниот распоред, Јована наоѓа време за семејството, пријателите и саканиот.

„Кога се враќам, вечерам, разговарам со родителите, дечкото и пријателите, се бањам, го чистам лицето и мачкам со ноќна крема и легнувам што е можно порано за да можам наредниот да бидам наспана и свежа“, открива Јована.

Нема маратонско гледање серии до раните утрински часови за моделите. Квалитетниот сон е од клучна важност за нивниот прекрасен изглед. Но, спиењето не е единственото нешто што придонесува за нивната убавина. Вежбањето и здравата исхрана се исто така дел од секојдневието на Јована.

Прекрасни и успешни: Како им поминува денот на најубавите манекенки во Македонија?

„Кога работите надвор, многу е тешко истовремено да вежбате, бидејќи постојано сте во трчање и тоа е еден вид на кардио за мене. Од вежбање, вежбам само кардио бидејќи тоа е најдобриот начин на брзо слабеење и затегнување на телото. Што се однесува до исхраната, секогаш внимавам на неа и се хранам здраво. Јадам многу салати, риба, зеленчук и овошје“, открива Јована.

Јована е вистински доказ за тоа дека воопшто не е лесно да се биде модел. Сепак, не мора да бидете модели за да изгледате убаво и здраво како неа. Негувајте го вашето лице, спијте доволно и откажете се од брзата храна.

Горјана Кулишевска

Прекрасни и успешни: Како им поминува денот на најубавите манекенки во Македонија?

Уште еден претставник од модната агенција Моделс Ин. Горјана оваа година беше одбрана за „Лице на годината“ од Македонија. Станува збор за светски избор на убавина познат како „Look of the Year“ чие финале се одржа на вулканскиот остров Искиа во Италија. Горјана иако има само 16 години, веќе почнува храбро да се пробива во светот на модата и да станува светски препознатлива. И покрај напорниот распоред, оваа средношколка успева да најде совршен баланс помеѓу модните ангажмани и училишните обврски.

„Денот вообичаено ми започнува многу рано, пред сè поради моите обврски во училиште. Се обидувам некако да ги усогласам модните ангажмани со училишните обврски и засега добро ми оди. Професионалноста и одговорноста се клучните фактори во оваа професија, така што секогаш гледам да бидам навреме на секоја ревија и фотосесија за да ги завршам подготовките за тековниот настан“, открива Горјана.

Најдобри пријатели на нејзината убавина се здравата исхрана и водата.

„Консумирам најмалку 2 здрави оброка во текот на денот. Често ги подготвувам оброците од дома, за да можам да ги испочитувам правилата за здрава исхрана, што не би требало да биде само личен избор, туку и правило кон кое секој од нас треба да се придржува. Еден од најдобрите пријатели ми е водата. Без неа не би можела да го започнам, ниту да го поминам денот. Освен тоа, воопшто не консумирам газирани пијалаци, а ги заменувам со овошни шејкови“, објаснува Горјана.

Прекрасни и успешни: Како им поминува денот на најубавите манекенки во Македонија?

Според Горјана, негата на кожата е клучен фактор за една здрава и негувана личност, а правилото за нејзино одржување е многу едноставно.

„Никогаш не легнувам без претходно да го исчистам лицето и да го нахранам со соодветна крема“, ни откри Горјана.

Заборавете на легнувањето со шминка! Без разлика колку ве мрзи и колку сте уморни, тоа е најголемото зло што можете да му го нанесете на вашето лице. Покрај редовната нега на кожата, Горјана исто како и Јована се обидува да вежба онолку колку што ѝ дозволуваат секојдневните обврски.

„Се трудам секој слободен момент да го посветам на физичката активност, макар било тоа и пешачење, покрај редовните тренинзи во теретана. Доколку обврските не ми дозволуваат да ја посетам теретаната, во тој случај се трудам тренингот од најмалку 20 минути да го одработам дома“, објаснува Горјана.

Несомнено е дека Горјана е млада и успешна моделка на која ѝ претстои блескава кариера, но таа не би била таму каде што е без безрезервната поддршка на нејзините родители, поради што им е неизмерно благодарна. Оваа млада дама е вистински пример за тоа дека без оглед на постигнатиот успех, човек секогаш треба да остане приземен и свесен за своето потекло и улогата на најблиските луѓе.

Продолжете на следната страница за останатите убавици…


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

  1. Ива Reply

    Јас би сакала да слушнам и за манекенките кои што стварно работат во странство, како Катарина и Мартина

  2. Delco Reply

    Бојана е комплетна и современа во својата престава, мода … ❤️🌎

Остави коментар