5 знаци дека е време да одморите

5 знаци дека е време да одморите

„Некогаш токму помалку знае да доведе до многу повеќе.“ – Непознат автор

Ако мислите дека повеќе обврски ќе ве исполнат, тогаш длабоко се лажете. Тие ќе го пополнат вашето време, ќе го затрупаат вашиот ден, но ќе створат и една голема празнина. А таа празнина, колку и да звучи иронично, во еден момент ќе пукне. Ќе се распрсне и ќе ве остави поразени, немоќни, тажни, неисполнети. А веројатноста е дека нема ни да бидете свесни дека ова ви се случува. За среќа, следниве показатели се токму оние кои јасно говорат дека е време да застанете и да одморите од сè. Барем на кратко.

(3)-5-znaci-deka-e-vreme-da-odmorite-kafepauza.mk

Се чувствувате пренатрупани со обврски

Многу луѓе тежнеат кон тоа да го пополнат секој момент од денот со некаква обврска. Дали е тоа бидејќи се зависни од работа или, пак, едноставно подобро функционираат кога се поголем дел од времето зафатени, факт е дека во животот на секој човек доаѓа момент кога не може повеќе. Едноставно, сите тие обврски се премногу. Цела таа одговорност која ја презема доаѓа до точка кога или ќе се распореди на други луѓе или ќе прсне во неговата глава, оставајќи го со куп незавршени или погрешно завршени работи и силно чувство на пораз. Не е возможно да можете сè и секогаш, а добро е што не ни морате. Дајте си себеси време да воздивнете.

2. Се обидувате да бидете суперлуѓе

Невозможно. Веројатноста дека ќе успеете да бидете во секое време, на секое место, за секого таму кога и да им затребате е блиску до нула. Дури и да успеете да функционирате неколку дена како да имате супермоќи, постојат граници до кои можете да се доведете себеси пред сè да ви дојде преку глава. Ставете се себеси на прво место за промена. Мултитаскингот е убава работа, а тоа што сакате да бидете тука за луѓето на кои им требате е неверојатно фино од ваша страна, но не заборавајте дека на крајот сепак мора вие да се чувствувате добро за да можете да им помогнете на другите.

3. Немате време за слободно време во денот

Здивнете. И размислете кога последен пат имавте слободно време кое го искористивте баш за тоа – да бидете слободни. Доколку не можете да се сетите, тогаш веднаш застанете и размислете зошто е тоа така. Навистина ли мора да го правите сето она кое ви го окупира времето што немате ни момент да застанете да видите како животот поминува покрај вас? Не е сè во работата, па наместо пополнување на секој празен дел од вашиот ден, здивнете малку и уживајте во тишината на правењето ништо. Уште повеќе, научете да ги цените тие моменти.

(2)-5-znaci-deka-e-vreme-da-odmorite-kafepauza.mk

4. Не ги препознавате вашите приоритети

Приоритетите се многу важен дел од вашиот живот. Знаејќи што ви е важно, а што не толку, вие сте способни разумно да одлучите кои работи го заслужуваат вашето време и внимание, а кои може да ги оставите за подоцна. Но, кога веќе не сте способни да ги разликувате, тогаш знаете дека имате проблем. А тогаш е време да застанете и повторно убаво да размислите што е број 1 на вашата листа. Семејството, пријателите, кариерата. Што и да е, за да можете да продолжите да функционирате свесни, знаејќи каде точно одите, мора да одморите и да се ресетирате. Со кажувањето „не“ на некои нешта си оставате простор и време за оние навистина важни работи.

5. Живеете во целосен хаос

Иако за психичкиот хаос не сте сè уште свесни, оној физичкиот кој ви е пред нос ви кажува многу. Дури и оние луѓе кои сакаат да живеат во хаос, знаат да го исчистат ломот во нивниот дом понекогаш. Ако сфатите дека немате ни време ни волја за тоа, значи треба да прифатите дека можеби се ставате себеси пред еден преголем предизвик – да направите сè одеднаш, да бидете секаде во секое време, да дишете и живеете низ обврските. Дали навистина така си го замислувате животот? Најверојатно не. Па затоа, длабоко земете воздух и исчистете го домот, средете го ломот во вашето место на живеење за да можете да го средите и оној во вашиот ум.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар