Зошто не треба постојано да им удоволувате на другите?

Зошто не треба постојано да им удоволувате на другите?

Секој од нас сака да биде безбеден, сакан и прифатен. Некои луѓе сметаат дека најдобриот начин да го постигнат ова е да ги тргнат на страна нивните чувства и да дозволат чувствата и потребите на некој друг да им бидат приоритет. Ова можеби функционира некој период и има помалку надворешни конфликти, но она што се зголемува е внатрешниот конфликт.

Зошто не треба постојано да им удоволувате на другите?

Оваа стратегија може да создаде многу проблеми. Можеби ќе работите понапорно со цел да го задоволите шефот, но тој воопшто да не го забележи тоа, или пак да сфатите дека работите нешто што не го сакате. Можеби постојано сте достапни за вашите семејство и пријатели и да не ви се допаѓа што само вам ве викаат кога е потребна помош.

Може да страда и љубовниот живот. Можеби постојано му давате сè на партнерот, но сепак се чувствувате неважно и вашите потреби никогаш не се задоволени. Можеби помислувате да ставите крај на ова однесување, но понекогаш се чувствувате дека мора да изберете дали ќе се жртвувате себеси или врската.

Полесно е само да го прифатите тоа

Веројатно често се чувствувате заробено, но веќе сте навикнати на тоа. Ако погледнете наоколу ќе забележите дека сепак постојат луѓе кои се сакани, а не ги задоволуваат сите. Можеби знаете и некој кој може да одбива покани и понуди, а сепак да е добар и сакан. Кога ќе го забележите ова, сигурно ќе се запрашате како сте се нашле сред овој неред.

Иако постојат луѓе кои одбираат да соработуваат и да бидат добри, вие се чувствувате како да немате избор. Вам ви е страв дека доколку одбиете некого, ќе страда врската, а вината и стравот од одбивање ќе ве преплават. И секој пат ви станува полесно само да се согласите и да прифатите, наместо да истапите за себе.

Започнува од детството

Некои деца сметаат дека безусловното исполнување на родителските желби е најбезбеден начин да преживеат во светот на моќните возрасни и најдобриот начин да ги добијат потребните љубов и прифаќање од родителите. Можеби родителите имаат високи очекувања, премногу критикуваат, имаат строги правила, не ја покажуваат нивната љубов, или ги казнуваат децата за нивните „грешки“. Кога родителската дисциплина е нефер и непредвидлива, децата учат да бидат внимателни за да ја избегнат.

Доколку постојано ги задоволувате другите, ќе платите

За жал ова однесување само прави да се оддалечите од себеси. Главното верување што го имате е дека вие сте личност што другите не ја сакаат. Па според вас, вашата вредност зависи од тоа колку некој ве сака. Имате потреба да бидете прифатени, разбрани, потребни и сакани. За вас најважно е да ги зачувате врските и ги отстранувате карактеристиките што не ѝ служат на таа цел. Го потиснувате гневот, секогаш се согласувате со другите и едноставно немате ваше јас. И најмалиот поглед со разочарување може целосно да ве обесхрабри.

Можно е дури да верувате и дека немате никакви права. Се чувствувате виновно кога ќе покажете некоја потреба. Сметате дека е себично да направите нешто за себе. Можеби сте биле наречени себични од себичен родител или партнер. Вашиот страв од напуштање е толку силен што повеќе сакате да останете во лоша врска наместо да си заминете.

Не сте свесни дека секој пат кога криете кои сте за да задоволите некој друг, се откажувате од почитта кон себе. Во процесот сè повеќе и повеќе се губи вашето вистинско лице. Сте ги жртвувале вашите потреби и желби толку долго што веќе не знаете ни кои се.

Можете да се промените

Можно е да се промените и да го најдете вашиот глас, вашата моќ и вашата страст. Можете да ги откриете вашите чувства и потреби и да ризикувате да ги задоволите. Тогаш ќе станете свесни за вашата вредност и ќе се ослободите од срамот кој не ни знаете дека го чувствувате.

Погледнете и како да се ставите на прво место.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар