7 причини зошто животот не ви мрда од место

Дали фантазирате за животен успех и достигнати цели? За да можете да си ги исполните вашите соништа, ви требаат одредени вештини кои нема да ги стекнете седејќи во вашата удобна фотелја. Треба да имате храброст, да дејствувате, ризикувате, грешите и да бидете отворени за нови знаења. Доколку чувствувате дека сте заглавени и не можете да одите напред, најверојатно самите сте си виновни за тоа. Прочитајте ги следниве 7 причини зошто животот не ви мрда од место…

7 причини зошто животот не ви мрда од место

1. Не сте доживеале доволно неуспеси

Удобно сте се сместиле во вашата просечност и сте одлучиле дека никогаш ништо нема да пробате. Полесно е да се зборува за учење нов јазик отколку навистина да се почне со учење. Сѐ што треба да направите ви делува премногу тешко и комплицирано, па затоа ги пропуштате работите или ги оставате за утре. Ја мразите својата работа, но не барате нова, бидејќи се плашите од одбивање. Само седите и се обидувате да го одбегнете неуспехот, додека другите луѓе постојано си поставуваат нови предизвици, учат нови работи и не се плашат од поразите. Токму грешките им помагаат да научат и да се вратат на вистинскиот пат.

2. Многу ви е важно туѓото мислење

Очајно сакате да се вклопите. Мислите дека треба да бидете различни, само доколку сте различни на истиот начин како и сите останати. Се плашите да го прифатите вашето вистинско „јас“, бидејќи не знаете како ќе реагира светот на тоа. Трошите премногу пари на облека, автомобили, скапи оброци и вечерни излегувања, додека другите луѓе вложуваат во својот личен развој. Додека се обидувате да се вклопите во светот, другите се обидуваат да го вклопат светот во себе. Тие поединци се имуни на туѓите мислења, ги реализираат своите идеи и го истражуваат светот.

3. Мислите дека сте попаметни одошто навистина сте

Сте го направиле она што го направиле и другите, сте го студирале она што го студирале и другите, сте го читале она што го читале и другите… Сте го учеле она што требало да го научите за да го положите испитот и мислите дека тоа ве прави паметни. Мислите дека учењето се случува само во училиштата. Универзитетската диплома не е доволна, ниту неопходна во овој контекст. Интелигенцијата не зависи од тоа колку сте научиле, туку од начинот на кој живеете.

7 причини зошто животот не ви мрда од место

4. Не читате

Го читате само она што се бара од вас или пак не читате воопшто. Сметате дека историјата и филозофијата се здодевни и глупави. Попрво би дремеле и би гледале телевизија, отколку да истражувате нешто ново. Одбивате да признаете дека сета сила на светов потекнува од зборовите на оние кои живееле пред нас. Можете да имате сѐ што ќе посакате, ако го побарате тоа во зборовите кои денес ни се подостапни од кога било. Но, треба да имате волја за тоа. Можете да го одведете коњот до водата, но не можете да го присилите да пие.

5. Ви недостасува љубопитност

Се информирате за новостите преку медиумите што ги контролираат државните власти. Не си го поставувате прашањето „Што ако сето ова е лага?“ и не размислувате за веродостојноста на информациите што ви ги сервираат. Методите на масовните медиуми имаат само една цела: Да ви го одвлечат вниманието од вистинските проблеми. Ако мислите дека знаете сѐ, размислете и поставете си неколку прашања. Дали сте жедни за знаење без оглед на темата? Дали попрво би играле Candy Crush отколку да прочитате нешто поврзано со универзумот и науката? Дали поминувате време гледајќи телевизија или се обидувате да научите како да обработите видео и да направите апликација за смартфон?

6. Не поставувате доволно прашања

Не се сомневате во авторитетите. Не се прашувате себеси. Не ја разбирате моќта на правилно поставените прашања, бранењето на сопствениот став и спротивставувањето на авторитетите кои ви велат и ве учат на погрешни работи.

7. Не можете да ја поднесете вистината

Не признавате кога не знаете нешто и покрај тоа што сте свесни за вашето незнаење. Не сакате да признаете дека она што ве кочи во животот и ве спречува од остварувањето на целите сте вие самите и никој друг.

Доколку не се пронајдовте во текстов и сметате дека постојано напредувате во животот, прочитајте ги следниве 10 знаци дека веќе сте најдобрата верзија од себе.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар