Корисни совети за водење дневник

Корисни совети за водење дневник

Водењето дневник е одлично за искажување на своите мисли и чувства, забележување на случките во текот на денот, па дури и за пишување поеми или кратки раскази. Без разлика на поводот, еве неколку корисни совети за тоа како да почнете со пишување на дневник.

Корисни совети за водење дневник

Пишувајте секој ден

Се чини дека ова е најочигледниот совет кога станува збор за водење на дневник. Што и да ви се случува, запишете го во дневникот. Вашите мисли, чувства или сето она што ви привлекува внимание. Така ќе создадете навика за пишување и водењето дневник полека ќе ви прерасне во задоволство.

Носете го дневникот со себе

Секогаш носете го дневникот со себе. Тоа ќе ве потсетува дека треба да пишувате. А доколку се случи да го заборавите, направете си белешки на телефонот и подоцна само убаво разработете ги.

Направете си потсетник на мобилниот

Нека мобилниот ви послужи за уште една корисна работа. Направете си потсетник, кој ќе ве потсетува кога треба да пишувате во дневникот. Кога ќе заѕвони, престанете со она што го правите, одвојте неколку минути и пишувајте. Дури и во ова брзо темпо на живот, доколку навистина сакате, ќе успеете да пишувате и да бидете постојани во тоа.

Корисни совети за водење дневник

Одберете убава тетратка

Колку поубаво изгледа дневникот, толку попривлечна станува идејата да напишете нешто во него. Можете и самите да ги украсите кориците по ваш избор. Исто така, користете и специјално пенкало, што пак пишувањето ќе го направи вистинско уживање.

Читајте повеќе

Читањето го поттикнува размислувањето, ги шири видиците, го зголемува умствениот капацитет, и сето тоа позитивно се одразува врз самото пишување. Земете ја вашата стара омилена книга или пак некоја нова, што отсекогаш сте сакале да ја прочитате. Доколку немате време, тогаш одлучете се за кратки раскази или поеми.

Играјте со зборови

Направете листа од зборови, кои припаѓаат на слични категории и видите дали можете да ги поврзете во една целосна мисла. Така ќе почнете да размислувате за самата игра со зборови, што ќе ви ја поттикне креативноста и подоцна ќе ви помогне во пишувањето.

Корисни совети за водење дневник

Забележувајте сѐ што се случува околу вас

Пишувајте за работи од секојдневниот живот. На пример, за убавото дрво кое секогаш го гледате кога одите на работа. Сите тие нешта, на кои обично не обрнуваме особено внимание, подоцна може да станат инспирација за пишување поема или расказ. На овој начин ќе почнете да го забележувате светот околу вас и ќе сфатите колку убав и инспирирачки всушност е.

Не грижете се за пишувачката блокада

Пишувачката блокада им се случува дури и на најпознатите писатели. Опуштете се и уживајте во процесот. Пишувањето треба да биде задоволство, а не обврска. Во ред е доколку има и такви денови кога не сте расположени за пишување. Одете на прошетка во паркот или прочитајте добра книга, можеби тоа ќе ви помогне да се вратите во игра.

Почнете веднаш!

Почнете уште веднаш! Сега е најдоброто време да се почне со она што секогаш сте сакале да го направите. Одберете си ја најсоодветната тетратка и почнете. Претходните совети само ќе ви помогнат да ја изградите навиката за пишување и да уживате во водењето дневник.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран преведувач и толкувач. Непоправлив перфекционист. Љубопитна, интуитивна и насмеана. Ја сака уметноста и културниот живот. Идеалист. Верува во астрологија, убаво утринско кафе и позитивно размислување.

Поврзани содржини

Остави коментар