Важноста на чантите за жените: Што кажува за вас онаа која ја носите?

Важноста на чантите за жените: Што кажува за вас онаа која ја носите?

Надворешниот изглед е начин преку кој го изразуваме своето јас. Се облекуваме така како што се чувствуваме, секој на свој начин и во она во кое се чувствуваме најубаво. Секое парче облека, секој додаток, чевлите… Сите овие работи кои внимателно ги избираме и комбинираме откриваат дел од нашиот карактер и по малку ја опишуваат нашата личност. Истиот случај е и со чантата која ја носиме. Таа е симбол кој на светот му кажува нешто повеќе за нас, па како таква има голема улога во оној т.н. прв впечаток кој го оставаме на некој кој го запознаваме за прв пат.

(1)-shto-kazhuva-za-vas-chantata-koja-ja-nosite-kafepauza.mk

Функционалност

Чантата е главно собиралиште за секоја потребна и непотребна работа, особено онаа женската. За првпат чантите се појавиле во средината на 19-иот век и со една единствена намена – во нив да се чуваат основните и неопходни работи. Со текот на времето, чантата добила двојна функција. Жените почнале да носат чанти кои го изразуваат нивниот моден стил, па денес чантата претставува и неопходен, но и моден детаљ на секоја жена. Така, доколку функционалноста на чантата е поважна за жената отколку модата, таа најверојатно ќе одбере чанта која е доста практична и во која може да ги собере сите неопходни ситници.

Големината е важна

Постојат милиони различни типови чанти, во сите можни бои и големини и секоја соодветна за различна пригода. Голема или мала, сѐ зависи од вкусот и потребите на жената. Големите чанти се најчесто избирани поради нивната функционалност, што не го исклучува фактот дека можат соодветно да одговараат на облеката. Малите чанти, од друга страна, се повеќе избирани за моден изглед, кафе шема или вечерни излегувања. Како големината на чантата влијае на изгледот? Доколку е чантата преголема во однос на телото на жената, се добива прилично неприроден изглед, односно пренатрупаност во поглед на додатоци, дури и ако имате само чанта на себе. Доколку чантата е премала за да ги задоволи потребите, се добива доста неуредна слика за личноста која ја носи, па таа воопшто не изгледа убаво.

2-shto-kazhuva-za-vas-chantata-koja-ja-nosite-kafepauza.mk_

Бренд

За некои жени, брендот на чантата која планираат да ја носат е многу важен. Се следат најновите модни трендови и се чита и слуша за најславните модни имиња, а сѐ што тие креираат е неверојатно привлечно и целосно ин. Од друга страна, носењето брендирана чанта кажува многу за социјалниот статус на личноста која ја носи. Тие се прилично скапи, па може да се претпостави дека жената која носи чанта од некој светски познат бренд е добро ситуирана. Но додека за некои жени е важно тоа што со брендираната чанта го изразуваат својот статус во општеството, за други брендот може да биде опсесија. Тие едноставно обожаваат некој бренд, па се случува да купуваат чанти кои дури не се ни практични. Но фактот дека се модерни и од нивниот омилен креатор е многу поважен за нив. Со други зборови, брендот е одраз на модниот вкус, стилот, но и на социјалниот статус.

Она што се случува внатре

Внатрешноста на чантата е одраз на културата, трпението и контролата на личноста која ја носи. Средена или хаос, полна или празна, со секакви глупости или исполнета само со потребните и неопходни работи. Секое од овие четири нешта открива поинаква особина за личноста која ја носи. Во поглед на самата чанта, жените кои се грижат за тоа каков впечаток оставаат на луѓето околу нив поверојатно ќе носат модерни и наизглед убави чанти, во кои ќе ги собере нивниот телефон, огледалото, паричникот и карминот. Оние жени за кои чантата претставува секојдневна потреба ќе одберат практична чанта, со повеќе прегради и џебови, во која лесно и организирано можат да ги сместат работите кои ги носат со себе, односно чанта во која собира сѐ.

3-shto-kazhuva-za-vas-chantata-koja-ja-nosite-kafepauza.mk_

И внатрешниот и надворешниот изглед на чантата кажуваат многу за секоја жена. Секој детаљ од чантата може да ни открие нешто за жената, карактерно или во однос на физичкиот изглед. Чантата е од големо значење за секоја жена, таа е чувар на нејзините лични работи, па не за џабе велат дека ако сакаш да дознаеш нешто повеќе за жената, треба да погледнеш во нејзината чанта.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар