Моќно писмо од една мајка до сите родители: Погледнете во што израснуваат нашите деца!

Не постои пропишан начин по кој родителите треба да се водат при воспитувањето на нивните деца. Но, едно е сигурно: Денешното воспитување многу се разликува од она во минатото. Многумина од вредностите се изместени, а за жал, некои веќе и не постојат. Затоа, под влијание на ваквите ситуации во модерното време, една мајка решила да напише писмо кое го споделува со сите. Без разлика дали сте родители или сѐ уште не, вреди да го прочитате.

Писмо од една мајка кое ќе допре до вас: Погледнете во што израснуваат нашите деца!

Почитувани родители (сегашни и идни),

Знам дека вие, како родители, сте особено чувствителни кога станува збор за одгледувањето и воспитувањето на вашите деца и дека по некој природен закон им посакувате сѐ најдобро. Но, ми се чини дека грешиме некаде. Дека сме го испуштиле од раце она што нам ни е најбитно и најсвето. Нашите деца. Не ве осудувам. Напротив, ве разбирам и ве молам. Ве молам за доброто на моето, вашето или кое било дете, отворете ги очите и погледнете во што израснуваат нашите деца, какви вредности добиваат, какви примери имаат, кон што тежнеат и за што сонуваат. Сосема сум сигурна дека не сакате вашите ќерки да станат старлети, а синовите криминалци. Никој не го сака тоа. Но, во општествената трка за работа, пари и егзистенција, несвесно ги пуштаме нашите деца во остар пат. Разговарајте отворено со своите деца додека тие се уште мали. Ќе ве разберат. Објаснете им и покажете им. Поставете им систем на вредности. Бидете им пример.

Зборувајте им на вашите ќерки дека се преубави онакви какви што се. Дека не им требаат поголеми гради, ниту поголеми усни и дека се совршени баш такви. Научете ги дека сѐ што ќе посакаат, можат да остварат сами. Кажете им дека е лошо и непотребно да го продаваат своето тело, младоста и убавината. Затоа што ниту една чанта, фустан, телефон, автомобил, ниту статус во друштвото не вредат повеќе од самите нив. Кажете им дека животот е продавница која не враќа кусур. Зборувајте им на своите синови дека интелигенцијата има поголема сила од големите мускули. Кажете им дека нивната мајка, татко им ја освоил со шарм, духовитост, упорност и интелигенција, а не со добар автомобил, скап телефон или гардероба од познати марки. Дека за неа има посветено многу стихови, има купувано цвеќе и ѝ има подарувано внимание, а дека таа бескрајно и искрено го сакала и дека после сите тие години поминати во криза и конфликти, таа сѐ уште го сака. Научете ги да се сакаат себеси без оглед на ширината на своите рамена и должината на половиот орган. Совршени се онакви какви што се. И секогаш ќе постои некој кој ќе ги сака баш такви.

Разговарајте со своите деца. Дајте им ја слободата што им ја дозволуваат нивните години. Надгледувајте ги. Обрнете внимание на она што го сакаат, на што се радуваат, со кој се дружат и што облекуваат. Бидете спремни во секој момент да скокнете и да ги вратите на вистинскиот пат. Кој друг би го направил тоа, ако не самите вие. Знам, времињата се променети, но не може никој да ме убеди дека дојде време во кое таткото ќе ја охрабрува својата ќерка која има 12 или 13 години да оди во кафулиња полугола до 5 часот наутро. Свесна сум дека вам понекогаш ви е тешко да поставите критериуми, да бидете строги со вашите деца и да им скратите некои работи. Но, морате! Вашето дете е само ваша одговорност. Вие сте и виновни и заслужни. Не е поинаку и никогаш не може да биде, без разлика какво време ќе дојде.

Поставете граници за вашите деца, еден ден тие ќе ви бидат благодарни. Забранете ги сите телевизиски емисии кои емитуваат неморални содржини, затоа што залудно е да им зборувате дека тоа не е во ред, додека вие самите го гледате. На овој начин само повеќе ги вовлекувате во тоа, затоа што и вам ви е интересно она што е забрането. Признајте. Бидете искрени со себе. Бидете искрени со нив. Кога одлучуваме да станеме родители, даваме некој вид премолчен завет кон она во што веруваме, дека ние сме добрите ангели на нашите деца. Дека во секој момент ќе бидеме тука за да ги поправиме и да ги насочиме кон вистинскиот пат. Како што бдееме над нив цела ноќ кога имаат температура, така мораме да бидеме над нив додека растат. Да им помогнеме да станат вистински луѓе.

Дали несвесно или не, ние плаќаме такси, ги зголемуваме тиражите, даваме значење со секое погледнато видео, со секој лајк, со секоја прочитана статија. Ние создаваме старлети, спонзоруши и искомплексирани мажи. Ние им аплаудираме и ги поттикнуваме да продолжат. Затоа што претставата не се игра во празен театар (иако ова е повеќе циркус отколку театар). Затоа ве молам, променете го каналот, исклучете го телевизорот, затворете ги весниците. Вперете го прстот во она што не е во ред. Погазете го неморалот со моралот. Ѓубрето, кичот и развратот никогаш не може да бидат култура. Па дури ни комедија. Не дозволувајте самите да ги втурнете децата по тој пат на пропаста.

Поставете ги работите јасно и реално. Дозволете едноставното навистина да биде едноставно. Објаснете им на своите деца: Актерот мора да глуми добро, пејачот мора добро да пее, лекарот мора добро да лекува, пекарот мора да прави добар леб, ѕидарот мора добро да ѕида. Секоја друга варијанта е фатална и кога-тогаш ќе се покаже како штетна. А времето и животот минуваат, денес е веќе касно да ги поправаме вчерашните грешки. Данокот е веќе земен. Вчера!

Најверојатно се прашувате, зошто ви се обраќам вам? Зошто едноставно да не ги одгледам своите деца на овој начин? Од каде потребата да комуницирам со вас? Потребни сте ми! Не можам сама. Не можам без вас. Вашата ќерка е можеби најдобра другарка на мојата. Нашите синови се можеби другари од училишните клупи. Можеби еден ден мојата внука ќе се заљуби во вашиот внук. Така, моето или вашето воспитание не е доволно. Доаѓаме до, истовремено и прекрасно и неубаво, влијание на друштвото кое јасно ни зборува дека ако не сме добри како родители, не сме добри и како друштво. Затоа, ве молам, внимавајте на своите деца. Исклучете ги „среќните“ и „розови“ телевизии и објаснете им дека животот има многу повеќе бои. Научете ги дека среќата и тагата се добри ако знаеме да патуваме кон нив.

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар