5 причини зошто вашето милениче ве прави среќни и здрави

Чувањето милениче може навистина да ви го промени животот. Тоа ќе ги промени вашите навики и погледи на позитивен начин и ќе ви помогне да ги ставите менталното и физичкото здравје на прво место. За секој што чува милениче, знае дека неговото маче или куче му е како семејство.

5 причини зошто вашето милениче ве прави среќни и здрави

Без разлика дали имате проблеми со менталното здравје, или само се чувствувате осамено и тажно, погледнете како миленичето може да ви го подобри животот.

1. Буквално никогаш не сте сами

Денес сè почесто луѓето одлучуваат да живеат сами. Што значи повеќето се будат сами, се враќаат во празен дом и си легнуваат сами. Едно е да не сакате да живеете со цимер, но кучето или мачето секогаш ќе бидат во домот да ви прават друштво. Покрај тоа, физичкиот контакт со миленичето ќе направи да се чувствувате помалку осамено.

Истовремено, миленичето никогаш нема да ве прекинува, да ве критикува, да ви дава несакани совети или да ве озборува.

2. Вежбање и интеракција

Животните бараат работа, особено кучиња. Тие треба да одат надвор во тоалет и да вежбаат. Додека чувството на изолација и летаргијата се дел од животот на многумина со ментални проблеми, излегувањето со вашето куче веднаш ќе ви го подобри расположението.

Кучињата можат да ви го подобрат и социјалниот живот бидејќи ја охрабруваат интеракцијата со другите. Луѓето многу почесто разговараат едни со други кога се во присуство на животни, најмногу бидејќи нивните кучиња веќе започнале со „разговор“.

3. Ќе се чувствувате побезбедно

За луѓето кои имаат посттрауматски стрес или параноја, миленичето може да понуди заштита, без разлика дали станува збор за реална или замислена опасност. Со самото тоа што знаете дека вашето милениче ќе реагира доколку се сучи нешто лошо, навистина ќе се чувствувате посмирено.

4. Го поттикнуваат лачењето на „среќните“ хормони

Истражувањата покажале дека интеракцијата со вашето куче го зголемува нивото на хормоните што го подобруваат расположението. Овде спаѓаат серотонин, пролактин и окситоцин, хормони кои се справуваат со стрес хормонот кортизол. Галењето куче исто така може да го намали и крвниот притисок.

Едно истражување во кое учествувале над 600 луѓе, половина од кои имале ментални проблеми, открило дека 87% од оние кои имале мачка почувствувале позитивно влијание од неа. 76% од испитаниците изјавиле дека им билo полесно да ги извршуваат секојдневните обврски благодарение на нивните мачки.

5. Лек за претерано размислување

Многу луѓе кои имаат проблеми со менталното здравје се вртат кон себе, се затвораат и стануваат опсесивни. Миленичето може да ви помогне да се вратите во сегашниот момент бидејќи неговите физички потреби се секогаш овде. Исто така тоа може да ве насмее или да ви го одвлече вниманието кон нешто забавно, како некоја игра.

Доколку имате време и пари, доколку не сте алергични и доколку можете да најдете милениче што ви одговара, тоа може да направи огромна разлика во вашето здравје. Миленичињата не само што имаат физиолошко влијание врз вашите тело и ум, туку ќе ви донесат многу радост, безусловна љубов и прифаќање.

Доколку имате милениче, погледнете кои работи во домот се опасни за него.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар