Лоши навики кои го попречуваат вашиот пат до среќата

Лоши навики кои го попречуваат вашиот пат до среќата

Луѓето се свесни дека лошите и негативни мисли привлекуваат таква енергија во нивниот живот и можат да го блокираат нивниот пат кон остварување на поставените цели. Но, и покрај тоа, постојат неколку навики од кои повеќето луѓе тешко можат да се ослободат и кои им застануваат на патот кон нивната лична среќа. Доколку и вие сте меѓу нив, прочитајте кои се лошите навики кои ве оддалечуваат од постигнувањето на личното задоволство и реализацијата на поставените цели.

(1) Лоши навики кои го попречуваат вашиот пат до среќата

1. Другите наспроти Јас

Многу луѓе имаат вистински проблем со тоа што наместо „Јас“ многу често користат „Тие“. Се споредуваат со другите луѓе од својата поблиска и подалечна околина, а тоа кај нив предизвикува љубомора за постигнувањата на другите. Наместо да се сконцентрираат на својот успех, тие постојано размислуваат за успесите на другите луѓе, без притоа да се охрабрат да излезат од својата удобна зона и да преземат чекор за подобрување на сопствената положба. Тоа е лоша навика. Доколку и вие се пронаоѓате меѓу таквите луѓе, обидете се туѓиот успех да го гледате како поттик и инспирација. Запомнете, никој не е подобар од вас, туку оние кои постигнуваат успеси работат напорно и не се оптоваруваат со туѓото мислење.

Психологот Керол Двек од Унивезитетот Стенфорд разликува два типа размислување – „фиксирано“ и „растечко“. Луѓето кои имаат „фиксиран“ начин на размислување сметаат дека нивните животи никогаш нема да се сменат на подобро, додека луѓето со „растечки мисли“, постојано ги прошируваат хоризонтите на своите интереси и се осмелуваат да преземаат ризици и да внесуваат промени во својот живот. Оној кој ќе премине од првиот во вториот начин на размислување, веднаш ќе ја почувствува разликата и резултатите.

2. Листите на работите кои треба да се направат предизвикуваат стрес

Некои истражувања покажуваат дека листите со работи кои треба да се завршат во текот на наредниот ден, можат да имаат спротивен ефект. Тие многу често создаваат притисок врз луѓето кои постојано проверуваат до каде се со огромниот број обврски. Овие списоци најчесто се прават пред легнување, што може да доведе и до нарушување на мирниот сон, поради стравот дека во текот на денот што следува нема да имате доволно време да завршите сè што се испланирале. Многумина, поради недостиг на време се откажуваат од обврските или пак, ги прават механички и набрзина, колку само да поминат. Затоа, наместо долги списоци, сконцентрирајте се на една или две работи кои ќе ги запишете. Тие нека ви бидат приоритет за денот кој следува и ќе се изненадите колку многу работи ќе завршите попатно покрај нив, без непотребниот стрес што претходно ви се појавувал од обичното ливче хартија.

3. Премногу се грижите што другите мислат за вас

Многу луѓе се особено загрижени што останатите мислат за нив. Всушност, треба да сфатите дека секој човек има свои проблеми и луѓето можеби не размислуваат толку многу за вас, колку што вие си мислите. Кога премногу размислувате на тоа што другите мислат за вас, со тоа всушност ја намалувате вашата самодоверба. Мислејќи дека останатите имаат негативен став за вас, не сфаќате оти сета негативност произлегува токму од вашите мисли и однесување. Во вакви случаи најдобро е да користите позитивни мисли и поттикнувачки реченици, со кои ќе си ја подобрите самодовербата, а туѓото мислење нема да ви биде во центарот на вниманието.

(2) Лоши навики кои го попречуваат вашиот пат до среќата

4. Сè се менува СЕГА!

Ова е една голема грешка која ја прават луѓето кои сакаат да внесат промени во својот живот. Големите промени ретко доаѓаат одеднаш. Потребно е да размислите во кој правец сакате да оди вашиот живот и да преземате мали, но сигурни чекори. Доколку сакате брзо постигнување на големите цели, голема е веројатноста набрзо да се разочарате. Правете по една промена во неделата или во месецот. Иако можеби ќе ви изгледа бавно, кога ќе се свртите наназад ќе видите дека сигурните чекори ви донеле цврсти промени, на чија основа можете да продолжите со градење на иднината.

5. Го чекате вистинскиот момент

Вистинскиот момент не постои, туку ние го создаваме. Нема магични знаци кои можат да ни кажат „Стори го тоа сега“. Наместо да го чекате, создадете го сами вистинскиот момент. Размислете, најдете луѓе кои можат да ви помогнат и направете го првиот чекор. Затоа што, додека вие го чекате вистинскиот момент за реализација на вашата идеја, времето си минува и можеби еден ден ќе сфатите дека е веќе доцна за реализација на вашата идеја.

6. Заборавете на „понеделникот“

Оваа навика е тесно поврзана со претходната. Многу луѓе си размислуваат „Не успеав денеска да го започнам реализирањето на мојот план, па ќе го почекам следниот понеделник“. Не, ваквото размислување е целосно погрешно. Понеделник е само еден ден во неделата, како и сите други. Ако не сте стигнале да почнете или да завршите нешто во понеделник, сторете го тоа во вторник, среда… Секој ден е идеален за старт на потрагата по среќата.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Книжевник, новинар, сонувач... Го обожува утринското кафе без шеќер. Верува дека убавите нешта се кријат во мали и едноставни пакувања.

Поврзани содржини

Остави коментар