Вистината за загубата на блиска личност што никој не се осмелува да ја каже

Загубата на личност која оставила белег во вашиот живот е трауматично искуство. Но, постои одредена убавина во сето тоа, доколку си дозволите да ја видите и почувствувате. Вистината е дека никогаш нема да ви стане полесно, само ќе научите да живеете поинаку. Кога ќе си замине некоја блиска личност од вашиот живот, целиот свет околу вас се менува, но полека успевате да се прилагодите. За време на адаптацијата, вие ќе чувствувате болка, ќе се соочувате со различни предизвици и на крајот ќе доживеете целосна промена.

Вистината за загубата на блиска личност што никој не се осмелува да ја каже

Метафорички гледано, тагувањето по изгубената личност е процес во кој самите ќе треба да си го изберете отровот. Начинот на кој ќе одлучите да се справите со оваа тешка ситуација е непредвидлив. Можеби ќе одлучите да се забавувате до раните утрински часови. Можеби постојано ќе влегувате од врска во врска за да најдете утеха. Можеби ќе се зближите со вашите пријатели кои ќе ви помогнат да застанете на нозе. Можеби ќе си го одвлекувате вниманието од болката на тој начин што самите ќе си предизвикувате драма во животот.

Смртта е страшна затоа што е постојана. Кога некој ќе го напушти светот на живите, нема враќање назад. Најболниот и најтешкиот дел од целиот процес е моментот кога ќе станете свесни за овој факт.

Мислите дека ако го посветите целото ваше внимание на нешто друго, ќе можете да продолжите понатаму и да заборавите на загубата. Можеби ќе успеете да си го одвлечете вниманието, но така само ќе ги потиснувате вашите емоции со кои би требало да се справите и порано или подоцна тие ќе експлодираат во секоја можна насока.

Загубата на личноста која ви значела сѐ ве менува и тоа понекогаш не на подобро. Можеби ќе станете лути, насилни и нервозни. Можеби некои луѓе нема да можат да се справат со вашата промена во однесувањето и ќе си заминат од вашиот живот. Но, останува на вас да им докажете дека ќе успеете да ја пребродите оваа неподнослива ситуација.

Ќе има периоди кога ќе мислите дека не вреди да живеете сега откако сте ја изгубиле вашата најсакана личност. Нема да има кој да ве поправи кога ќе згрешите, кој да ве заштити кога сите други ќе ви го свртат грбот и кој да ве сака дури и тогаш кога вие самите нема да се сакате себеси. Што ви вреди животот без оваа личност покрај вас? Но, потоа ќе сфатите дека не треба да заборавите на лекциите што сте ги научиле од таа личност. Ако не помислувате на нејзините зборови и дела, ако не си замислувате каков совет би ви дала кога би била жива, тогаш сеќавањето за неа ќе избледе и постепено ќе исчезнува. Тоа е последното нешто што го сакате!

Вистината за загубата на блиска личност што никој не се осмелува да ја каже

Убавината лежи во светлата страна на загубата, а тоа е сознанието дека иако блиските личности не се повеќе физички присутни, вие имате моќ да го одржите во живот нивниот дух. Околностите се различни, но ќе се прилагодите на нив.

Наместо да го слушате нивниот глас во просторијата, ќе го слушате во вашата глава. Ќе ги чувате нивните лекции запечатени во вашиот ум и нема да се сопнете од пречките на патот и покрај тоа што тие не се тука за да ве подигнат. Ќе се сеќавате на нивните најпозитивни и највлијателни особини кои ќе ве потсетуваат дека секогаш треба да се развивате и напредувате. Ќе сфатите дека нивната загуба не треба да ве уништи засекогаш.

Дајте си време за плачење, одвлечете си го вниманието со порокот што ќе го изберете, налутете се, тагувајте, но не останувајте во таа состојба засекогаш. Најтешкото нешто во животот е да ја изгубите личноста која ви значела сѐ.

Тоа е неизбежен и неменлив дел од животот, но ваша одлука е какви ќе станете по стишувањето на суровата емотивна бура. Таа ќе ве промени, можеби дури и ќе ве уништи, но не заборавајте дека по уништувањето, следува градењето. Самите вие треба да одлучите дека сакате да се изградите повторно.

Загубата може да го зацврсти вашиот карактер и да ви дозволи многу попрецизно да ги примените лекциите кои сте ги научиле од вашите сакани. Одново изградете се себеси, а тие нека бидат вашите водичи, инспирација и мотивација. Болката предизвикана од загубата никогаш нема да се намали, но начинот на кој ќе ја употребите таа болка за да се изградите себеси ќе го одреди начинот на кој ќе ја согледате светлата страна на загубата.

Вашиот живот ќе биде поинаков без луѓето кои ви биле најблиски, но држете се до прекрасните сеќавања, применувајте ги и потсетувајте се на нив за да можете да ја оживеете убавината на нивната личност и да им ја пренесете на другите.

Доколку моментално минувате низ тежок период во животот, прочитајте ги овие неколку цитати што ќе ги разберат само оние кои имаат изгубено некого.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар