Како да патувате со малку пари? - Евтин транспорт

Како да патувате со малку пари? – Евтин транспорт

Сите сакаме да патуваме, но патувањето чини пари. Ако сакате да отидете некаде, тогаш мора да потрошите пари, затоа што тоа не доаѓа бесплатно. Во држава со економска ситуација каква што е нашата тоа не е лесно. Тешко се заштедуваат пари, а потоа и тие изгледаат малку кога ќе се погледнат цените на редовните авионски билети или цените на хотелите. Сепак, тоа не значи и дека е невозможно и надежта е загубена. Со тоа не се исцрпени сите опции за излегување од државата и посета на местата кои одамна сакате да ги видите и доживеете. Сѐ уште ќе ви требат пари, но постојат и некои поевтини можности, така што со добро планирање, флексибилност, авантуризам и откажување од комфорот кој и онака не е неопходен патувањата се полесно достижни.

Во продолжение ви претставуваме неколку можности за поевтин транспорт до местата по кои копнеете.

Како да патувате со малку пари: ефтин транспорт

Автостоп

Автостопирањето е најевтиниот начин да отидете каде било. Потполно е бесплатен. Потребно е само добро да ја одберете позицијата и да имате доста слободно време, затоа што може да потрае. Добра позиција обично е на крајот или надвор од населено место каде што започнуваат автопатите или регионалните патишта, а автомобилите возат побавно, како на пример патарини или бензински пумпи. Автостоп културата е различна во различни земји, но повеќе или помалку секаде функционира. Како што напоменавме, потребно е да имате доста време, затоа што понекогаш може да чекате и по неколку часа за некој да застане. При тоа, ако стопирате сами секогаш ќе имате поголеми шанси да добиете превоз, затоа што малкумина возачи имаат место за тројца или четворица.

За автостопирањето честопати се врзуваат и одредени митови за безбедноста. Многумина одбиваат да го прават тоа затоа што веруваат дека може да ги начека психопат и да ги снајде некаков ужас. Вистината е дека во светот милиони луѓе стопираат возила секој ден, а на вести нема сензационалистички приказни за убиства или силувања на патот. За подобро да се информирате за повеќе аспекти на стопирањето посетете ги Hitchwiki и Hitchhiker’s Handbook.

Како да патувате со малку пари: ефтин транспорт

Со возачи на камиони

Ретко кој размислува за оваа опција како можност за евтино патување. Од Македонија кон Балканот и Европа секојдневно заминуваат и се враќаат стотици камиони, управувани од возачи кои обично се сами во своите возила. Тоа значи дека секојдневно од државата излегуваат и повторно влегуваат стотици празни седишта кои вие би можеле да ги искористите за да отпатувате некаде, и тоа бесплатно. На камионџиите не им е лесно долгиот пат да го поминуваат сами и затоа најчесто токму тие се оние кои застануваат на сред автопат или на бензинска пумпа за да соберат некој стопер. Ним многу добро би им годело вашето друштво и затоа можете да очекувате позитивен одговор ако побарате да ве префрлат до друга држава. Во „камионџиска“ земја како Македонија многумина познаваат по некој возач на камион, па не се двоумете да се распрашате доколку вие не познавате никој. Или пак, отидете на терминалите или на бензинските пумпи каде што често застануваат и распрашувајте се, големи се шансите да најдете превоз.

Превозот со камион може да одземе многу време. Камионите не се брзи, а возачите мораат задолжително да застануваат одвреме-навреме. Исто така, тешко можете да очекувате да ве префрлат до места како Париз или Берлин, но можат барем до некое место што не е многу далеку од нив, по што можете да стопирате или да ги користите тамошните автобуси и возови, кога веќе трошоците ви се драстично намалени. Ако се решите да патувате на ваков начин, имајте предвид дека ретки се оние возачи кои возат до земјите западно од Германија. Превоз до земјите од Централна Европа, како Унгарија, Чешка, или Полска, како и Балканот и Турција, не би требало да бидат проблем.

Како да патувате со малку пари: ефтин транспорт

Карпулинг

Карпулинг или каршеринг е систем на евтин превоз кој добро функционира секаде низ Европа освен на Балканот. Ако некој патува само со автомобил од точка А до точка Б, тој тоа го огласува на веб-страница за таа намена, по што можат да му се јават заинтересирани патници за да патуваат заедно и да ги поделат трошоците за пат. При тоа, веб-сајтот пресметува колку треба да плати секој патник, така што возачот не може ниту да биде оштетен, ниту да заработи. Трошоците се делат на подеднакви делови. Ако некое седиште остане празно, возачот го покрива тој дел од трошоците. Така на пример, ако одите од Скопје за Охрид и тоа ве чини 1.200 денари, трошоците се делат на пет дела и секој плаќа по 240 денари. Ако се јават само двајца патници, тие пак си ја плаќаат својата петина од по 240 денари, а останатиот дел си го покрива возачот.

Трошоците за патување со карпулинг честопати се поевтини од оние за воз или автобус. За жал, овој метод не е многу популарен на Балканот, но штом еднаш „се одлепите“ од нашиот полуостров ова е опција за која морате размислувате ако посетувате повеќе градови со мал буџет. Најдобар сервис е BlaBlaCar.com, затоа што има повеќејазична поддршка и го покрива целиот свет, дури и оние ретки можности на Балканот. Покрај него имајте го предвид и carpooling.com, кој вклучува неколку национални карпулинг сервиси. Кај нас имаше неколку обиди да се воспостави ваков сервис, ниту еден од нив не заживеа.

Како да патувате со малку пари: ефтин транспорт

Евтини летови

Бројните нискобуџетни компании во Европа овозможуваат за само неколку часа да пропатувате исклучително голема дистанца за малку пари. Двете најевтини авиокомпании кои ги опслужуваат Македонија и соседството се Виз Ер и Рајан Ер. Виз Ер лета од Скопје и Охрид, а Рајан Ер нема летови од нашата земја, но можете да ги користите нивните услуги од Солун или Софија.

Има неколку работи кои се важни кога станува збор за нискобуџетните компании. Навистина имаат исклучително евтини билети, па ако сте флексибилни со датите за патување можете да летате од Скопје за Париз, Минхен или Милано за суми од 1.500 до 3.000 денари. И додека се чувствувате како да сте добиле џек пот кога резервирате билет Скопје – Париз за 1.500 денари, треба да знаете дека ве чекаат уште трошоци. Заради намалување на трошоците овие компании користат мали аеродроми кои честопати се прилично далеку од градовите каде што всушност сакате да одите. Така на пример, при летот до Париз Виз Ер ќе ве остави на аеродромот Бове, кој и не е баш крај Париз. Потоа ви остануваат уште 100 километри пат со воз и автобус кои чинат вкупно 16 евра. Истата цена треба да ја платите ако патувате до Минхен преку аеродромот Меминген. За разлика од нив, на патот до Милано преку Бергамо треба да додадете само 5 евра пред да ја добиете вистинската вредност на вашиот пат.

Исто така, треба да бидете внимателни и со нивните строги политики за багаж и чекирање на билетите. Можете да понесете само едно парче багаж кое не надминува одредени димензии, а секое дополнително парче го доплаќате.

Како да патувате со малку пари: ефтин транспорт

Автобус

Ако се споредат цените на автобуските билети од Скопје кон другите земји тешко дека може да се зборува за евтин начин на транспорт. Сепак, ако сакате да го истражувате Балканот цените не се толку страшни. Повратен билет до Истанбул чини помеѓу 3.000 и 4.000 денари, до Будва помалку од 3.000 денари, а нешто подалечната Виена е достижна за околу 6.000 денари повратен билет.

Ако успеете некако да се префрлите до централноевропските земји, на располагање имате неколку превозници кои овозможуваат да истражите повеќе градови за многу ниски цени. Со унгарскиот Orange Ways патот помеѓу Будимпешта и Братислава чини 10 евра, а германскиот Flix Bus ја нуди линијата Берлин – Минхен за 16 евра. Автобус од Прага до Дрезден со Student Agency чини 23 евра, додека со Polski Bus од Прага за Варшава ќе стигнете за 20 евра. До француската ривиера најевтино се стигнува преку Милано со iDBUS, за околу 30 евра.

Патувањето со автобус трае многу подолго отколку со авион или со воз, но ако имате време и добро истражувате, тогаш може да заштедите многу пари.

Воз

Железничката инфраструктура во Македонија е толку ужасна што не сме поврзани дури ниту со сите соседи. Не можете да се потпрете на неа ако сакате да патувате во странство, освен ако сакате да отидете до Србија или Грција. Добра опција за патување со воз се неодамна возобновените линии на грчката железница, чии цени за меѓународен превоз кон Македонија стартуваат од 9 евра па нагоре. Ако патувате за Белград, потоа оттаму можете да се качите на воз кон која било земја за и за нас пристапни цени.

Дали и вие знаете некој евтин начин за патување во странство кој не е спомнат, а кога станува збор за транспортот? Споделете со нас!

Следува: Како да патувате за малку пари? – Евтин престој…

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

  1. Aleksandar Reply

    Секоја чест на статијава! Едвај чекам да се објави и следната. Младите треба повеќе да се информираат за ваквите можности на патување затоа што патувањето е едно од ретките нешта што се бесценети!

Напиши одговор на Aleksandar Откажи одговор