Низ што поминуваме кога ќе „раскинеме“ со пријател и како да се соочиме со тоа?

Низ што поминуваме кога ќе „раскинеме“ со пријател и како да се соочиме со тоа?

Доколку треба да наброите 5 најтешки работи со кои сте се соочиле во животот, кои би биле тие? Губењето вистински пријател е сигурно една од нив.

(2)-raskinuvanje-na-prijatelstvoto-i-soochuvanjeto-so-toa-kafepauza.mk

Пријателството е една од најцврстите и најсвети врски кои некој човек може да ги има. Пријателите се луѓето кои се секогаш тука за нас, кои нè советуваат, слушаат и критикуваат кога е тоа потребно. После семејството, тие се единствените кои нè трпат такви какви што сме, па и не е чудно кога ќе се искараме дури и за најмала ситница. Но што ако караницата е за нешто преку кое не можете да поминете? Како се соочувате со губењето пријател? Дали некогаш можете да се опоравите од тоа? Губењето пријател може да биде многу поболно отколку раскинување со дечко или девојка. Иако машките и женските различно се справуваат со таа загуба, факт е дека влијае и на едните и другите.

Без разлика на причината поради која пријателството веќе не постои или, пак, дали станува збор за машки или женски пријателства, кога губиме пријател поминуваме низ следниве неколку фази.

Се опседнуваме со малите нешта кои нè потсетуваат на нив. На пример, заедничката слика. Што да правиме сега со неа?

Се спречуваме себеси да им јавиме кога ќе ни се случи нешто важно. Добро или лошо, тие уште долго ќе бидат првата личност на која ќе сакаме да ѝ се јавиме и да ѝ кажеме, но веќе не можеме.

Се соочуваме со љубомора поради новиот пријател. Гледаме слики од нашиот поранешен најдобар пријател со нови луѓе кои не ги познаваме и слушаме шеги кои повеќе не ги разбираме. Невозможно е да ни биде сеедно нели?

Се повлекуваме кога и да се зборува за нив. Кога ќе нè прашаат за нив, не знаеме што да одговориме или едноставно не ни се зборува, па несвесно се повлекуваме кога и да се тие тема на разговор.

Ни недостигаат повеќе од сѐ. На моменти ќе се најдеме како стоиме замислени во некој ќош и размислуваме за заедничките мигови, реакции, па дури и ситни расправии и сето тоа ни недостига.

(1)-raskinuvanje-na-prijatelstvoto-i-soochuvanjeto-so-toa-kafepauza.mk

Бидејќи сепак станува збор за врска која претставувала важен и голем дел од вашиот живот, не очекувајте дека така лесно ќе продолжите понатаму. Колку и да е тешко, ако е дефинитивно крај, тогаш ќе мора да најдете начин да го преболите тоа. Најчесто, следниве неколку работи помагаат во тоа.

Исплачете се

Нормално и очекувано е да сте тажни, па дури и разочарани. Ослободете ги емоциите и убаво исплачете се. Ќе ви биде многу полесно.

Кажете „чао“

Иако веќе сте си кажале „чао“ меѓусебно, потребно е и вие самите да го прифатите тоа. Кажете ги или напишете ги сите оние работи кои би сакале да му ги кажете на вашиот пријател и потоа повторно кажете чао, само за вас.

Бидете неутрални

Дури и да сте многу лути, не си дозволувајте да бидете злобни. Не зборувајте лоши работи и не очекувајте останатите пријатели да бираат страни. Ова ќе направи да изгледате, но и да се чувствувате лошо.

Бидете отворени за запознавање нови луѓе

Не се затворајте себеси дома. Опкружете се со луѓето кои ве сакаат и излегувајте со другите пријатели. Не се оградувајте себеси од околината притоа не оставајќи можност да запознаете нови луѓе и да оформите нови пријателства.

(3)-raskinuvanje-na-prijatelstvoto-i-soochuvanjeto-so-toa-kafepauza.mk

Велат дека сѐ во животот се случува со причина. Можеби во моментот таа причина не ви е јасно видлива, но сепак постои. Крајот на пријателството не е воопшто лесен, но никогаш не знаете кон што може да ве одведе. Прифатете ја ситуацијата и обидете се да ја извлечете лекцијата од сето тоа гледајќи позитивно на работите.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

  1. Диди Reply

    Прекрасно напишано Сања :)))

    • Сања Петровска Reply

      Фала 🙂

Напиши одговор на Сања Петровска Откажи одговор