Неколку совети што ќе ви помогнат при изборот на цимери

Тешко е да пронајдете некој со кој би можеле да живеете. Цимерите се личности со кои ќе треба да го поминувате поголемиот дел од времето, па затоа, многу е важно да се согласувате со нив. Секако, никој не е совршен, па ќе постојат моменти кога ќе треба да се обидете да го најдете најдоброто заедничко решение за сите, но на тоа какви ќе бидат вашите односи многу влијаат и нивните навики, личниот живот, очекувањата и слично. Наместо да доживеете непријатно искуство кога е веќе доцна за промена, погледнете ги овие неколку начини што ќе ви помогнат да ги намалите грешките при одбирањето личност со која би можеле заедно да живеете и споделите многу животни моменти.

Неколку работи кои ќе ви помогнат при одбирањето цимер

1. Мислете на иднината

Не избирајте ги цимерите импулсивно. Личноста којашто сте ја нашле преку оглас на Интернет или преку вашиот пријател, не мора да значи дека е она што го барате. Не прифаќајте некого само затоа што вашите пријатели ви тврдат дека е добар човек. Најдобро е тоа да го планирате еден период однапред. На пример, бидете поблиски со таа личност еден или два месеци пред да треба да почнете да живеете заедно. Така, ќе споделувате повеќе заеднички моменти и ќе можете да сфатите како личноста реагира во одредени ситуации, што ѝ смета, а што не, при што ќе можете и да донесете барем приближен заклучок за тоа дали вие би си одговарале или не. Не фаворизирајте некого само затоа што другите настојуваат на тоа. Сепак, вие сте оние кои треба да живеете со него/неа, па одлуката е ваша!

2. Дознајте детали

Закажете средба со личноста која треба да ви биде цимер/ка и поминете долго време во разговор. Поставувајте прашања чијшто одговор сметате дека ќе ви даде основа да донесете заклучок дали личноста ви одговара или не. Настојувајте да разговарате отворено и анализирајте ги добиените одговори. Иако можете да комуницирате преку телефон или социјални мрежи, сепак, најдобро е тоа да го направите очи в очи, затоа што ќе можете да ги видите реакциите и да ја слушнете интонацијата на гласот.

3. Дознајте за нивниот начин на живот

Никогаш не прекинувајте да поставувате прашања. Бидејќи секој најслободно се чувствува во својот дом, тој секогаш е и одраз за навиките на една личност. Но, бидејќи ретко кој би ве поканил во својот дом уште на првата средба, поставувајте прашања што се однесуваат на начинот на нивниот живот. Прашајте ги во врска со нивните навики за чистење, хобијата, музиката, начинот на исхрана, декорирањето на просториите, споделувањето соба со некој друг и слични прашања што ќе ви помогнат да имате барем приближна слика за нивниот начин на живот. Сепак, треба да сфатите дека вашиот цимер нема да ги промени лошите навики. Тоа што го гледате е тоа што ќе го добиете, па доколку некоја навика не ви одговара, подобро е да не започнувате да живеете заедно, за да не ги влошите односите.

Неколку работи кои ќе ви помогнат при одбирањето цимер

4. Разговарајте за трошоците

Трошоците се значаен дел од заедничкиот живот. Плаќањето кирија за изнајмен простор, трошоците за електрична енергија, комуналните услуги и трошоците за Интернет се големи прашања кои треба да ги разгледате уште на самиот почеток. Однапред договорете се на кој начин ќе ги плаќате овие трошоци, па и на кој датум ви одговара. Исто така разговарајте и за храната, односно дали ќе ја делите или секој ќе ги плаќа своите работи.

5. Претставете се и вие

Освен тоа што ќе ги слушнете одговорите од другата личност, одговорете и вие самите на истите прашања. На таков начин ќе го прикажете и вашиот карактер, па ќе дојдете до заеднички заклучок дали си одговарате или не.

6. Испитајте ја нивната состојба

Распрашајте се за нивниот живот. Сигурно не би ви било добро да живеете со некој кој има криминално досие, или пак некој кој има големи кредитни долгови. Доколку тие одбиваат да ви одговорат на овие прашања, тогаш тоа треба да биде некој сомнителен знак. Исто така алтернативен начин да ги проверите неговите изјави е да прашате и други луѓе за нивниот живот. Користете ја оваа стратегија за да се уверите со каква личност би живееле.

Како и да е, доколку сфатите дека личноста со која сте разговарале не ви одговара, не се откажувајте, продолжете понатаму и секоја претходна лекција додајте ја на наредната. Секако, никогаш не можете да бидете сигурни дали би ви одговарало живеењето со некоја личност, зашто можеби оние кои на почетокот ќе се покажат како најдобри, понатаму ќе бидат најголем проблем. Но, без разлика што не знаете што се крие во секоја личност, овие неколку прашања и совети ќе ви бидат од голема помош за да формирате некое мислење, па и да донесете одлука.

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар