Приказните на Вера Калин: Сакам да ги предизвикам луѓето да разберат дека светот не е црно-бел!

Приказните на Вера Калин: Сакам да ги предизвикам луѓето да разберат дека светот не е црно-бел!

Сте чуле за Верче Карафилоска? Можеби сте чуле, можеби не, но сигурно сте чуле за Вера Калин! Оваа 23-годишна девојка ни го претстави парадоксот за бездомникот кој носи златен часовник и ни покажа како се ловат светулки. Таа сосема заслужено ја носи титулата „најпродаван автор во 2016 година“ благодарение токму на книгата „Бездомникот со златен часовник“. Сите луѓе што ги прочитале нејзините книги успеале да се изгубат низ страниците и да се пронајдат во судбините на главните ликови. Несомнено е дека се работи за талентирана писателка, но која е Верче Карафилоска, а која е Вера Калин?

Приказните на Вера Калин: Сакам да ги предизвикам луѓето да разберат дека светот не е црно-бел!

„Верче Карафилоска е сонувач. Сака да минува време со инспиративни луѓе, но сака и самотија. Сака да создава убави спомени и верува дека светот е прекрасен. Верче сака да слуша за приказни за луѓе кои веруваат и кои се обидуваат да направат нешто. Се плаши од многу нешта, но не и од предизвици. Нераскинливо е врзана за надежта. Верче го љуби животот и сѐ што тој носи со себе“, открива Вера.

Вера Калин, пак, е слична, но сепак различна. Вера Калин е истражувач кој сака да го поминува своето време со различни и необични карактери. Ликови кои се осудуваат да прават нешта што Вера никогаш не би ги направила. Таа сака да создава убави зборови и верува дека замислените светови се волшебни.

„Вера сака да ткае приказни од конци што ги собрала наоколу: Од луѓето, од книгите, од филмовите, од соништата. Бестрашна е, или барем се обидува да биде. Не се врзува за ништо: ни за идеи, ни за зборови, ни за испишани страници. Вера ги љуби приказните и сѐ што тие носат со себе“, објаснува писателката.

Верче и Вера одлично се надополнуваат меѓусебно и оваа извонредна комбинација придонесува за големите успеси на младата авторка за која нема одмор! По нејзиното дело „Ловци на светулки“ таа подготвува нова книга и истовремено се подготвува за возбудливо патување во Сеул, Јужна Кореја. Таа отсекогаш посакувала да оди на размената на студенти што филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ја организира во соработка со Универзитетот Ханкук, па тоа била и една од причините зошто по завршувањето на Економскиот факултет, таа се запишала и на Општа и компаративна книжевност.

„Од првиот момент кога решив да заминам поминаа четири години. Да речеме дека ова е уште еден доказ дека сѐ што му треба на човек да си ги оствари желбите е трпение и упорност“, потврдува Вера.

Со Вера поразговаравме за предизвиците со кои се соочуваат писателите во Македонија, за тоа дали младите сакаат да читаат книги и за останатите проблеми што го засегаат книжевниот свет…

Приказните на Вера Калин: Сакам да ги предизвикам луѓето да разберат дека светот не е црно-бел!

Дали младите писатели во Македонија ја добиваат потребната поддршка од издавачките куќи?

Не е толку лесно да се издаде книга во Македонија, особено ако ја немате потребната помош. Вера Калин ни откри како изгледа еден процес на издавање книга.

„Има секакви случаи: Автори кои се потпираат единствено на ограничената финансиската помош од Министерството за култура, автори кои решаваат да бараат донации и спонзорства, па така го плаќаат издавањето, автори кои ги користат онлајн платформите за да објават некој ракопис и, секако, автори чии трошоци се покриени од издавачката куќа. Конкретно во мојот случај, издавачот целосно застана зад мене и ми овозможи не само финансиска поддршка, туку и одличен маркетинг, дистрибуција и заработка.“

Сепак, Вера признава дека некои автори ја немаат таа среќа. Понекогаш човек мора да се бори во животот и да го прифати таканаречениот „различен третман“. Според Вера, најважно е да ги знаете вашите силни страни и да бидете свесни за вашите недостатоци.

„Никој од нас не е ист, ниту пак пишува ист тип книги и нема потреба да се мериме на иста вага. Напротив, треба да ја најдеме нашата особеност и да бараме начин да се издвоиме“, советува Вера.

Зошто младите во Македонија многу ретко се осудуваат да ги објават нивните дела?

Несомнено е дека Македонија изобилува со млади таленти кои сакаат да пишуваат, но многумина никогаш не ги објавуваат нивните дела. Некои немаат доволно средства, а други, пак, не се доволно сигурни во нивниот талент и се плашат од критика. Вера има малку поинакво мислење на оваа тема. Таа не верува дека секој што пишува треба да издаде книга.

„Сите ние живееме раскажувајќи приказни и замислувајќи различни сценарија, па така и секој може да напише проста реченица, сложена реченица, две сложени реченици, па и да ги поврзе во цел текст. Но, тоа не значи дека секој може или треба да биде писател. ’Еден ден сакам да напишам книга’ е реченицата што ја имам слушнато безброј пати досега. Претпоставувам дека тоа е така затоа што книгата е едно од ретките нешта коишто остануваат да постојат долго после нас“, заклучува Вера.

Вера смета дека постои клучна разлика помеѓу луѓето кои сакаат да напишат книга и луѓето кои сакаат да станат писатели.

„Оние коишто сакаат да бидат писатели и не знаат како да живеат без да раскажуваат приказни речиси секогаш се решаваат да издадат. Оние на коишто само им се допаѓа идејата нивното име да стои на некоја корица, веројатно никогаш нема да решат да поминат низ целиот макотрпен процес на создавање нешто од ништо. Не би посветувала премногу време на изнаоѓање начини да се стимулираат повеќе луѓе да издаваат. Оние коишто не можат да замислат да не бидат писатели, веќе се доволно мотивирани од самиот внатрешен порив“, заклучува писателката.

Приказните на Вера Калин: Сакам да ги предизвикам луѓето да разберат дека светот не е црно-бел!

Продолжува на следната страница


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар