Викенд книга: „Светот не е фабрика за исполнување желби“

Вистински зависник од читање, чита сè. Од епски дела кои се наоѓаат на секоја можна листа на „книги кои мора да ги прочиташ пред умреш“ до нутритивните состојки на картонската кутија од житариците. Зависност, нема бегање. Но, мислам дека во скоро време ќе морам да поставам некакви критериуми. Не дека жалам поради некои книги кои ги имам прочитано, едноставно ми требаат повеќе вакви дела во животот. Без претенциозност, без тенденциозност да станат новото најдобро интелектуално писание, туку оние кои рефлектираат само чиста емоција. Тоа значи дека секоја наредна книга на мојата листа, барем во некој одреден период, ќе биде споредувана токму со оваа и тоа чисто од аспект на интензитетот со која ја доживеав.

vikend-kniga-svetot-ne-e-fabrika-za-ispolnuvanje-zhelbi-kafepauza.mk

Да не се разбереме погрешно, нема потреба да вадите марамчиња доколку се решите да ја читате исто како што нема потреба ни машката публика да ја избегнува, затоа што ова не е таков тип „болна љубовна приказна“. Иако токму овие зборови ќе ги најдете на корицата на книгата и не може да се негира дека е навистина „болна“ и “љубовна“, верувам дека набрзо ќе сфатите дека не е целта само да ве растажи и да ве расплаче. Џон Грин се труди истото да ви го објасни уште на првата страница, кога ќе сфатите дека веројатно ова e единствената книга на светот со толку добар и изострен црн хумор, а обработува тематика за млади тинејџери болни од рак.


Доделуваме 2 книги во соработка со издавачката куќа Сакам книги


Хејзел Грејс е неверојатен лик. Не поради тоа што е храбра млада девојка која од својата тринаесетта година се бори со инвазивен рак кој ѝ ги разорува тироидната жлезда и белите дробови. Ниту поради фактот дека мора да живее со пластични цевчиња во нејзиниот нос поврзани со пумпа за кислород која што насекаде ја влече во мала количка. Кога би рекле дека е неверојатна само поради нејзината борба за живот, би нè нарекла цинични и површни бидејќи нема нешто што ја нервира повеќе од „привилегии кои ги добиваат болните деца од рак“. Хејзел е „брилијантен, млад читател со спореден интерес за ужасни телевизиски емисии“ како што би ја опишал нејзиниот татко и што е најважно од сè, интелигенција и луцидност кои најчесто се излеваат во форма на симпатична иронија. И не може да не ја сакате.

Августус Вотерс е новиот пријател на Хејзел (подгответе се да бидете освоени уште на првата средба). И освен љубовта кон книгите, природната љубопитност и стилот на изразување, ја делат и истата трагична судбина на живот посветен на борба со ракот. Августус после операцијата поради која мора да му ја ампутираат ногата има 80% шанса за нормален живот без рак. Хејзел, по нејзиното „чудо“ кое што ја спасува од сигурна смрт, знае дека ќе живее додека функционира лекот, без можност дека некогаш би била вистински здрава. Што значи, знаат дека може да се изгубат еден со друг на ужасно болен начин, но знаат и дека:

„На овој свет немаш шанса да избираш дали ќе бидеш повреден, но имаш шанса да одбереш кој ќе те повреди.“

Бидејќи состојбата на Хејзел се влошува, Августус сака да ѝ ја оствари нејзината најголема желба – да го запознае авторот на „Империјална болка“ кој живее во Амстердам и конечно да го открие крајот на книгата без крај (книгата обработува слична тематика за девојче кое е болно од рак и завршува на сред реченица, симболика за нејзината смрт).

Хејзел на почеток одбива да биде со Августус поради стравот дека нејзината смрт би го повредила, но патувањето од соништата ги зближува и стануваат најсимпатичниот пар што некогаш сте го запознале. Иако Амстердам не ѝ го открива крајот на приказната бидејќи дознаваат дека писателот е всушност забеган алкохоличар, открива нешто сосема друго. Нешто што ѝ ја урива метафората (овие двајца обожаваат метафори) дека нејзината смрт ќе биде како граната, ќе ја докрајчи неа, но и засекогаш ќе ги повреди тие околу неа.

„И дури сега кога бев вљубена во граната, ја разбирав бесмисленоста на тоа што се обидував да ги спасам другите од моето претстојно заминување.“

Светот навистина не е фабрика за остварување желби, но понекогаш добиваме шанса за нешто неверојатно и како секоја добра книга на светот, оваа нè потсетува дека не смееме да ја пропуштиме поради стравот од болка и страдање. Како што веќе споменав, книгата е чиста емоција, без непотребни филувања и филозофирања и невозможно е да не се приврзете за приказната.

Инаку, книгата има и своја филмска преработка со Шејлин Вудли во главна улога (Jа гледавте во Divergent? Феноменална е!) и преслаткиот Ансел Елгорт, па сигурна сум дека е одлична.

На крајот, морам да му се заблагодарам на Џон Грин кој конечно ми разјасни зошто отсекогаш ги мразев оние клише фрази од типот „Без болка, како ќе знаеме за радост?“ во една мисла:

„Ова е стара расправија од областа на Размислување за страдање и нејзината глупост и недостатокот на софистикација би можеле да бидат испитувани со векови, но нема потреба да се потенцира дека постоењето на брокулата на никој начин не го подобрува вкусот на чоколадото.“

Ви велам, генијален е.

Изданијата на Сакам Книги можете да ги набавите од сите поголеми книжарници.

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдСакамКниги и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до недела, 14 септември 2014.

Добитниците ќе бидат објавени на профилите на Кафе пауза на Фејсбук, на Твитер и на Пинтерест, а наградите ќе бидат доставени по пошта.

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

  1. Anonymous Reply

    #СакамКнигаОдСакамКниги Jovanovska Natasa

  2. Bubuu Reply

    Koj e srekjniot dobitnikk ??
    😀

Остави коментар