Девојки, време е за проширување на вашите мејкап способности: Празнично дружење со шминкерот Васе Доковски

Добро познато е дека девојките ја обожаваат шминката. За многумина таа е начин на кој може да ги прекријат ситните недостатоци, за други тоа е начин на изразување, а за шминкерот Васе таа е уметност. Во текот на празничната еуфорија одлучивме да се дружиме со него и да го прашаме за сите оние мали дилеми кои ги мачат денешните девојки. Васе е мејкап артист и ко-основач на VD Make Up, а денес одговара на најчесто поставуваните прашања во врска со шминката.

1-devojki-vreme-e-za-proshiruvanje-na-vashite-mejkap-sposobnosti-praznichno-druzhenje-so-shminkerot-vase-dokovski-www.kafepauza.mk_

Васе Доковски // фотограф: Жарко Чулиќ за Портрет магазин

1. Шминката и Васе. Како започна оваа приказна? Како изгледаше вашиот професионален почеток?

Се започна со мојата прва љубов, сликањето со водени и темперни бои со кои експериментирав уште од мал. Вториот знак беше возбудата пред секој час по ликовно образование, иако за време на моето школување часовите по ликовно образование не беа од најголема важност за училиштето. Сепак, секогаш бев заинтересиран за тоа што ќе ни биде следна задача и со огромно внимание и љубов ја изработував. А, освен тоа, модата и дизајнот ми беа области во кои сум уживал да ‘пливам’, а шминката всушност ми е дел од сето тоа.

2. Кој козметички производ (или неколку) го сметате за основа на добрата шминка, производ во кој жените секогаш треба да инвестираат?

Според мене, секоја жена треба да поседува добра пудра, без разлика дали е таа камена, течна, крем или во која било друга форма. Сепак, тоа зависи од тоа што најдобро функционира за нејзиниот тип кожа. Би било добро пудрата која секојдневно се користи да поседува во себе и некакви регенерирачки и хранливи состојки, па освен тоа што ќе добиете изедначен тен и совршен сјај, истовремено и ќе ја негувате кожата на лицето.

3. Кој е вашиот омилен изглед што секоја жена треба да знае да го изработи?

Свежа кожа која ја одбива светлината на вистинските места на лицето, модерно обликувани веѓи, волуменозни трепки кои го истакнуваат погледот, лесно руменило и хидрирани усни е изгледот кој најмногу ми се допаѓа и сметам дека секоја жена би требало да знае како да го постигне на себе.

Доковски (VD Make Up) и Викторија Лоба

Доковски (VD Make Up) и Викторија Лоба

 4. Може ли да ни споделите неколку совети за девојките кои сега почнале да се шминкаат?

  • Малку е повеќе.
  • Секогаш можете да го зголемите интензитетот на шминка, но тешко е да го избришете вишокот.
  • Експериментирајте со вашиот изглед, бидејќи само така ќе научите што ви прилега. На крајот од денот, ова е само шминка и сѐ се остранува со еден потег.

5. Според вас, кои се најчестите мејкап грешки кои девојките и жените ги прават додека се шминкаат?

Гледам дека девојките кај нас знаат да се шминкаат и се многу заинтересирани и отворени да научат повеќе. Една од најчестите грешки кои ги забележувам е користењето премногу светол коректор, особено во пределот под очите. Девојки, коректорот треба да биде за една до две нијанси посветол од пудрата (а не пет нијанси). Исто така, доколку имате темносини подочници, не користете премногу светол коректор, бидејќи ќе добиете сосема спротивен ефект од посакуваниот и пределот под очите ќе добие сива нијанса. Затоа, секогаш користете потопол, во боја на ќерамида, жолт коректор, кој ќе го неутрализира виолетовиот пигмент.

Продолжете на следната страница за останатите прашања…

За авторот
Комуникативна, весела, оптимистички настроена. Обожава книги, музика, филм и приказни кои инспирираат. Сака да пие кафе, па макар и сама. Верува во себе и во своите можности, бидејќи кој не се обидел - не успеал!

Поврзани содржини

Остави коментар