Табу – бу!

Ние луѓето често си го применуваме познатиот трик за решавање на проблемите и предизвиците во животот. Се правиме „на Тошо“. Го игнорираме надевајќи се дека ќе помине. Штета што не разбираме дека така ништо не решаваме. Во последно време размислувам, колку децата се отворени со своите родители? Уште поважно, колку родителите се отворени со своите деца?

Живееме во општество во кое, за жал, сексот е табу тема. Страшно е да се зборува за тоа. Бу! Баш затоа и родителите (или барем повеќето), решиле да ја игнорираат темата или едноставно да ја прескокнат. Дали некогаш сте разговарале со вашата мајка или вашиот татко на тема секс? И доколку се случил таков разговор, колку сте биле отворени пред другата страна?Табу – бу!Јас разбирам колку може да ти биде лошо кога ќе помислиш дека твоето дете има односи. Всушност воопшто не ни сакаш да размислуваш бидејќи цел живот твојата ќерка ќе ја гледаш како малечко невино девојче, без разлика на нејзината возраст. Јасно ми е дека таквата помисла може да биде трауматично искуство за родителите. Ама не ми е јасно зошто најголем дел од нив одбираат да не разговараат со своите деца искрено и отворено. Упорно се однесуваме како да сме паднати од Марс. Жалам драги родители, ама ако сте одбрале да ја игнорирате оваа тема и да не разговарате со своето дете за тоа, не значи дека „тоа“ не постои.

Сите сме израснале слушајќи ги нашите мајки како ни велат „седни јади, седни учи, врати се дома до 12, облечи се подобро, јади зеленчук и овошје, не ме нервирај – јади манџа, не седи на промаја…“ Жалам драги мајки, ама не разбирам зошто толку се потресувате од терминот „промаја“ и зошто му ставате толкав акцент? Па промајата не прави дете на 17 години, туку неинформираните тинејџери.

Заминала ќерка ѝ да студира во друг град, а оваа мисли дека таму чавки брои. Или, ќерка ѝ има дечко веќе 4 години, а мајка ѝ упорно ѝ збори дека треба да јаде и да не седи на промаја, игнорирајќи апсолутно секаква друга тема на муабет. Кого залажувате, драги наши мајки и татковци?

Сексот не е табу тема, уште од многу одамна веќе не е, макар во светот, ама за кај нас сè уште не сум сигурна. Статистиката покажува дека огромен е бројот на тинејџери кои имаат сексуални односи, а се недоволно информирани на таа тема и не се доволно зрели. Седнете и разговарајте со своето дете бидејќи тоа ви е должност како родители.

Или мислите дека најдобро е децата сами да си се информираат и да си се снаоѓаат како знаат и умеат? Можеби затоа им купувате ајфони уште на 10-годишна возраст? Тоа е вашето решение? Не навлегувај во никаков интимен разговор со твоето дете. Едноставно купи му го тоа што го сака за да бидеш подобар родител.

И како што сè повеќе и повеќе зема замав трендот да им се купуваат луксузни телефони на основци, се прашувам, а што ќе им побараат тие деца на своите родители кога ќе имаат 15 години? Авион?

Ели



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Мона Reply

    На место!

Остави коментар