Отворено писмо од една девојка до личноста што таа била во минатото

Би било добро кога би можеле да погледнеме во иднината и да видиме што нѐ очекува. Би било добро кога некој би ни рекол дека сета тага ќе помине и дека сета болка ќе исчезне. Но, на некој начин самите вие можете да си ја дадете таа сила која ќе ви овозможи да го изодите трнливиот пат. Погледнете го ова искрено писмо со кое една девојка си се обраќа себеси, но на онаа верзија од минатото, анализирајќи ги ситуациите и охрабрувајќи се самата за иднината.

Отворено писмо од една девојка до нејзината личност од минатото

Драга моја јас од минатото,

Еден ден ќе погледнеш во огледалото и нема да се препознаеш. Лицето ќе ти биде позаоблено и рабовите поостри. Ќе се насмевнеш на твојот одраз и твоето лице ќе се разнежни. Од внатре ти сѐ уште си истата личност.

Но, морам да ти откријам лоши вести.

Ќе те боли срцето. Понекогаш ќе се чувствуваш како некој да те удрил во стомакот. Друг пат нема да чувствуваш ништо. Така ќе поминеш многу време прашувајќи се кое чувство е полошо. Се надевам дека еден ден заедно ќе го откриеме ова. Некои полу-мажи кои сѐ уште немаат пораснато ќе те користат како потпора и притисокот што ќе го чувствуваш ќе ти изгледа како врз рамената да ги имаш сите планински масиви на земјата. Ќе останеш премногу долго. Луѓето за кои мислеше дека се добри, нема да останат доволно долго. Пријателите ќе те разочараат. Ќе пиеш премногу вино и ќе се прашуваш зошто постојано зборуваш и се смееш толку долго, одлучувајќи дека тоа е причината зошто луѓето не остануваат.

Ќе научиш предвремено да заминуваш. Ќе ги напуштиш луѓето, местата и различните состојби на умот. Секогаш кога ќе заминуваш, ќе бидеш сѐ повеќе и повеќе носталгична. Ќе потонеш во размислувања за тоа како се чувствуваше во трета година на факултет. На твоето срце ќе му стане тешко кога ќе се сетиш на мирисот на кожата на твоето прво момче, гласовите кои одекнуваа од смеата на твоите стари пријатели, начинот на кој звучеа твоите браќа уште пред да научат да зборуваат. Ќе откриеш дека најтешката работа во стареењето е тоа што расте и носталгијата. Никој и ништо нема да ти предизвика поголема болка на срцето отколку ти самата. Ќе се повредуваш и ќе се обидуваш да се направиш помала, ќе им завидуваш на камелеоните за начинот на кој тие толку лесно се вклопуваат во нивната животна средина. Ќе посакуваш да исчезнат. Ќе сакаш да бидеш глуварче кое исчезнува од детскиот здив. Црвените светла и стоп знаците сега не изгледаат многу важни за тебе. Знам дека понекогаш не погледнуваш пред да го преминеш патот. Нема да скокаш. Еден ден нема да сакаш ниту да бидеш туркана.

Сакам да знаеш дека тоа чувство не е вечно.

Ќе се стремиш да постигнеш рамнотежа и ќе се бориш, дури и да си уморна. Секогаш си се борела. Можеби чувствуваш дека некаде по патот исчезнал сјајот, но силата е составен дел од твоето битие и не е толку краткотрајна како што си замислуваш. Ќе бидеш повредена, но секогаш помеѓу тагата и очајот ќе постои некој зрак надеж.

Нема целосно да се откажеш од себеси.

Ќе научиш како да ја прифаќаш вистината и како да веруваш во себе. Ти секогаш им веруваше на другите, но никогаш себеси. Ова ќе се промени. Ќе научиш да веруваш во својата сила. Еден ден, поимот „сама“ нема да ти биде синоним на осаменост. Универзумот ќе одговори на твојата храброст така што ќе ти испрати прекрасни луѓе. Нема да очекуваш приврзаност со нив. Наместо очекување, ти ќе практикуваш благодарност.

На твоето срце повеќе нема да му биде толку тешко.

Знам дека поголем дел од времето се чувствуваш изгубено. Знам дека има многу работи за тебе и за твојот живот кои сега не ги разбираш, но ти ќе растеш и ќе напредуваш. Ти го пишувам ова писмо со омекнат ум од тагата, душа зајакната од борби и срце кое станало мудро од сите неуспеси. Не откажувај се. Ти го пишувам ова писмо од место каде што има моќ, среќа и задоволство. Биди сигурна знаејќи дека низ сето ова ти само ќе растеш.

Глетката е прекрасна!

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар