Нарушувања во исхраната: Дали идеалите за убавина се вредни за нашето здравје?

Пред да започнете со читање на овој текст, ве замолуваме да го тргнете женскиот моден магазин од масата, да го исклучите телевизорот, да престанете да гледате фотографии на Инстаграм и да седнете во фотелјата, притоа не размислувајќи дали изгледате затегнато. Денес никој нема да ви ги гали очите. Идеалот за убавина постоел отсекогаш, па нема да го обвинуваме 21-от век што нè натерал да не го сакаме нашето несовршено тело.

1-narushuvanje-vo-ishranata-dali-idealite-za-ubavina-se-vredni-za-nasheto-zdravje-www.kafepauza.mk_

Она што е денес поразлично од минатото е тоа што има премногу медиуми кои наметнуваат (лажна) слика на беспрекорна женска убавина.

Колку пати досега сте добиле коментар на сметка на вашиот изглед?

Си ослабела, си се здебелила, си се опуштила? И на крај, колку таквите коментари директно или индиректно ве довеле до диети, прекумерно вежбање или пак прејадување?

Дали знаеме кога е моментот да престанеме со таа диета која ни го скршила духот и нервите? Проблемот е во тоа што имаме искривена слика за себе. Личностите кои се борат со килограмите понекогаш се губат самите себе во таа борба. Сликата за сопствениот изглед се искривува и очекувањата стануваат нереални. Она што следи може да замине премногу далеку…

3-narushuvanje-vo-ishranata-dali-idealite-za-ubavina-se-vredni-za-nasheto-zdravje-www.kafepauza.mk_

Булимијата и анорексијата се најчести нарушувања во исхраната и сите ние сме на некој начин запознаени со овие термини. Она што е лошо е што не сме баш најдобро запознаени со сериозноста на овие здравствени проблеми. Освен оние кои за жал го почувствувале тоа на сопствената кожа.

Заеднички одлики на булимија и анорексија:

  • Претерана грижа за тежината
  • Замор, депресија
  • Нередовен циклус
  • Претерана физичка активност

По што се разликуваат анорексијата и булимијата?

Анорексијата најчесто се одликува со намалување на оброците, и јадење нискокалорична храна. Понекогаш доаѓа и до претерано пушење цигари заради одржување на тежината. Личноста која пати од анорексија најчесто ја лаже својата околина во врска со својата исхрана и чувствува исклучително голем страв од дебелеење.

Булимијата пак, се поврзува со прејадување, после кое следи намерно повраќање или користење лаксативи за губење на сите тие внесени калории.

Најочигледната разлика, всушност, е во тоа што личностите кои патат од анорексија најчесто се впечатливо слаби, додека булимијата не подразбира толку нагло губење на тежината.

Како овие две нарушувања влијаат врз здравјето?

Многу! И тоа секој ден, во секој момент. Булимијата и анорексијата доведуваат до губење на енергијата од секојдневните активности, може да направат сериозни проблеми со хормоните, бубрезите и срцето. Исто така, може да доведат до депресија, која го прави извлекувањето од оваа приказна уште потешко.

4-narushuvanje-vo-ishranata-dali-idealite-za-ubavina-se-vredni-za-nasheto-zdravje-www.kafepauza.mk_

Како да се носите со ова?

Доколку се сомневате дека сте ја прескокнале таа линија помеѓу здравата грижа за тежината и опседнатоста со изгледот, воопшто не молчете за тоа. Разговарајте со семејството, пријателите, и побарајте стручна помош. Првиот чекор кон подобрувањето е секогаш во тоа да си признаеме самите дека имаме проблем. Размислете добро и тоа на време: Дали идеалите за убавина се вредни за вашето здравје? Дали сте подготвени да го менувате животот кој го имате за затегнат стомак и потенки колкови?

Што доколку некоја ваша драга личност се соочува со овие проблеми?

Прво и најважно, немојте да осудувате и не ставајте ја вината на личноста која има нарушување во исхраната. Тоа воопшто не помага, туку само го покажувате вашиот недостиг на емпатија. Имајте на ум, како што е случајот со соочувањето со секоја друга болест, најважна е поддршката, разбирањето и многу, многу трпение.

Анорексијата и булимијата се две добро познати нарушувања во исхраната, но дали знаете што е орторексија?

За авторот
Комуникативна, весела, оптимистички настроена. Обожава книги, музика, филм и приказни кои инспирираат. Сака да пие кафе, па макар и сама. Верува во себе и во своите можности, бидејќи кој не се обидел - не успеал!

Поврзани содржини

Остави коментар