Најдосадните досадни однесувања

Сте се запрашале ли некогаш како е можно некои луѓе да бидат толку досадни? Уште повеќе, дали тие воопшто се слушаат себеси што зборуваат и како го прават тоа?

(3)-najdosadnite-dosadni-odnesuvanja-kafepauza.mk

Психологот Марк Лири и уште тројца негови колеги вршеле низа истражувања на оваа тема. Што ги прави луѓето досадни, зошто баш некое однесување луѓето го сметаат за досадно и сл., се само мал дел од прашањата кои си ги поставиле овие истражувачи пред да започнат да ги бараат нивните одговори. Она кое го заклучиле е дека луѓето можат да бидат досадни не само поради тоа што го кажуваат, туку и поради начинот на кој го прават тоа.

Првото истражување било изведено во два дела. Во првиот дел, учесниците имале задача да опишат какво однесување според нив ги прави луѓето досадни, додека во вториот дел, откако истражувачите добиле листа од вкупно 43 досадни однесувања, другите учесници биле задолжени да ја погледнат листата и да ги оценат однесувањата од најмалку до најмногу досадни. Резултатот бил таков што истражувачите успеале да добијат 9 групи на досадно однесување, кои ги категоризирале почнувајќи од најмалку досадната.

9. Одвлечено внимание – Гледање во телефонот, лутање со мислите или, пак, водење празни разговори, како и сѐ останато што ѝ го одвлекува вниманието на личноста спроти вас.

8. Обид да се биде допадлив – Смешен, интересен, привлечен и сѐ останато што ги прави луѓето вештачки.

7. Сериозност – Нема смеење, нема шеги и сѐ се сфаќа буквално и со голема доза сериозност. А што ли би се случило со малку опуштање?

6. Самобендисаност – И тоа во секоја смисла на зборот. Секогаш јас, јас и само јас нема никаде да ве одведе.

5. Пасивност – Немање желба ама баш за ништо, никогаш. Малку зборување, немање свој став, предвидливо однесување и согласување со сѐ што кажуваат другите се само мал дел примери за пасивно однесување.

4. Монотонија – Бавно и зборување со многубројни и долги паузи, потреба од цел еден век за да се искаже мислење и влечкање на разговори до недоглед.

3. Мала емоционалност – Ништо не е возбудливо, ништо не е доволно тажно, ништо не е забавно ни убаво. Особено изразено кога ќе се искомбинира со монотоно зборување и слабо гледање во очи.

2. Баналност – Сите знаат дека чашата ќе се скрши ако падне на земја нели? Зборувањето за банални работи за кои нема смисла да се зборува, заинтересираност за само една тема и повторување на истите работи одново и одново – второ најдосадно однесување.

1. Негативен егоцентризам – На првото место на најдосадни однесувања е она кога не само што личноста е полна со негативна енергија, туку и постојано се жали за нешто. Ова не чини, тоа не чини, вака треба, така не… Секој има проблеми, но не сите зборуваат само за нив така?

(2)-najdosadnite-dosadni-odnesuvanja-kafepauza.mk

Второто истражување се одвивало малку поинаку. Имено, еден дел од учесниците биле снимани додека разговарале меѓу себе, додека другиот дел биле во улога на судии со задача да дадат оцена за тоа колку тие биле досадни. Истражувачите за тоа време воделе евиденција за што се воделе разговори, а потоа воочиле 3 основни разлики меѓу досадните и интересните луѓе:

  • Луѓето кои делувале интересни повеќе ги изразувале своите чувства и мисли за разлика од оние кои делувале досадни.
  • Интересните луѓе го искажувале својот став многу повеќе од досадните, односно во глобала повеќе се внесувале во разговорот.
  • Досадните луѓе често зборувале за незначајни работи, додека интересните отворале теми на разговор кои се доста интригирачки.

(1)-najdosadnite-dosadni-odnesuvanja-kafepauza.mk

Она што се извлекло како заклучок од третото истражување е тоа дека доколку некој ве смета за досадна личност, тогаш веројатно ве осудува на секое поле во животот. Во последното истражување, учесниците гледале видео клипови од луѓе кои веќе претходно биле оценети како досадни или интересни. Без да знаат кој како бил карактеризиран, учесниците имале задача да ги оценат особините на луѓето кои учествувале во разговорите. Резултатот бил како и што се очекувало.

Досадните луѓе биле помалку допадливи, не делувале ентузијастички, биле осудени како малку дружељубиви и слабо популарни, како слаби личности несигурни во себе. Со други зборови, учесниците осудувале и за работи кои немаат поврзаност со тоа дали некој е досаден или не. Сепак, и двата типа луѓе биле исто оценети за две работи и тоа доверливост и способност. А тоа што веројатно изненадува е фактот дека иако претходно оценети за досадни, учесниците во третото истражување добиле впечаток дека тие се попаметни од интересните луѓе.

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар