7 начини како да ја подобрите меморијата

Автор: Горана Коневска

Имате проблем со помнењето? Во ова стресно секојдневие, не е невообичаено човек да биде растроен, но сепак постојат многу едноставни методи, кои можат да ви помогнат да бидете пофокусирани и подобро да помните.

7 начини како да ја подобрите меморијата

1. Движете се

Гојазноста претставува голем ризичен фактор за многу болести, меѓу кои се вбројуваат мозочниот удар, Алцхајмеровата болест и многу други. Мозокот зависи од енергијата која ја добива преку постојаното внесување на кислород и хранливи материи преку крвотокот, а кога тие материи нема да пристигнат, способноста на мозокот за извршување на својата функција е отежната. Така, првата работа која треба да ја направите во процесот на подобрување на својата меморија е да станете од столицата и да се движите, да трчате, да возите велосипед или на кој било друг начин да бидете во движење.

2. Не прескокнувајте го појадокот

Голем број истражувања докажуваат дека прескокнувањето на појадокот негативно влијае врз меморијата. Кога се будиме наутро нашето тело поминало доста часови без консумирање храна и течности. Затоа, потребно е задолжително да внесеме (па макар и мала количина) храна за да го започнеме денот со енергија. Доволно е да изедете една банана, потпечени лепчиња на тост со путер и да испиете еден чај. Ваквиот појадок нема да ве здебели, ниту пак ќе ве прејаде, бидејќи во текот на денот овие калории брзо ќе ги потрошите. Појадокот позитивно ќе влијае врз функцијата на мозокот, врз меморијата и врз вашето расположение.

3. Визуелизирајте

Дали ви е позната изреката: „Сликата вреди илјада зборови“? Претворањето на зборовите во слики ќе ви помогне подобро да ги запомните. Можете да визуелизирате и да запомните цела листа на работи доколку ги поврзете меѓусебно. Да речеме дека треба да ги запомните следните работи: пенкало, цвеќе, фотографија и чанта. Замислете ситуација каде држите чанта, од неа вадите пенкало и се потпишувате на фотографија која ја закачувате на букет цвеќе. Оваа „приказна“ и редоследот на нештата ќе ви помогнат да ги запомните предметите.

7 начини како да ја подобрите меморијата

4. Обратете внимание

Доволно се само осум секунди за да го фокусирате вниманието врз нешто, со цел да постигнете ефективен трансфер од кратката во долгорочната меморија. Обидете се да останете присутни и максимално фокусирани на определена задача, без разлика дали станува збор за запознавање нови луѓе, учење нови работи, читање или нешто сосема поинакво. За таа цел ќе ви помогне и отстранувањето на работите кои ви го одземаат вниманието во моментот, како на пример музика, телевизија, мобилен телефон и слично.

5. Повторување

Кога се запознавате со некоја личност, поголема е веројатноста да го запомните нејзиното име доколку го повторите на глас. На пример: „Драго ми е што се запознавме, Даниела“. Истражувачите откриле дека луѓето кои го практикуваат ова, имаат за 30% поголеми шанси да го запомнат името на соговорникот, од оние кои воопшто не го изговараат. Исто така, ефикасен начин да запомните определена работа е да повторувате што правите. На пример, додека се движите кон дневната соба повторувајте: „ги ставам очилата на масата… ги ставам очилата на масата…“. Иако ќе се чувствувате чудно додека го правите тоа, сепак ќе бидете многу благодарни кога ќе ви затребаат очилата и кога веднаш ќе се сетите каде сте ги ставиле.

6. Метод според место

Во древна Грција, поетот Симонидес бил повикан за време на еден бал да рецитира поема. Неколку минути откако тој ја напуштил салата, се случил силен земјотрес. Бидејќи телата на присутните биле непрепознатливи во урнатините, Симонидес помогнал при нивната идентификација со тоа што запомнил кој каде седел додека тој рецитирал. Оттогаш, овој начин на поврзување на личности со одредено место е познат како метод според место.

Овој метод често го користат угостителите, кога треба да запомнат нарачка од десетина различни пијалаци или дузина различни порции. Тие на местото на личноста го замислуваат пијалакот и јадењето, за потоа да можат прецизно и без грешка да ги услужат гостите.

7. Користете ја својата околина како потсетник

Поставете некој предмет на несекојдневно за вас место, за да ви послужи како потсетник. На пример: прстенот од средниот прст преместете го на палецот за да ве потсети да извршите некоја работа која ќе ја зацртате. Или пак, може на влезната врата од внатрешната страна да ставите мала кесичка да ве потсети да го фрлите ѓубрето. Можете и да залепите ливче на влезната врата и секогаш кога ќе се сетите дека ви недостига нешто дома, да го запишувате на ливчето, па така ќе бидете сигурни дека кога ќе излегувате нема да заборавите да го купите.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар